Фустан кој никогаш не излегол од мода
Не постои моден експерт кој нема да се сложи дека секоја жена во плакарот треба да има краток црн фустан, а секоја сезона токму тоа парче гордо ги краси полиците на излозите со што уверено ја потврдува титулата на безвременска модна класика. Благодарение на дизајнерскиот ум на славната Коко Шанел, краткиот црн фустан стана неизоставен дел од женската гардероба кој успешно им се спротивставува на наметнатите трендови.
Во модната орбита, во 50-тите го лансираше Одри Хепбурн со улогата во култниот филм „Појадок кај Тифани“, а до денес важи за омилено парче облека на многу дизајнери кое доаѓа во безброј модни интерпретации. Колку краткиот црн фустан е посакуван, потврдуваат и познати светски трендсетерки и дами од светот на познатите кои актуелните трендови од време на време ги разбиваат со оваа бевременска класика во дневни и свечени изданија. Иако денес доаѓа во многу верзии и должини, малата црна тоалета со години не го промени едноставниот крој што ја прави најчест избор за сите прилики.За овој синоним на женственост и елеганција се покажа дека со помали разлики во кројот може добро да и стои на секоја форма на тело, а познатите дизајнерски имиња и високо стилски брендови на краткиот црн фустан секоја сезона му даваат нов живот водејќи се од актуелните модни трендови.