(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ЕЗЕРОТО ГРАДЧЕ) Убавините на Македонија: Магични бои кои се огледаат во езерото

Браната Градче е одличен избор за викенд или празничен одмор. На само шест километри од Кочани, ќе стасате до браната и вештачкото езеро кое на есен и на зима е магично. Гледајќи ги боите на природата како се огледуваат во езерото, ќе посакате да останете на ова место подолго. По посетата на Градче, нема кој не се вратил одморен, расположен, ресетиран.

Откако ќе го поминете Кочани, се качувате нагоре, во подножјето на Осоговските планини. Возите низ шума, покрај Кочанска река и прекрасни вкусно направени мали куќи и викендици.

Стариот мотел „Градче“ беше нашата прва дестинација. Ако сакате ручек или кафе до самата вода, ова е вистинското место. Ресторанот е направен крај самата брана, и неозбежно е да прошетате по мостот, на кој од едната страна е езерото а од друга браната, поглед од височина на браната, и поглед на езерото на само неколку метри до вас. Одејќи по шумските патеки, можете да направите круг околу целото езеро.

Новиот мотел е нешто погоре од стариот и таму е онаа глетка во која волшепството на природата се пресликува во водата. И од тука има можност за цел круг околу езерото кое е со должина од 3 km, а широко е околу 2,5 km.

Интересна приказна се раскажува за територијата на сегашното вештачко езеро. Некаде пред педесетина години се наоѓало селото Долно Градче, но тогашните власти со цел да го заштитат Кочани од постојаните поплави од надојдените води од Осоговијата решиле да изградат брана на местото наречено „Рамна карпа“ кое се наоѓало веднаш под селото и било идеално.

Сите жители на селото биле раселени, некои во околните села, некои во градот Кочани. Во близина на браната се наоѓа и археолошкиот локалитет „Долно Градиште“, за кој археолозите наведуваат дека градбите во склоп на наоѓалиштето водат потекло од времето на Пајонија и Македонија од времето на Филип Втори. На самиот мост на браната се наоѓа споменик – плоча во чест на изградба на браната

Над хотелот Градче, по асвалтиран пат, се пешачи кон Кочанскиот водопад. Постои и можност да се оди со автомобил, кој го паркирате до каде што води патот, а до водопадот се спуштате пеш, по тесна, но лесна патека, но лесна за одење, околу петнаесетина минути.

Шумот на водопадот кој сè повеќе се слуша како што му се доближувате, ќе ве тера да го убрзате одењето. Водопадот е висок 20 метри и доаѓа од водите на Голема река и е живописно место кое на прв поглед ќе го засакате. На клупите и на летниковците можете да си истерате целодневен излет. 

Големиот водопад, велат локалците, настанал на чуден начин. Во 1958 година била изградена помошна брана од камени блокови чија функција била да спречи наглото надоаѓање на вода кон местото „Рамна скала“, каде што се градела денешната брана. Од надојдените гранки, камења и земја, помошната брана почнала да се полни со почва, па така со текот на годините се создал овој прекрасен водопад.

Целата кочанска околина е прекрасна, не само водопадот. Затоа, топло ви ја препорачуваме.  

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски