Додека смртта не нѐ раздели

Добивај вести на Viber

Ууууу колку ќе ми биде оваа тешка за куцање.

Во првата напоменав, сега ќе повторам, не сум писател, не ми барајте нарации и тек на настани. Почнав заради позитивен импакт на оние кои ме следат, и со најдобра намера продолжувам. Побарајте ми да променам тема, да додадам љубов или одземам омраза, ако не ви се допаѓа не ме пратете, едноставно е. Само намалете со злоба.

Почнав со цел диети и исхрани. Дека нели од тоа живееме, така е модерно. Да бидеме инфлуенсери и да ви делиме памет како се живее во љубов и слога додека смртта не не раздели. Реалноста е поинаква. Пред неколку дена ставив на инстаграм една фотографија од будистичка мантра, со прашањето, Дали во реалниот живот се смеете толку колку што се смеете во виртуелниот? Дали сте навистина среќни или само сакате ние тоа да го гледаме така? Ве прашав, затоа што се фатив себе си, дека ве лажам.

Оние кои ме следат, знаат дека веќе имам изгубено татко, два пати, еднаш кога реши да си замине од дома и еднаш кога реши да си замине од овој свет.

Пред една недела го изгубив столбот на моето семејство, Бабата.

Онаа која често знаев да ја споменам и овде, и на мои интервјуа и во секојдневниот живот. Поблиските знаат која беше таа и колку значеше нејзиното присуство во мојот живот, а јас сега гледам колку ќе значи нејзиното одсуство. Јас на состанок, звони телефонот упорно, излегувам да се јавам со блага доза на паника во себе заради таа упорност, и добиваш од другата страна, Бабе јадеше? И почнувам да привикувам, да ја карам, зошто ме бара за глупости! А во тој момент не го сфаќам најважното, дека тоа што за мене беше глупост, за неа беше живот. Јас да сум добра, најадена, напиена, одморена, сакана и среќна. Ќе си дозволиш во недела скинати фармерки или тренерки, за да одиш да ја видиш и ќе почне уште од врата, кај си излегла ваква ко кучиња да те тегнеле, нели имаш пари здрави фармерки да си купиш ако немаш еве ти јас ќе ти дадам, женско си не те личи. Со цигарето во уста, седната на првиот ќош од балконот, не те пушта да влезеш дома без да ја изгушкаш и да ја бациш. Ако случајно не и кажам дека ме имало на телевизија, и дознае од комшиката, пуууууу тешко мене недела дена е пцуење на телефон. Јас се сликам полугола за фотосесија во магазин, таа ми вика па можеа малку поубаво да те нашминкаат каде ваква ко модра во очите. Од сите, во цело мое семејство, никогаш не се откажа од мојот избор за кариера, секогаш ме подржуваше во секоја одлука, колку и да бевме различни генерации, колку и да била поинаку воспитана, и цел живот посветена само на семејството, без работни обврски и кариера, никогаш не ми промрче ништо за сите мои будали одлуки. Еднаш само, кога и кажав дека нема да студирам во Македонија, ми превртве очи и ми рече Е така де за тебе факултет овде нема, мора отаде да фатиш. 

И секое мое одење на пат, по сто пати ќе ми се јави и пред да тргнам, и таму и кога ќе се вратам, за да биде сигурна дека сум добро. Колку само пати сум премолчела дека не сум добро само за да не ја нервирам. Џабе бре, ти се појавуваш и уште од врата, Што ти е, кој ти згреши? Годинава полнат 55 години брак со мојот дедо. Често знам да кажам, пола од нивното да имам, ништо повеќе не ми треба. Ми покажаа како треба, како се сака, како се гради заедно, како се чува партнер до последно, до смртна постела и менување на пелени, без ниту еден момент на себичност во симбиоза на едно цело! Кога доживеа мозочен удар, со надеж да го утешам, му реков ајде сега Дедо немој и ти, ќе ни требаш на сите нас да бидеш добар. Тој ми рече, Иванче кога на еден човек ќе му се разболи партнерот, тој се разболува на пола. Кога партнерот негов ќе си замине, пола од него заминува.

Јас ве лажев цела недела на инстаграм дека сум ок, а не бев. Го гледав тој човек како си ја испраќа половината на некое подобро место, си го гледав семејството како го боли и прекршува, а вас ве лажев дека сум ок. Не бев. Ќе бидам знам, се поминува, само ќе немам веќе кој да ме прашува по сто пати на ден дали јадев, дали ми е добро на работа, и дали си најдов љубов…

Кај неа во плакарот мајка ми нашла еден куп весници. Сите мои интервјуа, се што сум постигнала во животов сочувано на едно купче уредно.

Пола жена да сум од тебе, ништо нема да ми биде тешко. Дека носеше еден цел свет тежина на грб, сама. Љубов за сите подеднакво.

Јас сум Ивана Кнез, не ја чекајте смртта да ви каже колку еден некој ќе ви недостасува. Сите делиме памет, за себе не применуваме.

Се читаме следната недела.