ХИВ, вистини и предрасуди
ХИВ, вирусот што предизвикува СИДА, стана еден од најсериозните предизвици за здравјето и развојот во светот откако беа пријавени првите случаи во 1981 година. Приближно 86 милиони луѓе се заразени со ХИВ од почетокот на епидемијата, а околу 40,4 милиони луѓе починале.
Според проценките на Светската здравствена организација, 39 милиони луѓе ширум светот живееле со ХИВ на крајот на 2022 година. Се проценува дека 0,7% од возрасните на возраст од 15 до 49 години во светот живеат со ХИВ, иако статистиките варираа во различни земји и региони.
Во Македонија според последните информации 500 лица живеат со вирусот, но она што загрижува е фактот дека иако предрасудите и стигмата донекаде се намалија, а ефикасноста на третманот значително порасна, сепак мал е бројот на луѓе кои се тестираат и го знаат својот ХИВ статус.
На вистините и предрасудите за ХИВ е посветена Епизода 28 од серијалот ТВ Такси 28. Ана Стрезо и Стефан со соговорниците Андријана Папиќ Манчева, координаторка за комуникации во ХЕРА и Атанас Аврамов од НВО „Заедно посилни“ зборуваат за реалната состојба во нашата земја.
Во рамки на програмата на ХЕРА функционираат 2 младински центри „Сакам да знам“ каде можат да се добијат бесплатни, и доверливи здравствени услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Тестирањето за ХИВ во Центарот е брзо, бесплатно и анонимно, без здравствено осигурување или здравствена книшка.
„Грижата за себе треба да биде на прво место, затоа што само така се грижиме не само за себе, туку и за сите околу нас.“, вели Папиќ Манчева поенцирајќи колку е важно навремено откривање на вирусот со цел пациентот да добие веднаш ретровирусна терапија што овозможува долг и квалитетен живот и покрај позитивниот ХИВ статус.
Исклучително е важно, според Аврамов од НВО „Заедно посилни“, лицата во моментот на добивање на информацијата за позитивен ХИВ статус да имаат псхихо-социјална поддршка но и подоцна кога за жал се соочуваат и со стигма, предрасуди и дискриминација.
Во оваа епизода дознавме и за еден интересен дел од биографијата на актуелниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир кој неколку години од својата адвокатска кариера посветил волонтерски да застапува лица заболени од ХИВ/СИДА, а во препознатливото ТВ Такси 28 комбе се повози и Огнен Јанески кој раскажа за својот активизам во кампањата за подигнување на свесноста и грижата за машкото здравје.
Гледајте Епизода 28 од ТВ Такси 28
*пр-објава