Двобој помеѓу животот и смртта

Добивај вести на Viber

Има луѓе кои уште од рана возраст можат да се видат себе си како родители, едноставно некако им е природно да можат да се замислат во таа улога. Знаете, како на оние врамени фотографии во филмовите на кои се гледаат двајца возрасни и барем уште две нивни минијатурни копии кои се смеат од уво до уво, а единиците горе им паднати, оти им биле млечни заби. Таквите, се’ што прават подоцна во животот е само увертира на нивната потреба и желба за семеен живот и џагор во домот. За нив, целата поента и смисла на животот е семејството, на кое им се посветени ден и ноќ. Од друга страна има луѓе кои да ги тепаш со прачка по цел ден, не можат и не можат да се стават во филмот да се родители или едноставно не е тоа она што им е приоритет. Овие вториве исто како и првите си го тераат својот сон, без оглед што во нивниот имате куќен љубимец наместо дете/деца или дури ни тоа, ако се премногу растрчани наваму-натаму. И ок е, мене ако ме прашате сосем ми е во ред да има и од едните и од другите, се’ додека било која страна не почне да мудрува што е подобро...оти нема тука “подобро” или ”полошо”, бидејќи сите сме различни и различни ни се потребите. Таман ми е некој човек да има огромна желба да создаде потомство и да му е тоа примарно, исто како што ми е таман и кога некој/а решава дека деца не се за него/неа и си го живее своето, без оглед на се’.

Ако се вратам години и години наназад, знам дека до одредена возраст не сакав деца. Не само што немав мајчински пориви како помала, туку едноставно не бев спремна ни на свои 30 да застанам и да размислам за деца. Она што го осознав за цел тој период додека си го живеев животот без дете, е дека човек никогаш не смее да се присилува сам себе да прави нешто што не сака, а особено треба да се воздржува да носи одлуки за кои не е спремен. Се имам изнагледано парови кои не сакале деца или не сакале да ги имаат толку рано, ама заради атер на баба/дедо или дека така наметнува општеството влегле во нешто за што не биле спремни. Почесно е да го скокнете тој чекор или да го одложите за онолку време колку што ви е потребно за да одлучите што сакате и што можете, отколку да имате потомство заради погрешни причини кои веројатно вака или онака ќе се одразат на детето. Така, си го терав мојот филм со патувања, излегувања и немање обврски кон никој до мојата 34-та година, кога ми се случи еден “клик” за кој веќе сите околу мене беа горе-долу помирени дека нема да го биде. Тој “клик” за неколку месеци ќе полни 17 години и се вика Аргентина и е единственото совршено нешто што сум го направила во животот. Не знам многу работи за родителствувањето оти се’ уште учам попатно за многу фази од растењето и одраснувањето (што значи да си мајка на различна возраст на детето), ама знам со сигурност една работа. Кога ќе добиете дете, се’ што важело дотогаш повеќе не важи.

Се’ што сте мислеле дека е од големо значење, станува споредно. Сите дотогашни причини за нервоза се смешка во споредба со сликата на вашето дете која ви е во умот деноноќно. Животот добива нова, поинаква димензија која е истовремено прекрасна и застрашувачка. Се’ за што сте се смееле дека е претерано во грижата кон децата, ви станува сосем нормално и почнувате да се прашувате зошто не сте успевале да го видите тоа и порано. Да се “носи џемпер оти на мајката и’ студи” е сега Оче наш, да се спомнуваат небулози од типот “не седи со мокра коса, ќе имаш воспаление на мозокот” е сосем во ред, да им ги влечете маичките надолу оти “половината ти е гола, аман бубрезите” (а нешто подоцна и јајниците се спомнувани) како и “од седење на цименто, газот грчки ќе ти збори” е must do. Кога ќе добиете дете, без оглед во кое доба ќе се решите на тој чекор, знам само една работа која е ултимативна вистина за сите родители.

НИКОГАШ И НИШТО ПОВЕЌЕ НЕ Е ИСТО.

Точка.

И во главата ви се случуваат различни сценарија. Држиш предавања за тоа дека од никој ништо не се зема за јадење и пиење, дека со непознати не се заминува некаде, па кога ќе потпораснат на мисла си да не фатат лошо друштво, аман сега со тоа дрогите што им ги ставаат во пијачките, па кој/а ќе биде прв дечко/девојка, па какво искуство ќе е првиот секс, дали си го едуцирала доволно за да знае како да се заштити и од болести и од несакана бременост...и тоа оди во недоглед, до слошување.

Но, во ниту едно сценарио не е пишано дека детето се разболува од некоја болест за која требаат цитостатици, зрачење или тешки операции. Едноставно, во еден краен дел од умот секогаш постои тој неконтролирачки страв за да не се случи нешто лошо, ама си го ишкаш од главата и си се прекоруваш дека претеруваш. Во ниту едно единствено сценарио не си го гледаш детето на болничка постела во која е се’ неизвесно. Во ниту едно (од многуте) сценарија кои ти се мотаат низ главата додека се секираш каде е и дали е се’ во ред, не си го гледаш чедото во ковчег.

