Фазла пари: Баш бев „копиљ“ и врска немав со животот ама...

Добивај вести на Viber

“Ќе им се допаднеш на луѓето, тогаш кога нема да се трудиш да им се допаднеш, или кога ќе престанеш да сакаш да им се допаднеш“.

Речиси дете бев кога прв пат ја слушнав оваа реченица. Многу работи сум заборавила од тоа време, ама ова уште кога го чув, како печат ми се врежа во умот.

Беше тоа во она време и оние години, кога почнав да работам на телевизија.

Баш бев “копиљ“ и врска немав со животот. Имав само 19 години.

Тоа е некое фино време да стартуваш со “само-заработувачка“. Иако мене ова многу порано ми се случи. Имав 14 години кога ги заработив првите пари.

Каде!?

Во Грција. Бевме на одмор со моите. Пари броени! Денови броени. Бензин “броен“.

Како ќе стасавме, така колата се паркираше под една дудинка и до последниот ден не се мрдаше од таму.

Ќе ја запалеше татко ми, одвреме на време, колку да не “зариба“ моторот, или не знам што точно, се случува ако колата не ја запалиш некое подолго време. Додуша, што е право, останувавме по дваесет и еден ден на одмор. Секоја година.

Значи ќе ја запалеше колку да ја продува и толку.

Мрдање лево-десно со кола немаше. Евентуално, ако го “фатевме“ у добрите, имаше шанса да не однесе до Солун на некој “ко божем“ шопинг и толку.

Велам “ко божем“, оти тоа беа пари ко сеа да речеме пеесет евра, или тогашни сто марки, односно околу седум иљади драхми.

Всушност покасно сфатив дека тоа и не било толку до “добрите“, колку што било дека останале “фазла пари“. А фазла пари останувале ако таа година не требало да се кречи, или да се купува нова машина за перење, фрижидер, или ако кредитот земен за доградба на куќата бил при крај, или добиле некој бонус од работа, или така нешто.

Ќе ни дадеше време, ко на штоперица саат-саат и пол, тој ќе седнеше во некое локално кафуле и за тоа време кој што купи-купил. Толку!

Ова ни доаѓаше ко таков “животен подарок“, после кој не смеевме да писнеме со денови. Како ќе ни се “комаднаше“, така требаше да правиме. Тоа секако беше така и со шопингот и без шопингот, но во другиов случај, мислам дека и мислите ни се скратуваа, а камо ли идеите, или гласни предлози за купување уште нешто друго. Или било какви други видови барање.

Многу ретко, или скоро никогаш не ми даваа пари за гиро, за сладолед, или за тост.

До ден денеска го памтам тој тост, кој само на поминување го гледав, или кога некој друг ќе купеше, па ќе гризне, а кашкавалот се тегнеше едно дваесет сантими.

Ние немавме такви тостови.

Да бидам искрена, до ден денес не ми е јасно дали навистина биле толку “скржави“, мајка ми и татко ми, особено татко ми, или сево ова било дел од воспитувањето и “комаднањето“, односно дел од родителската тактика и обука да се знае кој е главен у куќа.

Велам обука, затоа што ова беше таков “војнички режим“, кој ако успешно го поминеш, со сигурност стануваш ЧОВЕК.

Или пак кај нас дома никогаш немало чипсови, тостови, кока-коли, чоколади и слично освен за Нова година и толку, бидејки сакале да не научат на здрава исхрана, со комплетно отсуство на вакви продукти.

Да, до ден денес не ми е јасно.

А тогаш бидејки толку многу сакав да си купам од тие грчки тостови и сладоледи, што немаше друго чаре освен да се вработам некаде.

Си реков ќе имам свои пари, ќе си купам и скришум ќе го јадам.

Отидов во една играчница, тие се викаа “електроника“, на грчки, каде имаше апарати со видео игри.

Јазикот веќе го бев поднаучила, толку за да се разберам.

Прашав дали ќе ме примат на работа.

Работата се состоеше во тоа, тие што доаѓаа да играат да разменат сто драхми на пет по дваесет железни. Точно на монета од дваесет драхми работеше апаратот.

Ме вработија. Имав точно 14 години. Таа година наполнив. На тоа точно се сеќавам, а ич не се сеќавам колку ми беше платата. Не беше ни важно.

Имав пари за сладолед и за тост. Оној истиот, кому кашкавалот му се тегнеше “до небо“.

Ах каков вкус беше ова. Мислам дека светот беше мој.

Со првите заработени пари си купив тост, кока-кола и сладолед.

А со вторите пари следната година купив старки патики и 501 фармерки.

За “рејбан“ немав пари. Нив ги купив догодина. Година потоа “лакоста“ маичка и џемпер.

И така година по година си ги купував сите работи, поради кои дома требаше да се кречи, или да се купува машина за перење, фрижидер, или да се исплаќа кредитот ка доградбата.

Ем се ова се правеше, ем ја си ги имав работите по кои копнеев.

Копнежот е многу убава работа.

Една од поубавите за мене. Ем те тера да се искачуваш по небеските животни скалила, ем е блескаво чувство. Да копнееш по нешто, кое сам ќе си го заработиш во животот.

Дома и понатаму никогаш не се купуваше нит кока кола, нит чипс, нит чоколади.

Тостер купивме од еден К-15 на мајка ми, ама кашкавал таков никогаш.

А јас никогаш не научив да пијам кока кола. До ден денес кај мене дома вакви работи се купуваат само кога доаѓаат гости.

Едно никогаш нема да заборавам.

Насмеаниот брк на татко ми, кој ме фати жива како купувам тост од грчката тостара. Јас се направив дека не го видов, а и тој се направи дека не ме виде.

Копнежот за мене е едно од најубавите чувства.Еднаш кога ќе почнеш да си ги остваруваш еден по еден списокот расте. А со списокот и среќата.

Денеска копнема да го обиколам светот до 80 одини. Во моментов кога вие ја читате колумнава, јас правам репортажа за Бодрум, Мармарис, Кушадаси, Ефес и Измир…

Ќе ја гледате за еден месец.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин