(ФОТО) Најстарата планинарка во Србија: Планината ми помогна да преживеам голема семејна трагедија

Добивај вести на Viber

Јелена Минарди од Ниш е најстарата планинарка во соседна Србија, која на 22-ри април го прослави нејзиниот стоти роденден на одморалиштето „Ада Женева“ блиску до Нишки Бањи, во друштво на планинарското друштво „Преслап“.

Пријателите направија роденденска забава со роденденска торта, а Јелена посака желба, уште еднаш да ја види планината Радан.

- Тоа е најубавата планина во светот, мојата омилена. Бев на Мон Блан во Франција и на многу други планини, но ниту една не е толку убава како Радан. Ниту една земја нема толку убави планини како нашите- изјави Минарди.

Таа раскажа дека планинари цели 58 години и дека благодарејќи на тоа успеала да ја преживее огромната семејна трагедија кога во сообраќајна несреќа ѝ загинале снаата и внукот. Вели дека верува дека поради планината доживеала длабока старост.

- Природата го продолжува животот, дава енергија и го ослободува мозокот од сите проблеми. Тоа го бараат нашите мозок и тело. На младите им порачувам да не седат во кафеани, но да се прилкучат на планинарење, на планините ќе добијат долг живот- нагласува Јелена.

Целата нејзина фамилија се занимава со планинарење. Планинар е и нејзиниот син Слободан, а планинари биле и нејзиниот покоен сопруг, снаата и внукот.

- Бев просветен работник, работев во градинка и секогаш имав работна сабота. Меѓутоа не пропуштив ниту една недела да не отидам на планина- вели Минарда.

Таа вели дека не се откажува од планината и дека ќе биде во природа целиот свој живот.

- Кога имав 96 години пропешачив 14 километри. Сега не можам да одам по планинските стази, но учествувам во планинските походи. Пропешачувам три, четири километри, седнувам да се одморам и чекам да се вратат планинарите. Уживам да ги гледам колку среќни се враќаат од планината- раскажува Јелена.

Најстарата планинарка во Србија досега учествувала во повеќе од стотина планинарски акции, ги освоила Мон Блан, Гран Парадизо и бројни врвови ширум Европа и поранешната СФРЈ.