Депресијата не поминува со тапкање по рамо: Стручњаците за болеста поради која расте бројот на самоубиства

Добивај вести на Viber

Живеејќи со брзо темпо, во трка по кариера, пари и среќа, многумина од нас забораваат дека и тагата е сосема нормална работа, нешто со кое што треба да се носиме и да соочиме како и со среќата, велат светските психолози. 

Депресијата, според српскиот психотерапевт, колумнист и писател Марко Браковиќ станува една од најскапите болести на денешницата, затоа што долго и тешко се лечи.

„ Тагата е нормална, здрава работа, но патолошкото тагување, тоа се знаци на депресија. Таа наскоро ќе биде во врвот на сите болести, и е најскапа болест е, затоа што што лечењето долго трае“, објаснува Браковиќ.

Сѐ поголема е листата на луѓе кои си го одземаат животот поради депресија, каков што според британските медиуми беше случајот со Кит Флинт, пејачот на групата „Продиџи“, кој се обеси во неговиот дом во Есекс, Британија. На сличен начин, заврши животот и на познатата македонска актерка Билјана Беличанец, која завчера се самоуби со бесење, во својот стан во Скопје. 

„Пред само десетина години депресијата беше мистериозна болест и за неа не се зборуваше толку многу јавно и луѓето не беа информирани како да ја препознаат и да превенираат. Денес за депресијата се зборува толку многу, се пишува исто толку со илјадници истражувања и научни студии, а сепак превенцијата е толку малку присутна. Депресијата не се случува само во светот на славните личности, туку се случува и кај обичниот човек. Не се случува некаде далеку во светот, туку се случува и кај нас“, објаснува за Женски магазин психологот Бојана Стојменовиќ.

„ Тоа може да биде твојот комшија, мојот, пријателот, партнерот, омилениот актер, музичар, продавачката во маркетот. Депресијата е сериозна болест која не бира образование, години, пол или пак место на живеење. Може да се случи на сите и затоа е од голема важност сите да бидеме информирани да ја препознаеме, да знаеме како да превенираме и секако каде да побараме стручна помош. Лицето кое страда од депресија  може подолго време да ја задржи својата надворешна фасада, додека внатрешно буквално се распаѓа. Суицидот за жал е само крајната станица на депресијата“, додава Стојменовиќ.

Депресијата е сериозна болест која не бира образование, години, пол или пак место на живеење.- психологот Бојана Стојменовиќ 

Според Проф. д-р Татјана Стојаноска- Иванова од Институт за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, депресијата е еден од клучните фактори за самоубиство во совремието и тоа не само кај славните-познати личности, туку и кај луѓето кои немаат влијание во општествениот дискурс. 

„ Имено, современиот начин на живеење, трансформациите што се случуваат со енормна брзина во семејството, влијанието на масовните медиуми, промената на вредносниот систем и др. придонесува да луѓето не можат да се носат во чекор со сите тие промени и секако оние кои не можат да ги издржат или да се снајдат во сите тие трансформации, имаат полабилен карактер, не доволно поддршка од примарните групи за социјализација, се одлучуваат на суицидалност. Кај славните личности можеби видот на самоубиство е , во Диркемов контекст кажано, егоистично, бидејќи не се реализирни во потполност сите негови очекувања, од пиедестал на најпопуларни и влијателни личности, во одреден период се занемарени, потоа приватноста им е потполно нарушена, и дел од нив не можат да се носат со проблемите кои катадневно ги тиштат, а очекувањата од нив се поголеми во однос на обичниот човек, бидејќи се славни и се креатори на јавно мнение, носители на одредени функции, а исто така често пати треба да прават нешто што е спротивно на нивниот морален и вредносен кодекс и токму затоа запаѓаат и во депресија и едно од решенијата на таа депресија е суицидот“, објаснува Стојановска- Иванова. 

Од друга страна, додава таа, може да се сврсти и во аномично самоубиство, посебно кога се разнишани институциите на системот, постои општетсвена аномија (безредие, нормите се лбилни) и познатите, посебно носителите на јавни функции, не се во можност нешто да поправат, а од друга страна се на позиција и од нив се очекува да придонесат за подобро утре и депресијата може и во такви ситуации да стане дел од нивното секојдневие и тие да се одлучат, без да размислат за последиците, на суицидалност.

Кај нас,одењето кај психијатри и психолози е далеку од европското ниво.- Проф. д-р Татјана Стојаноска- Иванова 

„ Со право може да се каже дека кај нас одењето, посетувањето на стручни и компетентни лица (психијатри, психолози и сл.) е далеку од европското ниво, кај нас сѐ уште постои тој традиционализам во контекст на размислувањето- мене не ми е потребна стручна помош, сам ќе се изборам или со помош на блиски. Мора да ги надминеме таквите сфаќања бидејќи само стручни лица се компетентни да ти пружат помош , посебно во ова совремие, кога депресијата не бира ниту возраст, ниту професија. Мора да се соочиме со фактот дека колку побрзо си признаеме дека имаме реален проблем толку подобро за нас, бидејќи стручната помош е секогаш добредојдена и неопходна кога се соочуваме со одредени ситуации со кои реално самите не може да се справиме. Затоа и ја препорачувам серијата на терапија која на себе својствен начин токму ги руши табуите и покажува дека не е ниту страмно ниту страшно да побараш стручна помош доколку ти е потребна“, ни изјави професорката. 

„ Депресијата не поминува преку ноќ, со охрабрувачки зборови и тапкање по рамо.“, се надоврзува психологот Стојменовиќ. Таа нагласува дека е потребна стручна помош, несебична подршка, внимание и грижа од блиските. 

„ Не се дистанцирајте, туку понудете практична помош и станете партнер во лекувањето“, порачува Стојменовиќ. 

Сепак, вели таа, кај нас луѓето сѐ почесто се консултираат со психолозите и психијатрите и веќе тоа не е толку табу тема како што беше пред неколку години. 

„ За тоа сметам дека придонесовме ние психолозите затоа што почесто пишуваме за важноста на менталното здравје и организираме различни тематски настани кои се отворени за сите. Мојот придонес во нашето општество во однос на кревањето на свеста за менталното здравје го правам на овој начин и преку социјалните мрежи, мојата Фејсбук и Инстаграм страна Мој психолог и преку индивидуалните советувања во Мој психолог. Ме радува што во моето советувалиште сѐ почесто има луѓе кои сакаат да работат на себе и стануваат свесни за себе и за одговорноста кон целокупната своја благосостојба“, објаснува психологот Стојменовиќ.

Милица Џаровска