Да сме на чисто, додека живеам и дишам на прво место ќе ми се обична кошула, фармерки и високи потпетици
Многу брзо живееме, научивме се да е предостапно, се да е сега и веднаш без разлика кој е квалитетот на реализацијата и некако ни лизнува критериумот за подобро. Јадеме се што ќе ни се сервира брзо, fast food, купуваме се што е достапно од гардероба сега и веднаш, fast fashion и си себе наметнуваме западни вредности кои немаат никаква тежина на постоење.
Во вртлог на промоција на капиталистички конзумеризам се уште постојат будни индивидуи кои не потклекнуваат на масовна продукција. Откако застанав на нозе и прифатив дека не станувам помлада, баш напротив и телото и душата сигурно ми чекорат кон 40-ка сфатив дека за жена во тие години во моментов кога има се, нема ама баш ништо.
Маргинализирани сме на ниво на 20 годишни, од нас се бара да не старееме, по секоја цена да имаме младо мазно и совршено тело и понудена ни е гардероба која се носи само и единствено со тие критериуми. Јас лично си ја продадов младоста, можеби не на сопруг и деца, но изборите кои ги направив ме чинеа 10 години кои нема да ги вратам. И во даден момент ме проголта очајната потреба да ја вратам таа младост, се фатив себе си дека ниту се облекувам соодветно, а со тоа не се ни однесувам соодветно. Мојата младост помина со вишок килограми, многу алкохол и многу непроспиени ноќи, немав простор за блескање, се борев. И кога го доведов телото во форма која јас ја сакам одлутав во правец кој е тренди, а комплетно несоодветен на тежината кое моето искуство ја носи со себе.
Доброто кај мене е што знам да застанам, сама на себе да си влепам шлаканица и да видам каде се грешам, да се пребројам и променам. И кога ја направив таа промена и отидов до трговскиве центри да прошетам и да најдам гардероба за новата Ивана, сфатив дека во тој огромен избор нема ама баш ништо. Да сме на чисто, додека живеам и дишам на прво место ќе ми се обична кошула, фармерки и високи потпетици, но тоа не е гардероба по бонтон на една зрела жена за секоја прилика. Водена од таа емоција одлучив да превземам нешто со мојот бренд и да започнам производство по мерки. Нема жена која влегува во конфекциски број идеално, мора да разбереме дека женското тело е уметност, секоја пропорција е единствена и уникатна и баш заради тоа треба да постои начин таа уметност соодветно да се облече во прикладна гардероба. Иако сме само онлајн и за многу жени е несоодветно како така функционираме, сепак наоѓаме начин да изработиме наш модел по ваша димензија.
Се разбира има и ќе има грешки, но грешките се тука за да научиме и да се поправиме. Има начин за се на светов само ако се сака. Па така, наместо парче гардероба наметнато од индустрија и површни стандарди, добивате парче гардероба за кое некој се трудел, мислел, внимавал. Мојот бренд го работат само жени, сметам дека нашата енергија е единствена и поврзана и само друга жена може да те разбере во кој стадиум ти се хормоните, зошто си денес среќна или тажна и што тој еден мој фустан може да направи за тебе.
Многу е поинаку кога нешто ќе симнеш од рафт и ќе го пикнеш во торба, отколку кога нешто ќе ти стигне на домашна адреса направено специјално за тебе, ценовно многу блиску до она симнато од рафт, а направено со многу љубов и внимание. За оние жени кои се свесни која е тежината на тоа изработено парче, многу често истото им го менува животот, многу често знае да ми стигне слика во инбокс од насмеана жена со порака ова е заради тебе.
Заради тоа постојам, заради тоа бирам да ја работам оваа работа, тие ваши насмевки ме држат жива. И бирам да сум надвор од глобалниов конзумеризам, бирам да сум своја и единствена, совршена на свој начин како секоја од вас.