Минатат недела имавме двобој помеѓу животот и смртта. Еднаш победи животот...беа собрани средства за малиот Никола. Да, без помош од политичарите (освен еден исклучок кој ја донираше својата едномесечна плата и кој повика на солидарност) кои секогаш се презафатени со глумење држава. Голема победа за Никола, во која главниот збор го имаше Миа (ахам, тоа е онаа “инфлуенсерката” за која многумина јаделе, јадат и ќе јадат гурабии, секако проследено со хехенца и омаловажување но со особен интерес за нејзиниот приватен живот и детето) која покажа прецизно што значи не само да се има моќ врз јавното мислење, туку и како тоа да се искористи во повисоки цели отколку за саморекламирање. После ова што успеа да го направи за само 24 часа, сите топтан кај неа на “бацирака” и на еден брз курс за тоа како да си го искористиш авторитетот за правење добри дела без многу дрдорење, ами со дела. Миа драга, не само што си ми гордост (а не е првпат да изреагираш прва за било каква хумана акција), туку се надевам дека твоево ќе е добро школо за да се повлече нога да сме тука едни за други и за арно и за лошо.

Она што најмногу лути и фрустрира е зошто треба со донации да се спасуваат детски животи, кога сиот живот плаќаме придонеси за здравство. А здравството ни тоне, се’ подлабоко и подлабоко. Кадрите се одат, младите си го бараат чарето надвор бидејќи (како што реков погоре) глумиме држава додека се правиме слепи оти сме за никаде. Немањето млада и свежа крв која ќе гризе за знаење и која ќе сака да остане тука во земјава, стана очигледен и премногу загрижувачки проблем.

Во вториот двобој победи смртта. Нема зборови за утеха со кои ќе се намали болката или барем ќе се симне еден слој тежина од грбот на родителите на малата Јана. Нема збор, ниту постапка со кои ќе им се подолесни на луѓето кои ја донеле на овој свет и кои биле спремни да и’ го подарат Универзумот на дланка. Нема збор за загубата која е загуба за сите нас, а воедно и пораз што дозволивме да паднеме на ова дереџе. Нема и нема да има ниту едно логично објаснување за згаснувањето на животот и иднината на едно дете. Поразот дека се случи ваква трагедија е колективна одговорност и е на совеста на секој од нас. Јавното здравство е одамна пред колапс, трагедија е што во вечната трка “сјаши Курто да узјаше Мурто” заборавивме дека иднината ни лежи само во живо и здраво потомство. Македонија се празни, веќе е сосем извесно дека децата ќе ни заминат, секое да си ја бара среќата што подалеку одовде. Нам, ќе ни горчи во устите што не успеавме да им создадеме услови и можности да останат, ќе ни горчи во душите што болните деца ќе ни се лекуваат со донации и што си замина малата Јана. Нам, ќе ни остане само горчина од неуспехот што не им дадовме иднина на тие кои се единствената иднина и за земјава.

Да сте ми живи и здрави...да се вардиме едни со други и да си бидеме грб наместо камен на сопнување.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ни заминаа децата

Одамна младоста нивна нов дом си бара

Некаде далеку, уџум фатија

Како птиците кои на есен одлетаа

Само што нашите пилиња

На пролет дома не си дојдоа

И без ниет се да се вратат

Со надеж дека местото в туѓина ќе си го најдат

Та останаа куќите празни

Полни тишина и тага

Со спомени од дамнешна смеа

И топот од стапалца под кои крцкаше подот

Ни заминаа децата

И со себе младоста ја однесоа

Солзи радосници не ни оставија

Како бунари пресушени очите ни останаа

И гробници од молк во душите

Та копнеж пуст во секој дом заживеа

И времето се мери од едно до друго видување

На големите екрани од модерното време

Стискајќи ги рацете под маса од мака

Дур старата клетва уште ни стои

За во јабана чедата да ни спијат

Ни заминаа децата

Та се тешиме оти за арно е

И за арно да им биди

А пусто срце чедото си го бара

И дур си велиш себичен да не си

Мисла тешка во глава ти се врти

Дали ќе ти дојдат барем за погреб

За последното испраќање

Оти на староста, младост и’ треба

Како потпора и утеха

Како аманет оставен

Барем ќерамида од домот празен

Само тоа со себе назад да земат

За да не се заборави коренот

За писмото во умот да остани

И зборот кој мајчин ќе е

За да се пренесе на нивните чеда

Да не заборават

Да не не’ заборават

Земјава пуста туѓа да не им е

Оти и таа памети детски џагор

И времиња убај кои повеќе ги нема

Откако заминаа, откако децата ни заминаа