ДОМАШНИ И БАЛКАНСКИ ЅВЕЗДИ НА "ЕНТЕР ФЕСТ" ВО СКОПЈЕ: Пет дена забава за 990 денари
Од 29 мај до 2 јуни во ВИП Арената Борис Трајковски ќе се одржува првиот "Ентер фест".
На две сцени,една внатре во салата и една надвор, ќе настапат домашни и балкански поп, рок, хип-хоп и аренби ѕвезди. Тамара Тодевска, Ера Ештрефи, Масимо Савиќ, Дадо Топиќ, Атомско склониште,Партибрејкерс, Ван Гог, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Дивље Јагоде,Ај кју, Елементал, Бени и Нон Стоп, Кристина Арнаудова, ДНК, Темпера,Фолтин, Агушеви, Викторија Лоба...,се дел од 39-те музичари кои беа најавени на денешната прес конференција.
Организаторите најавија и поволна цена на влезници, 990 денари за блок билет за сите пет вечери, како и поефтини цени на пијалоците.
"Ентер фест" ќе биде забава за целото семејство, со забавна програма и за најмладите", најави Сања Савевска од ТВ 24 на пресот.
"Ќе имаме светлосни ефекти кои ќе го осветлат цело Скопје и врвно озвучување. За органиџација се ангажирани 1.000 луѓе", додадоа организаторите. Во наредниот период ќе бидат соопштени и другите изведувачи чија бројка ќе достигне до 250.
Билетите се во продажба преку мрежата на Мк тикетс.
(М.Џ.)