(ГАЛЕРИЈА) Сонував дека ќе имам пари и ќе свирам на турнеја: Концерт за уживање на Дејвид Гарет

Добивај вести на Viber

Умешноста да комбинира преработки на класична музика со неговите омилени рок-хитови е убавината во репертоарот на Дејвид Гарет, германскиот виолинист со светска слава, кој вечерва одржа концерт во А1 Арената во Скопје.

Започна моќно, со дел од Петтата симфонија на Бетовен, продолжи романтично, со насловната тема од серијалот филмови „Пиратите од Карибите“, а веднаш потоа, на сцена стапија „Металика“, „Еј-Си/Ди-Си“, „Нирвана“, Стиви Вондер.

„Рок музиката е голем дел од мојот живот, но она со што започнав е класичната музика. За ова ремек дело од Бетовен ми требаа години да го усовршам, а тоа се случи кога имав 13“, раскажа Гарет. 

Виолината која ја купил татко му кога имал четири години, првично била наменета за неговиот брат, но веќе на пет години, Дејвид со неа победил на натпревар.

„Оваа турнеја ми е посебна, затоа што со вас славам десет годишен јубилеј. На претходната турнеја, немавме цел бенд, немав пари да платам тапанар. Седевме во едно мало стдуио и сонувавме дека еден ден ќе станеме вистински бенд кој свири насекаде низ светот. Сонот ни се оствари“, рече миленикот на женската публика пред да отсвири свое авторско дело. 

Публиката стана на нозе кога Гарет се симна од сцената, се прошета меѓу своите фанови и свирејќи се фотографираше со повеќето од нив. Тоа беше само еден мал дел од вечерта за уживање.

Концертот го организираше продукција „Прагма“.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски