Додека ја чекаме смртта

Добивај вести на Viber

Бабата. Сите ја имаме по дома, некој повеќе некој помалку. Те размазува, те прејадува, те брани, не те дава во градинка, те гледа како парче од неа извадено, себично те чува за себе. Мојата е нај баба, слика и прилика. Потекнува од попско семејство, пргава, стројна, имашна и како млада права убавица, тврдоглава жена со ситни раменици, а огромни гради што ја тежат кон напред (не дала мајка природа кај мене тој дел го прескочи, на татко ми страната сум) и едни брчки, бразди, цел живот всаден во нив. Ја паметам откако знам за себе, јас сум нејзина копија по дух, таа е второто јас. До ден денешен ме бара да ме праша дали јадев, што јадев, дали ми е топло, дали сум добра, собира пари за родендени и слични поводи.

Тешка жена.

Се сеќавам на една ситуација, имав пет или шест години. Во куќата во која што живеев со нив додека мајка ми и татко ми беа на работа, за да влезеш имаше праг. Го поправаа кровот една пролет,имаше полна куќа мајстори и цел ден го помина во кујна. Мајсторот сакал кафе, сакал вода, па чек цигара, па чек ова па она..Готвеше тава ориз со пилешко. Огромна тепсија, колку што собираше шпоретот. Кога дојде време за ручек, околу два часот јас почнав да досаѓам дека јас ќе ја принесам тавата на маса. Да се разбереме, тепсијата беше поголема од мене два пати, ама инат овенски, јас ќе послужам, јас ќе послужам и крај на муабетот. Растев во двор, и не паметам патики, носевме влечки, често со чорапи. За да биде уште пострашно секогаш неколку броја поголеми. Ја кренав едвај тавата и како што зачекорив на прагот ми се закачи влечката. Летна тавата, летнав јас сосе неа, и се струполивме на пола двор двете. Само се сеќавам дека станав и почнав да трчам во неодреден правец без да се свртам назад, подзастанав и кога се свртев ме прошиша папуча поред уво. Продолжив да трчам, се сокрив во подрумот на комшиите и не сакав да излезам додека не дојде дедо ми од работа да ме вади. Колку бре и се плашев, а колку бев немирна. Односот кон храна и тоа што цел живот бев топче што се тркала, започна со неа.

Јас сум од таа генерација што имаше среќа да игра на улица. Детството го поминав со жмурка, камај камај, народна, организиравме фестивали, играв фудбал со машките, џамлии, паркирав камиони во кал, па правев торти од кал, мелев листови од ружа за да направам парфем, играв со кукли, пеев, скокав на јаже, скокав на ластик. Тоа беше едно детство надвор, јас не паметам телевизори, ајпади или мобилни. На улица бев од станување до легнување, а дете си, па уште и активно дете, мора да се јаде тука негде по пат. За да не губиме од драгоценото време надвор, земавме сендвичи од дома и ги јадевме седнати долу на земја. Немаше бактерии, стефилококи, дрн дрн, не се замаравме со миење на раце, ги бришевме од пантолони. Јас се сеќавам имав едни сомотски комбинезонки кафени, мајка ми ми ги имаше шиено, со џепови. Се свое со себе носев. И сендвичите си ги бирав сама. Па така сите нормални деца јадеа сендвич со кришки, епа јас не, мојот беше од крајче, да не речам пола леб, со сирење, патлиџан и мајонез. Сега го паметам тој вкус, се од тој сендвич беше домашно. О Боже, пола свет го прошетав и ништо не ми остана во глава како тој вкус. Па така од дете ми остана квалитетно да се најадам, саглам ко за човек и пол. Не ми сметаше што сум топче, најважниот дел од денот освен играњето на улица, ми беше што ќе зготви баба ми.

Во моментов додека пишувам, е во болница, се бори за живот. Во Февруари треба да наполни 82 години, ја викаме ИТ менаџер, цел живот со прстето не контролираше сите, ај ти донеси ми вода, ај ти оди помогни му на дедо ти.. Во последниве неколку години, се помалку ја барав јас неа, се повеќе таа мене. Вечерта пред да подлегне на ударот, се договаравме следниот ден да одам кај нив, смисли дека ќе ни прави пресница.

Не знам дали ќе дојде до 82. Знам само дека овие десет дена ги избројав дупло, нејзината волја за живот е посилна од се што познавам на светов. Има сила, дури и врзана за кревет, да помести планина. Таква жена сакам да бидам, бестрашна, со моќ да го носам целото семејство на плеќа до последниот здив. За такви жени вреди да се пишува.

Јас сум Ивана Кнез, не ја чекајте смртта да ве потсети кого сакате и кого може во дел од секунда да изгубите.

Се читаме следната недела.