Да не запре донирањето оброци за бездомниците: Здруженијата „Љубезност“ и „Ретвитни оброк“ хумани и во време на коронавирусот

Здруженијата „Вистински дека на љубезност“ и „Ретвитни оброк“ и во периодот кога траат мерките против ширењето на коронавирусот наоѓаат начин како да донираат храна на бездомниниците и на сиромашните семејства.

Ако претходно, секоја сабота во 13 часот пред споменикот на Мајка Тереза во Скопје се делеа домашно зготвени оброци за бездомниците, сега се организира слична акција, но на поинаков начин. Збирното место и денот се исти, но терминот е околу пладне, и се донира главно конзервирана храна. Исто така, волонтери носат и храна директно до домовите на загрозените семејства, оставајќи им ги пред домовите, без директен контакт.

„ На нашата Фејбсук страница дадовме апел со сите хумани луѓе за делење на храна на бездомниците, да донираат 1+1, еден месен нарезок и една сардина конзерва. Има доста луѓе и фирми кои се одзваа на нашиот апел“, ни изјави Тони Станковски од здружението „Љубезност“.

„Сè уште постојат и такви кои се нудат да готват, но не смееме  да си дозволиме ризик од евентуална зараза. Нити ние од здружението во овој период на превенција не готвиме“, ни изјавија од „Ретвитни оброк“.

„Иницијативата #ревитниоброк започна пред речиси пет години, (на 4 април одбележуваме 5 години постоење). Идејата се роди откако две од нашите другарки-членки Марина и Злата си муабетеа на „Твитер“, зошто сите ја сликаат храната што ја јадат за на „Инстаграм“, а никој не ја споделува. Па така се собравме неколку луѓе и во координација со Тони и Весна од „Вистински дела на љубезност“ за прв пат на 4 април споделивме храна со оние на кои им е навистина потребна. Сѐ останато е историја“, ни раскажа Мила Тасевска од https://www.facebook.com/retvitniobrok/ во претходно интервју.

Станковски од „Љубезност“ ја објаснува процедурата на донирањето храна во сегашни услови.

„Одиме малку порано во саботите на збирното место пред споменикот на Мајка Тереза, за да направиме ред. Соодветно сме заштитени, и на сите луѓе на кои им делиме храна им делиме и заштитни маски и ракавици. Додека се чека ред за да се подгигне оброкот, сите треба да се оддалечени барем два метри еден од друг. Од некои луѓе има реакции, зошто конзервирана храна место зготвен оброк како до сега, но наоѓаме начин да им објасниме дека безбедноста во овие моменти е најважна. Ни помагаат и ресторани кои работат на принцип на кетеринг. Тие донираат спакувана храна“, вели Становски и раскажува дека освен за бездомниците, здруженијата се грижат и за сиромашните семејства.

„Сите загроени семејства кои имаат потреба од донација на храна, ни се обраќаат на нашиот Фејсбук профил на https://www.facebook.com/ljubeznost/,  или кај на телефонскиот број 078-263-782. Нашите волонтери им доставуваат оброци директно на врата, без да стапат во контакт со луѓето“, додава Тони и апелира:

„ Да не дозволиме во овој тежок период, активноста која ја реализираме седма година по ред да запре токму сега“.

М.Џаровска