Д-р Ранко Рајовиќ: На моите деца им кажав дека не мора сите оцени да им се петки - и не им беа

Добивај вести на Viber

Речиси на сите им е јасно дека образовниот систем кај нас е за големи промени. Еден од поддржувачите на радикалните промени во начинот на кој се третираат децата денес е Ранко Рајовиќ, авторот на програмата за учење НТЦ која се спроведува во училиштата во 20 земји во светот.

„Прво ми стана јасно дека работите не се добри кога двете поголеми деца Ива и Вук тргнаа на училиште. Тоа беше учење напамет и напорно учење. Мораа да ја повторуваат лекцијата 2, 3 пати и така неколку дена. Се тресea кога одea на училиште. Од самиот почеток им кажав дека не мора да ги добиваат сите 5-ки, важно ми беше да видам дека се трудат. И никој од нив ги немаше сите 5-ки. Добро се сеќавам на учителката на Ива, таа беше четврто одделение, ми пријде и ми рече: „Дај Ранко, да видиме што ќе правиме, таа ги има сите петки, освен по математика четворка...“ на што јас ѝ одговорив дека ни случајно да не ѝ става петка. Зачудено ме праша зошто. Па, затоа што ТАА знае дека не ја заслужила таа оцена. Наставничката се двоумеше затоа што ѝ беше жал да ѝ го расипе просекот, но на крајот ѝ стави четворка. Затоа што не заслужила ѝ дала до знаење дека четворката е нејзина. А не јас да трчам низ целото школо, по наставници и да ѝ ги поправам оценките, како што прават некои родители“, изјави Рајовиќ во емисијата „Да сам ја неко (да сум јас некој)“.

Ранко Рајовиќ зборувајќи за очекувањата што ги имал од своите деца кога станува збор за успех во училиште, вели дека никогаш не барал од нив да ги добијат сите 5-ки, само да се трудат.

„Секогаш им велев дека не мора да ги имаат сите 5-ки, и не им беа. На ниту еден од четворицата. Сите беа одлични, завршија факултет, продолжија на магистерски и докторски студии. И сега кога гледам од таа перспектива, училиштето треба да биде место каде децата си заминуваат среќни, место кое го сакаат, а не да се тресат од страв. Тогаш всушност почнав да размислувам како да им помогнам“, објаснува д-р Рајовиќ.

Училиштето мора да биде различно, смета овој експерт за детски развој кој предава низ цела Европа, од Норвешка до Грција. Во спротивно, немаме многу шанси.

„Она што е исто така голем проблем во Европа е тоа што 10-15% од децата земаат лекови за концентрација. Тоа е метилфенидат кој се дава за нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание. Некои од овие лекови се базираат и на амфетамини. И што значи тоа? Така, му даваме дрога на дете да не‘ слуша на училиште. Па тоа ли е училиште?“ - вели Ранко Рајовиќ и додава дека нешто мора да се промени.

Но, тоа, вели тој, не е единствениот проблем. На меѓународни тестови Европа стагнира, а Источна Азија секоја година е се‘ подобра. А ние, тврди Рајовиќ, сме под европскиот просек.

„Ова значи дека ако училиштето остане вака, немаме шанси. Кога зборувам за ПИСА тестовите, некои велат „па, ПИСА тестот не е важен“. Па што ако не сме добри, тогаш не е важно? За Германија тестот ПИСА е важен показател за развојот на земјата во иднина“.

Сепак, Рајовиќ вели дека овде не можеме едноставно да ги копираме образовните модели на другите земји.

„Кинескиот модел е добар за Кинезите, финскиот модел за Финците. Мораме да развиеме сопствен модел, а не да ги копираме другите.“ - вели Ранко Рајовиќ и додава: „За мене главната цел е да ја вратам смеата во училиште, да ги насмеам децаta. Големиот реформатор Јан Комениус рекол дека единствениот начин за успех на училиштето е да личи на игра. И на почетокот беше така. Денес, кога ги замолуваме децата да напишат еден збор што го опишува училиштето - никој не напишал игра“, заклучува Рајовиќ.


Фото: Youtube - screenshoot

Извор: Zelena učionica