„Детето се идентификува со родителот, па родителското однесување и доживување станува негово“: Психолог м-р Дора Попова Узуновски за носењето на децата на стрелиште
Проблемот е системски, целта на денешниот глобален систем е дигитализација и остварување на профит која ја дефинира вредноста на сликата на поединецот за себе
Балканот сѐ уште е во шок од масакрот кој се случи во основно училиште во Белград и тоа од страна на 14 годишен ученик. Според информациите кои се пласираат во јавноста ученикот кој пукал бил одличен ученик и дете на родители кои имале изградени кариери, но исто така се зборува дека тој бил малтретиран од врсниците и бил жртва на булинг. Овие слики се гледаа најчесто во САД, а некако сега кога ни дојде во комшии, многу повеќе се загриживме и многупосериозни станавме.
По немилиот настан кој се случи во Белград, кој некако нѐ „тресна“ од земја сите и се надевам ќе нѐ освести повеќе во иднина, на она кое навистина е битно и важно во животот, а тоа е растењето и воспитувањето на нашите деца, на идните наши генерации... па повеќето граѓани своето мислење го искажуваа преку социјалните мрежи, но и многу психолози и други стручни лица се огласија низ емисии, па деновиве може да се прочита сѐ и сешто: Кој е виновен, зошто имало пиштол 14- годишно дете, дали нависитна детето кое пукало кон своите соученици било жртва на врсничко насилство, кои се факторите кои довеле до оваа ситуација, каква улога во цела ова ситуација има општеството, а каква родителите, професорите...
На оваа тема треба многу да се зборува, често, јасно и гласно. Да се зборува со родителите, со децата, со професорите, со сите засегнати страни, а ние овој пат зборуваме со психологот, психотерапевт и м-р по психолошки науки, Дора Попова Узуновски.
*Што може да го натера едно 14 годишно дете да посегне по туѓ живот?
- Сите 14-годишни деца не се исти, затоа не можеме да го генерализираме одговорот на прашањето, посебно не во екстремни ситуации како што е актуелната. Кога зборуваме за конкретното дете кое го извршило делото, според достапните информации од медиумите, знаеме дека се работи за дете со одличен училишен успех и висока интелигенција. Посегнувањето по туѓиот живот е екстремна реакција на нешто што се случувало во неговиот личен живот, но тоа нешто е потребно да се истражува. Ете, се вели дека детето било жртва на врсничко насилство. Се разбира, не секое дете кое е жртва на врсничко насилство би посегнало по нечиј живот. Пред неколку месеци кај нас имаше спротивна екстремна ситуација кога средношколец се самоуби. Двете реакции се наоѓаат на истата линија само на спротивните краеви. Едното дете ја свртело агресијата кон околината, а другото дете кон себе. Механизмите на одбрана и его-силите различно се развиваат кај секоја личност. Затоа само едноставно да кажеме за овој ескремен случај дека се работи за незадоволство, депресивност, анксиозност или што и да е друго, ќе биде само тривијален одговор.
Родителите претежно ги препознаваат знаците на насилно однесување кај децата, но често не реагираат на нив
*Во јавноста, а особено на социјалните мрежи се зборува сѐ и сешто. Како стручно лице кое работи со деца може ли да истакнете кој сѐ има одговорностза оваа случка? Родителите, училиштето, општеството...
- Личноста секогаш се формира во контакт со средината каде што живее и работи. Средината е тесна, во рамки на семејството, но и широка во рамки на социјалниот контекст. Секое време на живеење носи своја психолошка невроза. Не постоело и не постои идеално општество. Општествениот систем е најкомплексната и најголемата структура кој се формира согласно со целите на политиката, економијата и социјалниот живот. Целите понатаму ги дефинираат вредностите кон кои ќе се стреми колективот со цел истите да бидат остварени за системот. За жал, тие цели и вредности често се спротивни на автентичната човекова природа. Така што, да ја дадеме одговорноста исклучиво на родителите е тешко, бидејќи и тие родители имале свои родители кои растеле во некаков систем на вредности кои имале одредена цел. Проблемот е системски, целта на денешниот глобален систем е дигитализација и остварување на профит која ја дефинира вредноста на сликата на поединецот за себе. Луѓето генерално се проценуваат и оценуваат според “етикетите“ кои ги носат. Повисока етикета значи и остварување на повисок профит. Колку е посилна инвестицијата во сликата, наспроти контактот со автентичната природа, толку повеќе расте агресијата кај личноста бидејќи внатрешната природа бара одвнатре да биде слушната и реализирана и по секоја цена таа ќе го пронајде својот пат како да излезе на виделина. Манифестацијата на агресијата е крик кој вели: Слушнете ме! Видете ме!
*Како родителите да ги препознаат знаците кои укажуваат на насилно однесување кај децата?
- Родителите претежно ги препознаваат знаците на насилно однесување кај децата, но често не реагираат на нив, односно не ги земаат како нешто сериозно или здраво за готово. Од искуство во пракса знаеме дека се случува родителите да бидат позагрижени околу сликата што детето ја остава во својата околина, наместо за причината што ја поттикнува неговата агресивност. Кога се обидуваат да ја супримираат таа агресија, целта е да создадат добро-воспитано дете во очите на јавноста, но како што посочив, не се грижат за изворот. Агресивното однесување може да биде очигледно, тоа тешко се сокрива, но може да биде и пасивна агресија, која тешко се открива. Агресијата може да биде манфиестирана физички, но и вербално. Сарказмот и иронијата се исто така вербална, пасивна агресија. Агресија може да биде и тишината во форма на отпор, но може да биде и автоагресија насочена кон себе во форма на деструктивни однесувања.
Агресивното однесување може да биде очигледно, тоа тешко се сокрива, но може да биде и пасивна агресија, која тешко се открива
*Кои фактори го подигнуваат ризикот за насилно однесување?
- Многу е важно да се направи разлика меѓу позитивна агресивност и негативна агресија. Агресијата како агресија е вродена енергија во човекот и има пред се преживувачка цел. Агресијата во форма на акција и на иницијатива ни е потребна за да оставриме некоја базична потреба или позитивна желба. Во тој случај таа агресија е пожелна. Меѓутоа агресијата станува негативна токму тогаш кога кај личноста не се препознаени и задоволени базичните потреби. Тогаш се раѓа насилството. Ризик фактори може да има многу и различни. Претеран перфекционизам, високи очекувања, неодговарање на детето кога тоа нему му е потребно, не пружање на сигурност, стабилност и предвидливост, отсуство на емпатија кон него, но исто така и постојана изложеност на агресивни однесувања, како и учење по модел.
* Што да направат родителите доколку детето покажува насилно однесување?
- Сѐ што се појавува кај децата, се појавува како симптом на дисфункционалност во семејното, училишното или социјалното опкружување. Насилното однесување е симптом, односно последица на нешто што не е во ред. Агресијата се појавува под голем притисок кој влегува во границите на личноста и првичната нејзина функција е заштита на поединецот од тој притисок и поставување на граници. Доколку личноста не е во можност на здрав начин да се заштити, тогаш агресијата станува деструктивна навика. Затоа, доколку се појави насилно однесување кај детето, прво е важно родителите да се запрашаат дали детето се наоѓа под некој висок притисок во својата околина која ги нарушува неговите можности за здраво живеење. Дали можеби тие имаат улога во извршувањето на тој притисок. Во секој случај важно е насилството да се разбере, бидејќи само разбирањето доведува до промена. Доколку се осуди само повеќе “се долева масло на огнот“.
Важно е насилството да се разбере, бидејќи само разбирањето доведува до промена
*Што да направат родителите доколку детето им открие дека е жртва на врсничко насилство?
- Должност на родителите е да го заштитат своето дете и веднаш да бараат превенција во училиштето, но исто така и да го научат на лична одбрана, како и да истражат што е тоа што довело нивното дете да биде жртва на врсничко насилство. Проблемот е што често пати кога ќе откријат, училиштето не излегува во пресрет, односно нема доволно развиени механизми за заштита на учениците. Исто така, генерално за жал во училиштата недостасува позитивна селекција и поттикнување на позитивна комптетитивност која ќе биде фокусирана на остварување на морални вредности.
*Кои последите ќе останат врз децата кои биле во училиштето но за среќа се живи, но сепак го преживеале целиот овој терор?
- Децата, но и возрасните кои го преживеале овој терор, моментално се соочуваат со ситуациона траума. Првата фаза на ситуациона траума е шокот, кој биолошки има за функција брзо да ја подготви личноста за преживување. Потоа, во втората фаза се активира системот во телото на fight, flight or freeze, кој ја става личноста психолошки и биолошки во состојба на будност. Во таква ситуација, будноста го покачува нивото на стрес во организмот и колку подолго трае, толку поголеми последици може да има за самиот организам. Откако ќе помине фазата на преживувачката борба и личноста конечно се почувствува пронајдена на безбедно место, се случува емоционалното ослободување на тага и/или бес. Тогаш, личноста сфаќа што всушност се случило. Но, доколку трае подолго време фазата на будност, може да нѐ дојде до ослободувањето на емоциите. Пожелно е децата, но и возрасните кои биле сведоци да посетат стручно лице во догледна иднина со цел да можат да работат на ослободување од траумата, односно на емоционалното ослободување и повторно да се почувствуваат психички безбедно.
*Според информациите кои кружат во јавноста детето уште пред неколку години, значи помал од 14 години со татко му оделе на стрелиште каде учеле т.е вежбале да пука. Дали едно дете пред полнолество треба да биде запознаено со огнено оружје?
- Веројатно(сега претпоставуваме) дека родителот на детето се бавел од хоби со оружје, па според достапните информации го носел и детето на стрелиште. Важно е да се истражи причината и целта на родителот зошто го носел детето со себе. Дали можеби сакал да го научи на нешто? И зошто сакал да го научи на тоа однесување? Децата ги наследуваат постапките од родителите. Исто е важно да се истражи зошто самиот родител одбрал такво хоби какво што одбрал? Во пукањето со пиштол постои висока доза на она што популарно се нарекува “адреналин“. Високиот адреналин кога е присутен дава моментално чувство на моќ и сила. Кога некоја личност е навлечена на таа потреба да чувствува нешто такво, се поставува прашањето, зошто и е потребно тоа чувство на сила и на моќ? Дали можеби нешто компензира со тоа доживување? Хобиата и професиите со кои се занимаваат луѓето во одредена мера зборуваат за карактерот и потребите на личноста. Детето се идентификува со родителот, па родителското однесување и доживување станува негово, интернализирано. Тоа значи дека и детето на одредено ниво, можеби несвесно ја чувствувало таа сила и одобрение да се занимава со пукањето.
* Како родители како можеме да им влијаеме на децата, доколку нашето дете врши булинг?
- Доколку родителот открие дека неговото дете врши булинг, потребно е самиот да биде свесен за последиците кои неговото дете ги остава врз некое друго дете. Врсничкото насилство е како домино ефект. Некои деца почнуваат, а други само се приклучуваат. Изворот може да биде во семејството, но може и да биде научено од околината. Одговорност на родителите е да го спречат тоа однесување кај своето дете со тоа што ќе истражат кои се неговите мотиви и што сака да постигне. Потребно е да се подигне самокритичното размислување во таква ситуација.
Наталија Миланова