(ФОТО) Шерифовиќ се откажа од хонорарот, парите кај жените со рак на дојка
Пет пати го наполни „Сава центар”, а шестиот концерт е веќе закажан. Српската пејачка Марија Шерифовиќ ги сруши рекордите кога е во прашање поп музиката.
„Друга стране плоче” е слоганот на концертот, а Марија на публиката ѝ отпеа неколку странски и домашни хитови, песни кои ѝ значат нешто во животот, песни кои приватно ги слуша. Од песните на Роби Вилијамс, преку Адел, Бруно Марс, Квин, па сѐ до Тоше Проески, Оливер Драгоевиќ, Весна Змијанац и многу други, пејачката докажа и покажа зошто доби признание за најдобра пејачка на Балканот.
„Eye of the Tiger” беше песната која и овој петти пат им ја посвети на сите жени кои боледуваат од рак на дојка, а освен оваа песна таа во нивно име се откажа од својот хонорар, кој ѝ следува од поминатите концерти, а и од наредниот.
- Сега следува песна од единствениот човек со кој сакав да снимам дует, во овој живот не го направивме тоа, но таму некаде сигурно ќе го направиме - кажа пејачката пред да ја отпее „Боже брани ја од зла” на нашиот Тоше.
И покрај тоа што ова на овој концерт Марија изјави дека нема да ги пее нејзините песни, сепак на крајот на концертот публиката уживаше во нејзините најпознати балади „11”, „Део прошлости”, „Паметна и луда”…
Двочасовното уживање го заврши со маестралната изведба на „Није љубав то”, а публиката со стоечки овации ја испрати од сцената.
Ивана Мисајловска