Дарка Звонар Предан: Борис Пахор се радуваше што неговите раскази ќе се читаат на македонски јазик

Добивај вести на Viber

Во предвечерјето на 13 февруари (вторник), во топлата и пријатна атмосфера во книжарницата на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се одржа промоција на збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор. За книгата зборуваа Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, Дарко Спасов, преведувач од словенечки јазик и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“. Настанот беше поддржан од словенечката амбасада во Македонија, а меѓу присутните беше и амбасадорот на Република Словенија, господинот Грегор Прескер.

Дарка Звонар Предан, која ревносно го истражува творештвото на Борис Пахор и која е авторка на поговорот поместен во македонското издание на расказите, ја раскажа животната врвица на писателот од Трст, кој во својот долг животен век ги посведочил ужасите од двете светски војни и преживеал пет концентрациони логори како политички затвореник и поддржувач на отпорот. Пахор е запаметен како жесток антифашист и поборник за етничката кауза на приморските Словенци и гласен противник на тоталитаризмите, вклучително и на југословенскиот комунизам. Во расказите од „Грамадата на пристаништето“ тој опишува реалистични настани од опресијата и асимилацијата на црнокошулците врз приморските Словенци и многу живо го доловува стравот на потчинетите граѓани и нивната немоќ да влијаат врз сопствената судбина, напати вметнувајќи и суптилна критика за прифаќањето на таквата состојба.

Преведувачот Дарко Спасов истакна дека објавувањето на „Грамадата на пристаништето“ на македонски јазик е од особена важност, затоа што Македонците и Словенците споделуваат исти историски приказни, дека и двата народа имале низ историјата „мачители“ кои оставиле сериозна трага во растењето, во фенотипот на однесувањето, што се изместува(л) со секоја дразба. Начинот на кој Пахор го опишува сето тоа е како да слика и расказите во оваа збирка оставаат силен, но и познат впечаток.

Борис Пахор (1913 – 2022) е еден од најважните и најпреведуваните словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф. Сиот свој животен век се декларира како антифашист и сведок на фашистичкото насилство врз Словенците во Италија и на страдањето во конц-логорите во Германија за време на Втората светска војна. Тој е жесток поборник за националноста како примарен општествен идентитет.

Збирката „Грамадата на пристаништето“ е првпат објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели.

Во збирката се застапени шест раскази: „Грамадата на пристаништето“, „Пеперуга на закачалката“, „Бродолом“, „Цвеќе за лепрозниот“, „Ориент експрес“ и „Непоимливото прашање“. Секој од шесте раскази обработува вистински настани од животот на приморските Словенци по доаѓањето на власт на италијанските фашисти, а кои ги доживеал и самиот Пахор како дете и тинејџер. Низ очите на ликовите го сведочиме палењето на Народниот дом, симболот на градот Трст, асимилацијата на Словенците од страна на црнокошулците, убиството на славниот композитор Лојзе Братуж и бруталните механизми за принуда од страна на фашистите.

„Грамадата на пристаништето“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на интернет-продавницата www.literatura.mk, преку следниот линк https://www.literatura.mk/raskazi/36830-gramadata-na-pristanisteto