(ГАЛЕРИЈА) Ти си ѕвер на сцена, а ангел во душа: Колегите се простија од Беличанец

Детскиот хор "Развигорче", чиј член била долги години, за последен пат ја поздрави актерката Билјана Беличанец, на комеморацијата во Драмскиот театар. За познатата актерка која во недела си го одзема животот, со емоции и солзи зборуваа нејзините колеги. 

„Кога дојде од Прилеп во Скопје, на оваа сцена те пречекав. Сега на истата оваа сцена те испраќам. Не е фер. Требаше уште да работиме со твојата весела дружина. Ти никогаш нема да бидеш во минато време. Ти си ѕвер на сцена и ангел во душа", рече Дејан Лилиќ. 

Колегата Драган Спасов-Дац, упати порака до децата на актерката. 

„Лука и Мона, бидете горди на својата мајка. Имате силна причина. Овие денови, многу луѓе токму на мене ми изјавуваат сочуство. Знам и зошто. Таа беше мојата Цвета на оваа сцена, мојата Сара, мојата Сузана. Таа едноставно беше мојата Билјана Беличанец“, рече Дац. 

Тој додаде оти Драмскиот тетар е место полно со духови. „Дади, Ванчо..., сите се тие овде негде и го слават твоето доаѓање во бесмртноста“, рече низ солзи актерот. 

Снежана Конеска ја нарече своја ќерка, а од Беличанец низ солзи се прости и Катерина Коцевска, но и колегите од Народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

М.Џаровска 

Фото: В.Тануровски