Дали би започнале бизнис во Македонија?
За Creative Hub верувам многу од Вас слушнале, бизнисот кој се најде на листата на Форбес, а чиј основач сум јас заедно со мојот дваесет и три годишен брат.
Кога решив да отворам бизнис во Скопје во август 2017 (иако имав веќе добиено понуда за работа во компанијата Силверси во Монако) многу блиски пријатели ме прашуваа зошто се враќам во Макеонија и ме разубедуваа во идејата.
Јас се согласувам дека општеството има голем број недостатоци и политиката има големо ( негативно ) влијание врз животот на луѓето, но исто така сметам дека тука е едно од најефтините места да се започне бизнис.
За да започнете бизнис во Македонија потребен Ви е основен капитал од 5000 ЕУР кој може да биде паричен или пак непаричен. Фирма може да регистирате за два до три дена.
Но што понатаму? Неспорно инвестицијата од 5000 ЕУР е многу мала и потребен Ви е поголем капитал. Исто така и пазарот во Македонија брои само 2 милиони жители, а куповната моќ на граѓаните е многу помала од просекот на потрошувачката по жител во ЕУ.
И сега? Дури мислам дека со насоката кон која оди оваа колумна веќе почнав да Ве разубедувам воопшто да отворите бизнис тука. Но, тоа не е целта.
Јас немам претходно искуство во приватен бизнис и немам ментор кој можев да го следам, но од моето искуство можам да кажам дека не постои вистинско време да започнете со бизнис. Парите никогаш не се доволно, а како ќе растете Вие и Вашата фирма и многу други работи нема да бидат доволни ( капацитети, вработени итн.)
Но, она што ќе го добиете, од аспект на искуство, стрес, контакти со луѓе е неспорно школо што вреди за цел живот. Затоа “Да!”. Кога би ме прашале дали повторно би започнала бизнис тука ќе речам “Да”.
Во едно интервју ме прашаа “На што сметам дека се должи успехот да се најдеме на листата на Форбес?” Истото ќе го повторам “Акција, работа и вложувајте во себе ( конференции, семинари). Приватниот бизнис бара 24/7 посветеност и работа. Клиентите често пати ни пишуваат и во 5 наутро и во 12 навечер, но ние како бренд мораме да бидеме спремни на тоа. Ако не одговориме ние, ќе побарат некој друг. Исто така треба да бидете во тек со се. Дигиталниот маркетинг направи една промена на пазарот како ниеден друг медиум пред него. Денес клиент што ќе ја отвори Вашата веб страна или Фејсбук страна или ЛинкедИН профил е исто како да дошол кај Вас во фирма. Мора да вложите таа да изгледа добро. Две прашања се значајни според мене во процесот на создавање на фирма : Како ќе правите пари? Дали сте спремни да го посветите целото време на таа фирма? Не верувам многу во тоа, кој проблем ја решава вашата идеја. Се е веќе измислено. Се е веќе решено. Како Creative Hub има уште 5 центри кои го решаваат истиот проблем, но само Creative Hub успеа да стигне до Форбес. Има зошто.
Но без реализација, без посветеност и акција, без почетнички капитал, Вашата фирма е само идеја во глава што чека да биде реализирана ”.
И сосема за крај оваа колумна не е кампања за да регистрирате
фирма во Македонија, туку искуство на некој што можеби пред година дена
размислувал исто како Вас.
Акција, акција и само акција. Learning by doing.
* Авторот е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019