Дугме е светски бренд со балканска душа: Сараевскиот бенд разбуди носталгија во Скопје
Емоции, носталгија и сеќавања на едно убаво време, беше концертот на Бијело Дугме во Скопје. Се одржа на Плоштадот Македонија по повод отварањето на казиното Фламинго во хотелот Мериот.
Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ и Младен Воичиќ-Тифа нѐ потсетија дека добрата музика не умира, а „Дугме“ е силен бренд. Ален Исламовиќ, свеж и силен во вокалот, придружуван од оркестарот за свадби и погреби на Бреговиќ како да не се сменил од времето на осумдесеттите, кога бендот со него полнеше сали и стадиони ширум поранешна Југославија.
Ако Дугме тогаш беше регионален бренд, сега е светски. Брега со двајцата свои пејачи, не изоставувајќи ги песните од Жељко Бебек настапува низ целиот свет. Тифа нѐ врати во времето на „Аиаио ради радио“, „Лажеш злато, лажеш душо“ и уште многу безвременски хитови.
„Ѓурѓевдан“ традиционално за крај беше потврда дека „Дугме“ е нешто што вечно ќе трае.
М. Џаровска
Фото: В.Тануровски