Не зимај чоколатце од непознати чичковци
Значи не знам од кај да почнам. Страва. Ужас. Хаос…
Ова не е нормално. Се осеќам, како цела куќа да ми е наопаку. Како кога, ќе ви влезе крадец дома и кога барајќи пари, злато и вредни предмети ќе ви направи р’шум низ куќа.
Испокинато се, испревртено, искршено…
Понекогаш сум си мислела, сите овие вредни нешта, да ги оставам на ачик, па кога ќе влезе да си земе што му треба и да ми ја остави куќата на раат.
Ама тоа ти е исто како кога бев мала и кога мајка ми на секое излегување од дома, ми викаше никако да не земам чоколатце од непознат човек. Долго време не ми објаснуваше поради што ми ја кажува нон-стоп оваа страшна забрана, а мене исто така долго време ни ми влагаше у глава, зошто не смеам да земам чоколатце од некој чичко на улица. Јас едвај чекав такво нешто да се случи и некој така да ми подари чоколадо на улица, за баш да видам што е тоа толку опасно. Не само поради љубопитноста од самата забрана, туку и поради тоа што дома баш и не ми даваа да јадам чоколади. Приказната за здрави заби, беше една од „стоте теми“, со која ми го „труева детството“. И една од „стоте забрани“, кои морав да ги почитувам „ко Оче наш“. И бидејќи си мислев дека јас ги имам најлошите родители на светот, баш сакав да видам што е тоа толку страшно со чоколатцето.
Ама за среќа никогаш не ми се случи вакво нешто.
Кога подпораснав, ја прашав мајка ми, што беше тоа толку страшно со чоколатцето.
Ми објасни, дека се тоа можни психопати, односно, „чичковци кои злоставуваат девојчиња“.
Памтам дека и баба ми на оваа тема, стално додаваше дека „тие луѓе“, немаат рогови за да можеш да ги препознаеш кои се.
Ни ова не ми беше јасно, ама пак ќе кажам, за моја среќа, никогаш не ми се разјаснило на таа возраст.
Кога разбрав дека „чоколатцево“ е всушност „отровот“, кој никогаш не смеам да го земам, со ноќи размислував што ако ми се случи вакво нешто во животот, како ќе се одбранам во тој момент.
Уште бев млада и зелена и она што го смислив е дека, нема да се бранам, нема да викам, нема да го тепам, туку ќе се предадам и ќе бидам мирна додека да заврши чинот. Си мислев дека така најлесно ќе поминам. И дека барем нема да бидам „убиена“ од ќутек.
Вакво нешто исто сум си мислела и по повод „Германците“. Демек, ако пак дојдат Германците, и ако не нападнат, дека јас нема да бегам, него ќе паднам тука одма, ко божем мртва и дека така ќе се спасам.
Не е за смеење. Иако знам дека смешно звучи овој „детски памет“.
Многу години подоцна, кога почнав да правам емисии на телевизија, во разговор со еден наш врвен психолог на тема „злоставување и силување“, разбрав дека всушност „силувачот не сака жртвата да биде мирна, да се предаде и да „ужива“, во чинот. Исто како и крадецот. Тој не сака сè да му е на ачик, туку „го возбудува“ сè да испреврти.
Значи силувачот го возбудува е токму борбата на жртвата.
Разбрав дека тука се крие неговата изопаченост, односно шизофреничност. Болката, солзите, молењето и ужасот на жртвата е всушност она на што „се пали“, манијакалниот ум.
Возрасна бев, имав едои триесет и пет години, ама како бумеранг ми се врати стравот од детството. Односно стравот на мајка ми.
Дури толку години подоцна сè ми стана јасно.
И зошто ми викала и зошто така втренчено ме гледала, ококорена, чиниш очите ќе ѝ испаднат, после секое мое враќање дома, малку подоцна.
Крвта ми се смрзна.
Слично вака крвта, ми се смрзна минатата недела по повод една ваква слична тема, бидејќи не знаев дека „неказнетите чичковци“, можат со тоа да се фалат многу години подоцна.
Нит сум го гледала видеото, нит имам намера да го гледам, бидејќи со такви „шеми“, раскрстив после „Велики брат“.
Тогаш ми стана јасно, во каков мегдан се претвара телевизијата и во каков „чорбест ум“, исто така се претвора телевизискиот конзумент, односно гледач.
Нит осудувам, нит имам намера да мудрувам и да се правам паметна.
Мојата телевизиска приказна почна во вистинскиот час, тогаш кога се правеа аудиции, на кои се пријавуваме по сто и кусур девојки за да одберат две-три од нас и кога не учеа искусни и исклесани телевизиски мајстори од типот на Бранка Станковска, Лилјана Трајковска, Благоја Крстевки. Исто како што мојата телевизиска приказна заврши, исто така во вистинскиот час. Тогаш кога за менаџери и директори, дојдоа, некои чудни и мутни типови.
Затоа велам, нит мудрувам, нит се правам паметна.
Едноставно знам дека сум дел од една еволуција, која си врви по некја своја стаза и дека ако сум свесно битие-за какво што се декларирам, треба да си го грабнам животот под мишка и да си врвам јас, со него по мојот пат.
Но она за што искрено жалам во ова писание, поради кое што и ја напишав целата оваа приказна е тоа што видов дека секој втор, ако не и секој еден човек на социјалните мрежи изминативе денови зема „чоколатце од чичкото“.
Кога луѓето би си гледале своја работа, би живееле сто години, не затоа што нема да јадат чоколадо, туку само поради тоа што ќе си гледаат своја работа.
А „чичковци“, вакви или онакви и имало и ќе има.
И за да не се разбреме погрешно, за ваква работа, треба некој таму друг чичко да го грабне овој другиов да го осуди и да заврши приказната како што треба.
Ама се плашам дека сите наши чичковци се со чоколатца на главата.
И затоа после приказните за кои вреди да се пишува и дискутира остануваат заборавени.
Но, не!! Не сум ги заборавила ни Максим Димитриевски, нити пак Стефанија Гаштарска.
Секако дека ќе им дадам едно вистинско почесно место, во моите колумни. Толку можам. Да бев уредник во телевизија, ќе направев и емисија и репортажа и сè што овие двајца ликови заслужуваат. Секој на свој начин.
Ама ете не сум, бидејќи мајка ми на време ме научи да не зимам чоколатца од непознати чичковци.За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: