Еден ипол час се чекаа „Фрајле“ на Антички во Охрид, концертот почна со свиркање, а заврши со овации
Наташа, Невена и Јелена, попознати како триото „Фрајле“ од Нови Сад, сношти до максимум ја развеселија публиката во Охрид, на концертот во Античкиот театар.
Концертот непријатно почна, а убаво се заврши, со овации и со бис. Публиката беше дојдена на настанот во 21 часот, како што пишуваше на билетите, а концертот беше закажан за 22 часот. Пред да излезат „Фрајле“ на сцената, нестрпливата публика свиреше, а ги исвирка и нив, по првата песна.
-„На вас ви рекоа да дојдете во 21 часот, а на нас во 22.30. Ние овде стасавме во 5 попладне, право од Сараево, патувавме 15 часа. Вие знаете дека многу ги сакаме Охрид и Македонија. Ви ветуваме дека одлично ќе си поминеме, и нема дозволиме да нè скараат“, рече црвенокосата Невена Буча во името на бендот.
Недоразбирањето ни го објаснија организаторите на концертот „Прагма“ продукција. Од таму ни рекоа дека поради одржувањето на Охридско лето, ниту еден концерт не треба да почне пред да завршат претставите на традиционалниот фестивал, а за тоа постои и меѓусебен договор. Билетите пак, на кои пишува 21 часот место 22, биле печатени многу порано од закажаните настани, велат од „Прагма“.
Концертот потоа продолжи со полна пареа и малку е да се рече дека за девојки како Фрајлите вредеше чекањето. Облечени во бело, елегантни, уникатни и весели, нè носеа низ приказните на нивните песни, „Мени требаш ти“, „Ich Liebe Dich“, но и песните од Жељко Бебек, Оливер Драгојевиќ, Тоше Проески, а како изненадување ја слушнавме „Јовано Јованке“.
- „Еднаш, бевме излезени на салаш, и дома се вративме по два дена. Подобро е да признаеш и да бидеш искрен“, раскажа Наташа. „Тогаш, ја напишавме песната „Фина“.
Дамите од Војводина со гордост ни го донесоа и чардашот од нивниот крај, пеејќи ја „Чардаш“ од Ѓорѓе Балашевиќ, но и прекрасната песна „Панонском морнару“ која ја напишале како посвета на Балашевиќ. „Тој беше нашиот музички татко. Ѓоле, ти благодариме за сè“, рекоа девојките.
Раскажаа и дека жалат што никогаш не го запознале Тоше Проески, а ни овој концерт не помина без изведбата на „Во коси да ти спијам“, но и уште една култна македонска која станува заштитен знак на „Фрајле“, „Чукни во дрво“.
М.Џаровска