Децата заслужуваат мајка која се смее

Добивај вести на Viber

Кога го родив синот, имав потреба да му ги симнам ѕвездите од небо. Како и секоја мајка. Секако, тоа е нормално. Кога се бебиња, потребно е да ги опкружуваме со својата грижа и внимание. Тоа е практично нашиот начин да ги прочитаме неговите мисли.

Но, децата растат. Со тој раст, расте и нивната потреба сами да го спознаваат животот. Тоа е процес кој колку и да се трудиме, не можеме да го сопреме, а да бидеме искрени, не ни сакаме. Сите сме восхитени како од тие мали човечиња, на почетокот со големина колку дланка, израснува човече, кое секој ден е поголемо. Како што децата растат, така се намалува потребата од нашата улога во нивното секојдневие. Ова понекогаш ме збунува, а некогаш и ме фрустрира. Јас сакам  да си го галам, гушкам и бакнувам, секогаш. Но, таа моја желба ќе мора да научам да ја контролирам. Цел на секој добар родител треба да биде подготовката на детето за самостоен живот во едно општество.

Токму и затоа сфатив дека не треба да заборавам на останатите мои улоги. Јас не сум само мајка. Како и секоја жена, јас сум и партнерка, сестра и другарка. Понекогаш е тешко да се направи спој и совршено да се вклопат сите тие улоги во едно. Но, како жена, знам дека можеме. Можеме секогаш и повеќе, иако ни се чини дека сме дале сè од душа.

Додека ги гледам промените кои околу мене се случуваат, сфаќам дека наскоро ќе треба да си го реорганизирам времето кое го посветувам на децата. Нивниот дневен компас ќе вклучува повеќе саати со другарчињата, а помалку време со родителите. Во тоа драгоцено време ќе морам да научам да ја контролирам потребата да укажувам и наметнувам мое мислење, затоа што забележувам дека таа умна глава веќе убаво работи на своето јас. Секако, ни тој, ни јас сме секогаш во право. Верувам и се надевам, секогаш низ муабет ќе си ги ревидираме ставовите.

Верувам дека секоја мајка исплашено ги разгледува опциите кои иднината ги носи, слично како мене. Но, некои промени ќе се случат, без оглед на нашите стравувања од иднината која доаѓа. Затоа сега треба да кажеме што сакаме, што мислиме, но и да слушнеме што децата сакаат и што мислат. Понекогаш е доволно детето да научи да размислува дека животот тече, дека нема идеалност во него, дека проблемите постојат, но не за да се скријат, туку за да се решаваат. Она што треба децата да го сфатат е дека без оглед на тоа што може да се случи во животот, вие ќе бидете нивното сигурно место.

Ако децата не научат сами да се грижат за себе, на соодветна возраст, нема да успеете да ги заштитите комплетно.Вашата грижа нема никаква позитивна функција, освен да биде потврда на љубовта. Мајката секогаш верува дека ако не се грижи и е рамнодушна, тоа може да биде негација на љубовта, а и доказ за лошо мајчинство. Но, не е така.

Децата не треба да имаат играчки на претек. А тоа го дозволуваме сите ние. И јас, признавам дека како мајка во мојата желба за симнување на ѕвездите, понекогаш се заборавам. Во суштина, на децата им требаат стабилни родители. Оние кои ќе им пружат љубов, топлина, сигурност и прегратка кога ќе биде тешко.

Токму поради тоа, за среќата на моето дете, и јас како и многу други мајки, научив дека прво морам да бидам среќна и задоволна, наместо уморна и постојано загрижена за утрешниот ден. Тој секако ќе дојде. Затоа морам да научам да се сакам малку себеси. Да не чувствувам вознемиреност во желбата да направам нешто за себе. Јас тоа го заслужувам. И моите деца заслужуваат мајка која се смее и која умее да го живее животот. Можеби најмногу поради лекцијата која на тој начин може да им ја пренесе.

Понекогаш е доволно да се препуштиме на убав разговор со другарката или да гледаме убав филм, да одвоиме време за вечера со партнерот. Нема ништо погрешно во тоа. Напротив, тоа ќе ни даде сила. Ние со улогата на родител не ја избришавме улогата на човекот од нашиот живот. Сè уште сме истите луѓе кои имаат и свои амбиции, соништа и интереси. Само треба да се усогласат. Мора да најдеме мерка. Таа мерка ќе ни помогне да бидеме сигурно место, кое секогаш ќе биде заштитник на нашите деца. Ние не треба да биде магнет од кој не ќе можат да се одлепат, туку ветар кој секогаш ќе ги потсетува дека не се сами.

Светот не е магично место. Но, во детскиот свет вие секогаш имате посебно место. Токму и затоа, кога почнуваат да растат, дајте им ја слободата. Откачете се од својата улога на заштитник по секоја цена. Вашето дете не е неспособно. Токму и затоа ослободете го од вашата презагриженост. Децата мора да научат дека светот е убаво, но и опасно место.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска