Еротски приказни: ТАЈНАТА НА ЕМА

Добивај вести на Viber

Викендот што следеше јас и Ема бевме слободни и се договоривме да отидеме низ островот да се прошетаме и да разгледаме дел од старата цивилизација. Претходните ноќи кога не можев да спијам, пребарував по Интернет и најдов интересни податоци за островот од кои бев воодушевена. Ги препрочитував неколкупати информациите што ми беа поинтересни, гледав фотографии и некако сè ми стана познато, како да сум живеела овде и како да сум ги разгледувала повеќепати.

  Хуго нè остави и се договори со сите нас каде ќе се чекаме попладнево. Ние двете отидовме во посета на една катедрала што беше прекрасна и импозантна. Всушност, целиот град беше како отворен музеј каде што секој ѕид си имаше свое значење.

  Искрено, имав желба да прошетам и низ градот, но Ема не беше расположена и ме замоли: „Ајде да седнеме да пиеме кафе во кафетерииве што се на плажа. Потоа, ќе дојде Фис, заедно со Хуго, и нема да можеме да си разговараме“. Се согласив затоа што чувствував дека сака да ми каже нешто. Седнавме и нарачавме кафе. Погледот ѝ беше вперен в далечина. Ема не беше присутна, окото ѝ луташе лево-десно и ја оставив подолго време пред да почне да ја искажува својата мака.

  Одеднаш, почнаа да ѝ се слеваат солзи низ лицето. Претпоставив дека таа чува во себе некаква подлост или неправда. Почекав да ѝ излезе тежината преку солзите што ѝ течеа како река што не запираа.

  Почна да зборува: „Мери, јас не знам што ќе правам. Кога ти кажав дека една жена која работела овде ме препорача за да дојдам тука да работам, всушност, беше мојата золва. Таа се договорила, најверојатно, со Фис да отидам јас место неа и да ме држат со Фис заедно со уцена. Таа ме уценува, ако заминам од овде, ќе ми го земат синчето. Фис ѝ има пратено мои фотографии на кои е снимено како водам љубов со него, а таа со нив ме уценува. Ми се заканува дека ќе ги објавела јавно, а Фис лаже дека тој не ѝ ги пратил нејзе. И сè се врти в круг. Бев немоќна, очајна, без пари и дојдов овде, но мислев една година да работам за да се вратам дома кај малиот мој, да го гледам како расте и да живееме спокојно. Таа беше овде и кога мојот сопруг почина, таа се врати дома и сега живее со малиот мој и родителите, а мене ме испратија овде. Сите пари што ги заработувам ги праќам таму бидејќи таа знае како и колку се заработува. Стапицата во која ме намести е така вешто изработена со цел да одам со Фис и да ги слушам покорно. Очајна сум, на работ на нервите“.

  Таа прекина да зборува и додаде: „Тој е многу злобен. Се сомневам дека во собата има наместено камера за да ме следи, а може и на мојот мобилен има наместено камера и ме следи. Затоа, го оставив денес дома мобилниот, божем сум го заборавила. Кармен треба да се врати денес или утре. Ќе се запознаеш со неа, верувам, и ќе се дружиме сите три. Те молам, во клиниката и во собите нема да се зборува за ова“.

  Јас не очекував дека некој е толку злобен. Својот внук го остава да расте со неа, а ја трга неговата мајка. „Какви ѕверови живеат на планетава“, си помислив.

  Брзо се соземав и ѝ реков на Ема: „Ема, ти благодарам што ја сподели со мене најголемата твоја животна тајна. Ова е злочин. Отсега се здружуваме заедно и мораме да успееме во нашата цел да ги совладаме Фис и таа вештерка. Тие сплеле голема мрежа од интриги, но ќе ја искинеме. Мора да успееме Ема. Ти ветувам дека отсега ќе правам сè за да го разоткриеме ова безобразно „гнездо““.

  Станав, ја прегрнав и таа ми кажа: „Фис не смее да забележи дека нешто знаеш за нас двајцата. Ќе ме убие или кој знае што може да ми направи. Свесна сум дека кога ќе дојде кај мене в соба, нè слушаш како водиме љубов. И добро е што слушаш. Ти си ми сведок. Освен Кармен и ти, никој друг не ја знае вистината“. Со тежина на срцето ѝ одговорив: „Ема разбрав, јасно ми е. Другпат ќе разговараме и за мене и за сè друго“. Се договоривме со Ема отсега натаму да глумиме љубезност, учтивост и ќе кокетираме со него сè додека не пронајдеме излез од ситуацијата.

  Ми заѕвони мобилниот. Тоа беше Фис. Ме праша каде сме и јас му објаснив. Се пофалија дека изнајмиле мало бротче и таму ќе ни донеселе ручек. Бродот беше недалеку укотвен зад една карпа каде што имаше малку вегетација од високи леандри, диви смокви и лоза. Панорамата беше прекрасна.

  Отидовме и внатрешноста од бротчето беше раскошно наместена. Многу ми се допадна. Седнавме на палубата од бродот. Фис ни кажа дека сакал да нè изненади и ни поклони по еден пар убави костими за капење. Обично, не сакам такви подароци, но овојпат прифатив. Ѝ ветив на Ема додека нè успееме во нашата кауза, ќе прифаќаме сè.

  Ги облековме костимите за капење и легнавме на палубата. Лежевме и се шегувавме. Хуго беше многу симпатичен и се држеше на ниво, а Фис ѝсе приближи на Ема и започна да ја мачка со крем за сончање. Ја мачкаше по целото тело и во еден момент се изгубија. Почнаа да се слушаат звуци од водење љубов. Јас се правев дека не ги слушам, а и Хуго исто како мене не се обиде ни да се заврти накај нив. Својот безобразен карактер Фис секаде го истакнуваше.

  Потоа од кафеана донесоа ручек, скуша на жар и тестенини со прилог. Типични морски специјалитети. Имаше и ладно бело вино и сок, а и баклава, сладолед и ситни колачиња.

  Сè ова го ставија на една многу интересна маса – портокалова и овална. Јас и Хуго седнавме и јадевме салата со чашка узо. Подоцна, Фис и Ема ни се придружија. Узото му помогна на Фис да биде сè послободен. Ќе станеше, ќе ја бакнеше Ема и пак ќе седнеше. Јадевме пополека, со сласт и со задоволство. Хуго ми се допаѓаше бидејќи умееше да се шегува спонтано и искрено. На Фис што и да му кажеше не му верував, само се смеев.

  Ручавме во убава атмосфера. Сонцето не беше силно, беше пријатно, дуваше некое ветерче што беше влажно и претпоставував дека носеше дожд со себе. Заедно со вегетацијата ми направија пријатно чувство на душата. Се чувствував невообичаено како да се наоѓав во некој океански огромен остров во кој ние сме единствени посетители.

ПРИЈАТЕЛКИ