(ФОТО) Маркијан ги научи бројките, посакувам да научи и да чита: Синот на Ребека наполни 13 години

Добивај вести на Viber

Ребека Јанковска- Ристески, вели дека ноември ѝ е еден од најсреќните месеци во годината. Тогаш е роден нејзиниот најстар син Маркијан кој завчера наполни 13 години. Пејачката и претседател на здружението „Дајте ни крилја“ вели дека таа и сопругот Милан, на синот му посакале само здравје и среќа. 

„Кога стасавме дома по роденденската забава, Маркијан ме гушкаше постојано и не заспа до 1 часот. Се изнасмеавме кога кажа: „Сакам уште родендени!“, вели Ребека за среќата на синот кој боледува од ретката болест, туберна склероза. 

Пејачката која во здружението што го основа помага на многу лица со дисфунцкии, хендикеп, ретки болести и посебни потреби, секогаш отворено зборува за секојдневието со својот син. 

„Маркијан ги научи буквите,бројките и боите конечно. Би сакала да научи и да чита. Тој е одлично прифатен, инклузиран во ОУ. Димо Хаџи Димов и на роденден му дојдоа и десетина другарчиња од училиште. 

Се радуваше на секој пристигнат гостин и ми вели: „Мамо, сите дојдоа“, редејќи ги по име. Многу сака музика и има свои омилени песни кои ги слyшавме во текот на роденденот. 

Маркијан слуша џез, рок,техно, македонска изворна музика, чил музика, а од македонските бендови ги обожава „Суперхикс“. Петар- Пеце ни подари билет за еден концерт и од тогаш само прашува кога ќе одиме повторно“, ни раскажа Ребека. 

Маркијан и неговите браќа, близнаците Доротеј и Макариј кои во септември наполнија шест години, се чести гости на театарските претстави. „ Минатата година славевме роденден во Театарот за деца и младинци. 

Чести гости сме и во театрите, а посебно на мјузиклите. Кога се возиме во автомобил слушаме гласно музика и пееме. Игрите и театарските претстави го стимулираат Маркијан повеќе да зборува“, додава Ребека. 

Во претходно интервју за Женски магазин таа изјави дека нејзиниот син прозборел благодарение на музиката која ја слуша. 

М.Џаровска