И на приватен и на професионален план 2021 г. ќе ја паметам по убави нешта: Искрено пред празниците со Бојана Скендеровски
Годината што изминува за неа беше продуктивна. И во последните неколку дена
од 2021 пејачката и водителка Бојана Скендеровски има полни раце работа. Таа
годинава ќе ја заврши со нова песна и видео.
Бојана е дама која внимава на
својот изглед и честопати знае да изненади со сосема нова трансформација, но
исто така е препознатлива и по облеката на која секогаш внимава. Токму во
оваа наше празнично интервју пејачката го отвори домот за Женски магазин, откри
кое е нејзино омилено парче облека, како украсиле дома за Новогодишните и
Божиќните празници.
- 2021 -ва е секако подобра година од 2020-та, ќе ја паметам по убави нешта на приватен план, но и на професионален план исто така нештата беа позитивни, нови соработки и проекти, и секако оваа година ја завршувам со нова песна и видео… Зад завесите е мојата најнова песна, ни откри Бојана.
* Како Вие го украсивте Вашиот дом годинава?
- Китењето на домот пред новогодишните и Божиќните празници за мене претставува уживање, секоја година јас и сопругот многу внимателно и посветено го китиме целиот дом, и терасите, сето тоа внесува дополнителна магија и енергија во нашите животи. Најмногу внимание посветуваме на дневната - нашата најголема просторија, но од влезот на домот започнуваме со украсување, вели Бојана и додава дека домот го украсуваат сами, но истакна дека за домашните веселби бараат помош од професионални лица.
Инаку Бојана, има преполни ормани со облека, а ни откри кое парче и е омилено и зошто.
- Неможам да се одлучам за едно, имам многу уникатни парчиња кои за мене ги креира веќе 7 години дизајнерката Ива Спасовска, со која се разбираме со еден поглед и сме на иста бранова должина, има креирано за мене парчиња кои ги носам приватно, но и за настапи, и снимања, но ако мора баш да издвојам тоа е розевиот капут-мантил кој сега неодамна таа го направи за мене…
Заљубена сум и во едни црни војнички чизми, кои оваа зима се модерни и ги комбинирам буквално со се‘.
* На какви парчиња облека трошите најмногу пари?
- Имам навистина доста облека, не поради мојата професија, туку и поради фактот што тоа ми е пасија, но и желба да експериментирам.
Не сум сноб, не купувам само брендирано, купувам тоа што ми се допаѓа од било каде и комбинирам.
* Која боја е најзастапена во орманот на Бојана Скендеровски?
- Во мојот ормар најмногу преовладува црната боја, но ја сакам и белата и розевата.
Што се однесува до пеењето Бојана неколку години паузираше од музиката бидејќи се посвети на семејството, на сопругот Васко со кого е во брак 6 години и на дечињата Искра и Ѓорѓи. А токму дечињата се радуваат најмногу на празниците кои ни претстојат и си имаат свои желби за Новата година.
* Дали со вашите дечиња му пишувате писма на Дедо Мраз (за да знаете што си посакале за Нова Година), или сами вие по ваш избор им купувате подароци?
- Ќерка ми Искра веќе му пиша на Дедо Мраз за новогодишниот подарок, и тоа писменце веќе патува за Лапонија и сигурно нејзиниот подарок ќе ја чека на Нова година под елката, а Ѓорѓи слушна од сестра му дека Дедо Мраз носи подароци па ѝ рече на Искра да му напише на Дедо Мраз и за неговата желба….
* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ, а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Некои обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?
- Бадник и Божиќ во мојата фамилија секогаш свечено се прославувале, тоа го правам и јас откако сум мајка и сопруга, ги подготвувам истите нешта кои ги подготвуваше мојата баба, и мојата мајка и секогаш сме дома за Бадник, а за Божиќ традиционално одиме во домот на моите родители на ручек, се собираме сите.
* Ќе настапувате ли некаде за пречекот на Новата година? Каде?
- Не настапувам за Нова Година, работевме на неколку проекти со нашата продукција околу новогодишните емисии и настани, затоа паузирам.
* Што ќе им посакате на читателите за Нова година, вашата Новогодишна честитка до нив?
- На сите читатели им посакувам да имаат добро здравје, да веруваат во своите соништа, ништо не е неостварливо, и да шират љубов и позитивна енергија!
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива
Видео: Youtube - Produkcija Skenderovski