(ГАЛЕРИЈА) За да се промениме, мора да бидеме заедно: Лени Кравиц инспирира со човечност

Добивај вести на Viber

Неговата љубов владее веќе три децении откако во 1989 година го објави деби-албумот Let Love Rule. Лени Кравиц е хуман уметник, искрен борец за човекови права, музичар со неверојатна енергичност и харизма, а тоа го покажа и синоќа во Скопје на неговиот долгоочекуван втор концерт во нашата земја, по спектакуларното шоу во 2008 година на охридскиот стадион „Билјанини извори“.

Како што беше и најавено, на сцената остана повеќе од два часа, смени неколку гитари, прошета меѓу обожавателите и во неколку наврати ја потенцира сопствената фасцинираност од убавините на нашата земја.

- Добровечер, како сте? Прво сакам да ви кажам дека сме благодарни, благословени да бидеме со Вас оваа вечер и Ви благодариме на убавото добредојде. Вчера се прошетав во Скопје и пронајдов љубов во Македонија. Зборував со луѓето, пеев со нив, јадев со нив - им се обрати американскиот рокер на фановите.

Невообичаено за ѕвезда од ваков калибар, Лени инспирира со човечност. Фасцинантна е неговата посветеност и страст кон музиката. На подиумот е и романтичар и ѕвер. Фановите подеднакво уживаат и во неговите нежни интерпретации (It Ain’t Over ‘Til It’s Over) и во неговите жестоки перформанси (Are You Gonna Go My Way). Големо воодушевување и привилегија е да се слуша во живо. Неговите песни се полни со љубов и оптимизам. Но, и со искрен активизам. Неговата животна филозофија е отпор кон политиката преку единство, љубов и мир.

- Мои пријатели. За да се промениме, мора да бидеме заедно. Живееме во критични времиња. На голем крстопат сме. Едниот пат води кон живот, а другиот кон уништување. Кога ке научиме дека ние сме еден човек од еден Бог? Ние сме браќа и сестри. Толку е едноставно. Како луѓето не можат да разберат? Ние сме различни со причина. И треба да се почитуваме, а не да се плашиме еден од друг - ни порача Лени.

Ова Raise Vibration шоу вредеше да се доживее. А, ѕвездата на вечерта ни вети дека ќе се видиме повторно. Концертот го организираше „Авалон продукција“.

Ѓ. С.

Фото: Вангел Тануровски