(ГАЛЕРИЈА) Живеам за да те сакам: Девојките полудеа по Саша Ковачевиќ

Добивај вести на Viber

Со овации и со вресоци беше пречекан Саша Ковачевиќ, на концертот во ВИП Арената во Скопје. Главно женската публика своите телефони ги имаше подготвено уште пред српскиот пејач да се појави на сцената, за да не пропушти да сними ниту еден детаљ од настапот на својот миленик за социјалните мрежи.

Девојките, очекувано полудеа по Саша, а тој им возвраќаше со познатата изрека на Тоше Проески: Ве сакам сите. „Не сум бил овде три години. Ајде да ја повториме таа журка од последниот концерт. Да биде уште подобра“, рече пејачот.

Најголемата турканица се создаде во првите редови. Обожавателките, обидувајќи се да го допрат, му ги довикуваат стиховите од хитот „Живим да те волим“ (Живеам за да те сакам). 

Една од повеселите негови песни со која кулминираше атмосферата „Температура“ ја испеа на средина на концертот. Температурата беше висока во текот на целата забава, а песните од прв до последен стих, Саша како да ги пееше во придружба на хор, неговата верна публика.

Концертот го организираше „Балкан медиа“. 

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски