Интервју со Доц.Д-р Кристина Скепаровска: Pfizer - безбеден во бременоста
Искрена и своја, обожавана од своите пациентки, омилена кај своите студенти, по дома грижлива мајка и сопруга, вистински професионалец во својата работа-доктор Кристина Скепаровска, Специјалист по Гинекологија и Акушерство во ЈЗУ„Мајка Тереза" - Чаир и Доцент при катедрата за гинекологија и акушерство при Медицинскиот факултет во Скопје, со Женски Магазин се наврати на искуствата кои ги имаше во годинава што изминува, и уште еднаш си потврди дека е подготвена за новите предизвици кои ќе ги донесе новата.
* Вие д-р Скепаровска преку Вашите пациенти извојувавте една голема битка за себе, за нив, за општеството. Пожртвувано од утро до мрак без задршка бевте тука за трудниците и нивните бебиња скоро цели две години откако трае пандемијата на Ковид-19. Кои емоции, какви чувства имате кон целата оваа ситуација?
- COVID пандемијата донесе меланж од чувства. Како доктор, на почетокот чувствував неверица дека во мојот живот ќе осведочам нешто што дотогаш само сум го среќавала во учебниците за инфектологија и епидемиологија - пандемија, па и извесна, ете професионална љубопитност, како светот ќе се организира при соочување со нешто сосема ново и /непознато. Како гинеколог-акушер, почувствував товар: се наметнаа нужни мерки за заштита (маска, капа, ракавици, каљачи) кои влијаат врз квалитетот на контактот, а со тоа и на довербата меѓу вас и пациентот, која е суштествена кога имате поле на делување така дискретно и интимно како што е моето; понатаму, на почетокот на пандемијата се соочивме со силна апстиненција на пациентите од неопходните контролни прегледи, а со тоа уследија породувања на пациентки со една или ниедна предходна контрола што само по себе е високоризично породување во контекст на исходот; заради организирање на Клиниката за гинекологија и акушерство во COVID центар имавме силен наплив на пациенти кој требаше безбедно да се менаџира; денес товарот лежи врз едукацијата на бремените жени и дестигматизацијата на вакцината како примарна превенција. Конечно како мајка се соочив со предизвикот на транзицијата кон on-line настава и со сериозната социјална депривација која се исправи пред децата и адолесцентите.
* Многу родилки поминале пред Вас, толку исплашени од новонастанатата ситуација, многу лица во прашалници, во исчекување на своите бебиња. Да се помине сè не е лесно. Како ги охрабрувате пациентите, како се справува досега ЈЗУ „Мајка Тереза-Чаир“?
- Како и за секој страв на пациентите, така и за овој, клучен е вашиот однос, став и она што го зрачите. Мирен, спокоен и трпелив доктор секогаш успокојува. Ако при тоа пред вас е и доктор кој зрачи со сигурност и нема недоумици – тоа влева доверба и охрабрува. Тогаш имате не-пациент туку партнер кој ќе ги следи вашите совети и напатствија, а тоа е клучот за безбедна бременост и породување.
Инаку ете, од пристојна временска дистанца по почетокот на пандемијата, можам да кажам дека СБГА „Мајка Тереза“ одлично се справи со предизвикот и понесе огромен општествен и човечки товар како најголемо родилиште во државата во предходната година не зголемувајќи ја при тоа стапката на матернален и перинатален морталитет.
* Што доколку трудница заболи од Ковид-19? Која е процедурата на лечење и колку е тоа страшно за неа, а колку за плодот?
- Доколку бремена жена заболе од COVID потребно е да се јави на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за да може, сем грижата за бременоста, да добие и грижа за COVID состојбата. При тоа, не секоја пациентка ќе има потреба од болничко лекување, но контактот со терциерно ниво е битен. Што се однесува до исходот, бременоста, сама по себе, е состојба на имунолошка заспаност што ја прави трудницата поранлива на инфективни нокси во однос на останатите луѓе. Сепак досегашните бројки во нашата земја говорат за релативно малку смртни исходи кај трудници (вкупниот број од почетокот на пандемија е помал од 10) во однос на смртноста на општата популација. Тоа говори за добри заштитни мерки и внимателност на бремените жени што е секако за поздравување. Што се однесува до исходот по плодот, непосредни, директи ефекти видливи при породување – нема, но рано е да говориме за отсуство на ефекти воопшто бидејќи некогаш промените се манифестираат како функционален или развоен испад подоцна во животот. За декларирање на отсуство на такви секвели потребно е подолгорочно следење на тие деца.
* Досега нема многу информации за вакцинирање на трудници. Како Вие гледате на овој процес, што им препорачувате?
- За да не заболите од COVID 19 потребно е или да не дојдете во контакт со вирусот или да бидете имуни на него. Трето – нема. Ги прашувам бремените жени, дали навистина можат 9 месеци да бидат така изолирани, за да не го сретнат вирусот. Особено ако се знае дека не е потребно да дојдете во директен контакт со инфицирано лице, туку дека вирусот се шири по воздушен пат (ќе го сретнете не сретнувајќи човек). Секако, внимателноста и нееекцпозицијата многукратно ја намалуваат веројатноста за инфекција (веќе споменав во предходното прашање), но вакцинацијата е начин на заштита со највисок степен на ефикасност. За жал, трудниците масовно избегнуваат вакцинација. Моментално во СБГА „Мајка Тереза“ тече студија за односот на трудниците кон вакцината и прелиминарните податоци се разочарувачки. При тоа одговорноста ја префрлам на докторската фела. Веројатно не сме биле доволно гласни и јасни околу ова прашање. Па еве овде јасно да кажам: Pfizer вакцината е вакцина која го поминала тестот на безбедност врз трудници и сериозни светски професионални здруженија како што е Американското здруженија на опстетричари и гинеколози ја декларира како вакцина безбедна во сите периоди на бременоста почнувајќи од зачнувањето до породувањето и ја има во своите протоколи за работа. Мојата топла порака е: вакцинирајте се.
* Претстојат едни од најубавите празници, па ајде малку да се префрлиме на оваа тема. Како Вие ќе ги поминете новогодишните и божиќни празници? Дали имате време да ѝ се израдувате на празничната магија и еуфорија?
- Секогаш, ама баш секој декември и се радувам на таа предновогодишна магија. Мојот омилен „месец“ 19 декември- 19 јануари секогаш ме бои во едно познато празнично расположение кога сакам да се видам со старите пријатели, да седнам на греано вино кај моите родители, да го гушнам брат ми, да гледам маратонски новогодишно-тематски филмови со децата и да одам на after-work свирките со маж ми. А каде ќе се прослави самата новогодишна ноќ никогаш не било многу предизивкувачки во споредба со деновите пред неа и по неа.
* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)
- Всушност и имаше предизвици. На професионално поле, 2021 е година во која како нов доцент на Медицинскиот факултет во Скопје за прв пат имав искуство на контакт со студентите од позиција на предавач. Бев решена и посветена учебната материја да им ја изложам на начин кој ја доловува сета магија, логичност, конзистентност и убавина на гинекологијата и акушерството. Колку сум успеала во тоа- тие ќе кажат. Јас само знам дека уживав во искуството и им се радував тие средби.
На лично поле, годинава што заминува ја одбележа соочување со минувањето на времето и менувањето на нештата, губиток на долгогодишниот миленик – Бакс, соочување со потребата да се води повеќе сметка за своето здравје и да му се даде повеќе внимание на личниот спокој.
* Што си посакувате да Ви се оствари во годината што доаѓа?
- Би сакала на крајот од истата да речам: oваа 2022 беше една ѓаволски добра година; би ја повторила уште еднаш отпочеток!
* Ваша Новогодишна порака?
- Рецептот за инстант добра енергија е едноставен: секој ден подарете им на луѓето околу вас десетина насмевки и по некоја прегратка!
Даница Караташова Илиоска