Евросонг 2020: Швеѓанките ја пејат Тамара, а што пее Васил Гарванлиев?
Околу 1500 песни се отпејани досега на евровизиската сцена, а секоја од нив доби можност де биде оживеана, макар и на 10-ина секунди, во изборот на омилен евровизиски рефрен што годинава го направија учесниците на Евросонг 2020. За овогодишната, по сè необична Евровизија, организирана според антикорона-протоколите, учесниците испратија снимки од своите песни, национални претставнички, и избираа омилени евровизиски рефрени од историјата на овој музички натпревар. Сето тоа е монтирано во големо шоу што утревечер ќе биде прикажувано, без натпреварувачка димензија, на националните телевизии со почеток во 21 часот.
Еве, неколку куриозитети. Групата „Мамас“, која ја претставува Шведска меѓу своите омилени три рефрени ја вброи и Тамара со минатогодишната изведба на „Прауд“, а што одбра Васил Гарванлиев, овогодишниот претставник на Македонија, гледајте во ова евровизизиско видео:
Во видеото, освен Васил, зборуваат и пејат и претставниците на Норвешка, Словенија, Шведска, Ирска и Украина.
Во големото финале, освен овогодишните учесници од 41 држава, ќе учествуваат и популарни изведувачи од претходните Евросонг изданија, а основното мото годинава е „Europe Shine A Light“. Оваа единствена продукција, како што најавуваат организаторите од Ротердам, ќе донесе и специјална изведба на евровизискиот победник од 1977 „Love Shine A Light“ од Katrina And The Waves, која овогодишните учесници ја исполнуваат заедно, секој од својата земја.