Епидемиолог Коровешоска: Британската мутација се шири во Охрид, од еден се заразува цело семејство
„Еден ако заболи, сите во семејството се заразуваат“, порано не беше така.
Во Охрид евидентно е зголемен бројот на новозаразени со корона вирусот, вели за Фактор епидемиологот, д-р. Јованка Стурлакова Коровешоска. Причината за ова, секако е присутноста на т.н. британски сој, мутацијата на Ковид-19, која што е многу полесно пренослива.
-Гледаме дека бројките секојдневно растат. И во споредба со претходниот период на пример, ако имаше некој заразен во едно семејство, се случуваше само еден, па дури и ниту еден од членовите да не се инфицира со болеста. Сега ситуацијата е многу поинаква, еден ако заболи, сите во семејството се заразуваат. Станува збор за мутација која многу побрзо се шири, дури и најмал, и најкус контакт може да доведе до заразување, посочува д-р. Коровешоска.
Како проблем поврторно го истакнува криењето на контактите од страна на оние кои веќе се регистрирани како новозаразени, иако како што вели, епидемиолозите ги прават сите напори за да дојдат до потребните информации за нивните контакти.
-Не можам да разберам како кажуваат дека немале контакт со домашните, со најблиските, сопругот, сопругата, децата. Можеби ќе ви звучи смешно, но имав ситуација кога една од пациентките велеше: немав контакт со никого, ниту со свекрвата, а само по една недела ете ја свркрвата доаѓа болна од ковид и со тешка клиничка слика завршува во болница. Сакам да речам, дека не смее да се кријат контактите, некој многу побрзо ќе се излекува ако навреме е кажано, реагирано, и.т.н, истакнува огридскиот епидемиолог Коровешоска.
Истовремено вели дека не е се уште вакцинирана, бидејќи предност имаат колегите од ковид-болницата, но се надева дека брзо ќе дојде и нејзиниот ред. Потенцира дека вакцинацијата е единствениот начин да се победи секоја пандемија, не само оваа со која сега се соочува светот.
-Вакцинацијата е накефикасниот, но би рекла и најефтиниот начин да се запре ширешето на вирусот и секако да се спасат човечки животи, вели д-р. Коровешоска.
Анита Буховски