(ГАЛЕРИЈА) Спиев во неговиот дом, жал ми е што не отидовме по риба: Спортистите се простија од Буштур

Добивај вести на Viber

Тажно беше денес, на заедничката  комеморација на Кошаркарската федерација, Националниот олимписки комитет и Градот Скопје, во чест на легендата на македонската кошарка Благоја Георгиевски - Буштур (70) кој завчеравечер трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела вода. Претесна беше салата во хотелот „Хилтон“ во Скопје да ги прими сите пријатели, колеги и фанови кои дојдоа да му оддадат почит на великанот кој не' напушти одеднадеш. Беше отворена и книга на жалост, а комеморацијата беше отворена со една минута молчење.

На комеморацијата присуствуваа сегашни и поранешни спортски легенди, членови на семејството, судии, претставници од АМС, директорот Дарко Каевски, делегација од МОК предводена од претседателот Васил Тупурковски, челниците на КФСМ, генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, како и првиот човек на ОФМ, Петар Јовановски…

Меѓу оние кои зборуваа за македонската спортска легенда беше и поранешниот репрезентативец, а сега директор во КФСМ, Тодор Гечевски. 

„Тешко е да се зборува во вакви моменти. Наместо заедно да ги славиме неговите успеси, сега ќе мораме да го збориме тоа без него. Буштур беше добар човек на добар глас. Ми дојде сликата на нашето запознавање, во Кавадарци кога ме повика да играм за кадетите...спиев во негов дом... Колеги во кошарката и риболовот... Жал ми е што не отидовме по риба заедно... Се надевам дека сега таму горе дава кошеви и фаќа големи риби“, евоцираше спомени Гечевски за Буштур. 

Буштур ќе остане запаметен како единствениот македонски кошаркар кој освоил медали од големите натпреварувања, а почит на легендата му оддаде и Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Речиси целата своја кариера ја помина во редовите на Работнички клуб со кој играше во Првата југословенска лига. Беше член и на младинската селекција на Југославија која предводена од Лазар Лечиќ ја освои Балканијадата во Ријека, а пак на младинското Европско првенство заедно со своите соиграчи стигна до четвртото место.

Учествуваше на две ЛОИ во Минхен 1972 и Монтреал 1976, кога како член на југословенската репрзентација го освои сребрениот медал. Настапи за репрезентацијата на СФРЈ повеќе од 190 пати. По завршувањето на спортската кариера, како великан и заслужен спортист, беше член на голем број спортски асоцијации и тренер.

Утре во 12 часот на Градските гробишта Бутел ќе биде погребан Благоја Георгиевски - Буштур.

Фото: В. Тануровски