И тапанарите имаат свој Коби Брајант: Искрена приказна на Гаро Тавитјан

По тапанарите на „Ролинг Стоунс“, „Квин“ и „Дуран Дуран“, и нашиот музичар Гаро Тавитајн стана заштитно лице на Vic Firth, светска компанија која е број еден во светот за производство на палки за тапани. Компанијата има глобална мрежа и дистрибуција во целиот свет, а Гаро вели дека повеќе од 20 години настапувал со нивните палки.

„Користев и модели кои се со потпис, односно моделот на Dave Weckl (за кого Yamaha  направи добош со потпис за целиот светски пазар) кој е познат како светски виртуоз (Греми дибитник) и како тапанар на најголемите светски музичари како генијалниот композитор на денешнината, Chick Corea. Низ текот на годините имав прилика да свирам и со палиците на Steve Gadd , signature серијата на Omar Hakim, како и Vinnie Colaiuta кој е најсниманиот и највиртуозниот тапанар на денешнината, а настапува со Sting, Peter Gabriel, Chaka Khan, Frank Zappa (во 70-тите), Herbie Hancock, а е и солист со свои солистички агенди и проекти и е изгласан повеќе пати за тапанар на деценијата во Америка. Инаку Vic Firth го имаат и Charlie Watts кој е тапанар на светските Rolling Stones, најголемата група во светот, и тој има палки Vic Firth со негов потпис. Тапанарот на Queen (Roger Taylor Medows) е исто така артист на оваа компанија, тапанарот на Duran Duran (R.Taylor), Nicko Mcbrain кој е тапанар на култниот бенд Iron Maiden, Billy Cobham е артист на Vic Firth, Omar Hakim кој настапуваше со Madona, Weather Report, Miles Davis е Vic Firth artist, Nate Smith,Jojo Mayer, Eric Harland.. Артисти на Вик фирт се претежно тапанари од светските бендови или соло виртуозни артисти кои соработуваат со разни други светски имиња и имаат своја солистичка кариера“, раскажа Тавитјан за „Женски магазин“.

„Дел од оваа компанија е и предходникот на Vinnie, а тоа е легендарната Американска икона Buddy Rich кој е еден од основачите на виртуозното тапанарството. Овие тапанари се највлијателните во светот на тапанарството, еквивалентно на Мајкл Џордан и за жал покојниот Коби Брајант во НБА лигата или како Meси во фудбалот“, објаснува Гаро за значајноста на неговата сорботка со компанијата и го раскажува патот како стасал до таму.

Неговото интезивно одење во Америка во текот на минатите 15 години и концертите со брат му Диран, како дел од Tavitjan Brothers проектот им овозможи светска турнеја низ текот на годините.

„Точно помина 21 година од нашиот прв настап во Македонија. Мислам дека кај секој артист кој патува и настапува во разни земји, се губи потребата да врши маркетинг во одредена таргетирана средина бидејки многу брзо се чувствувате како жител на светот особено со интернетот, со авионските летови и отворените граници. Стандардите во разни земји се различни за музика и конкретен план или активност не може да биде иста во сите средини. Вон Македонија имавме исклучиво инструментална авангардна кариера каде никогаш не настапувавме со поинаква музика освен со инструментален џез (и понекогаш гости од светската сцена), модернизирано и етно (фолклор) во инструментална форма (во некои случаи и вокалисти како гости) и исто примеси на класична музика (која ја изучувавме и во школските денови). Кога настапувавме со вокали тоа беа специјални гости кои беа Греми артисти како Roseanna Vitro и артисти како John Marshall со кој прв пат за време на нашиот престој вo Германија имавме шанса да се запознаеме и настапуваме. Тој беше десна рака на Ray Charles и диригент на култниот европски Биг Банд наречен WDR BIG BAND кој соработуваше со светски имиња. Кога бевме примени во Германска џез академија со брат ми имавме многу настапи тој период во Германија во повеќе градови, во градот Есен, Дортмунд, Дизелдорф, Келн, Фиерзен.. Многу чести настапи и на големи сцени“, вели Гаро.

Во 2001 Диран и Гаро Тавитјан добија стипендија од Универзитетот Беркли во Бостон и тоа ги мотивирало да продолжат со оваа џез/етно/ фјужн музика која ја негувааат. Потоа беа примени во Германија на Џез академија (со стипендија) каде што претстојуваа извесен период и брзо почнаа со настапи по големи сцени и студиска работа таму.

„Кога победивме на Sony натпреварот во London добивме понуда да издадеме музика за Sony и влеговме на издание на SonyJazz,  а во тој проект беа и светските Yellow Jackets. Тој пласман направи неколку светски магазини да направат рецензии на нашиот репертоар и вкупно се појавивме во над 200 магазини и светски портали до сега. Почнаа покани за концерти од Сава Центар во Белград каде што свиревме два пати, сѐ до Егзит и над 50 концерти низ цела Србија од Ваљево, Нови Сад, Белград, Нишка филхармонија, Лесковац, Кикинда, Шабац и во некои места и по 4 пати настапувавме. Потоа добивавме покани за Бугарија во национална филхармониска сала имавме преполн концерт, па на џез фестивалите во Банско неколку пати, во Русе итн. Добивавме покани за Словенија каде наполнивме сали како Цанкарјев Дом и Словенска Филхармонија, но имавме и настап во Логатец. Хрватска дојде на ред со приморкса турнеја на Истра од Пореч, Опатија, Пула, Момјиано, Загреб и други места. Бев и во Босна, како и на огромна сцена бевме поканети да правиме концерт во Тирана во Албанија, каде што имаше 8000 луѓе. Во Ерменија отидовме со серија големи концерти, каде имавме полна сала во Национална Филхармонија, па настапивме на Каскадите пред 9000 луѓе, во Мецо Класик Хаус неколку пати, па на џез фестивалот со светски имиња итн. Во Русија се пишуваше за нашите концерти и нашата работа, имавме покани од Холандија,Бразил,Франција, Норвешка, Австрија,Грција,Италија каде јас бев и исто така во Полска на интернационален џез фестивал. Нашите концерти во Лондон беа огромен предизвик за нас бидејки Англија е земја со многу висок репер и критериум за музика,  од таму потекнуваат многу значајни епохални артисти и правци. Имавме огромен успех, полни сали и кога дојде на ред Америка тоа веќе сериозно ни одзема време за да ги припремиме тие концерти и проекти. Америка е подрачје кое преголемо и ги содржи сите можни најквалитетни  уметности и пристапи кон нив“, додава Гаро.

Според него, премногу не треба да се говори, а најдобро е да се отиде и да се доживее на пример еден Њујорк каде што со брат му Диран престојувале неколку пати по неколку недели. Таму им се случија убави концерти во легендарната џез локација Blue Note, во Nublu, Drummers Collective и најважниот нивен  концерт во најпозната светска сала Carnegie Hall која беше распродадена.

„Имаме многу пријателства во Америка од светската сцена. Патот не е воопшто лесен. Контактот со Америка е од моментот кога станавме добитници на стипендија 2001-ва од Беркли па до денеска. Имавме музички искуства и во Њу Џерси и во Атланта каде имавме шанса да бидеме гости кај пијанистот на Мајкл Џексон кој беше и музички директор на Earth,Wind and Fire, Aguilera, Ray Charles. Настапите со него и снимањата за трибјут проектот на Мајкл Џексон за нас беше уникатно доживување. Низ годиниве остваривме преку 400 концерти низ светот и запознавме неверојатни артисти и луѓе.

Овој инструмент бара секојдневно вежбање барем по 4-5 часови. Постојат многу предизвикувачки вежби кои знаат да ви одземат и до 10 години за да ги совладате иако креативноста во овој тип на уметност е индивидуална и вокабуларот кој ке го изградите е независен од техничките рудиментални вежби и стручната литература која е секако многу корисна. За мене предизвик беа полиритмии и полиметрии како концепт, одвојување на рацете од нозете во смисла на метричка независност. Момент каде нозете свират во едно темпо, а рацете во друго темпо независно и во друга метрика“, со страст зборува Гаро за својот инструмент.

Неговите почетоци се врзани за групата Гаро и Парамециум, каде што секој ден на пробите го гледал на тие проби неговиот татко како изведува на тапаните. Подоцна, останувал и самиот да вежба до многу доцна.

„Одев со нив и на концерти, почнав да настапувам и со по една соло точка во почетоците, многу постави се сменија во таа група, јас учев и во Скопје во МБУЦ, кај професорите по ударни инструменти Зоран Спасовски и Кристијан, имав многу литература, многу собирав видео школи/курсево особено од Weckl, Vinnie  и Chambers, растев со пријател со кој почнав да свирам Драган Трајковски Фис кој замина во Германија кој ме натера и јас да одам подоцна да видам и истражам. Најголема поддршка ми беше брат ми од кој најмногу научив музика во животот и уште учам. Тој е најзаслужен за проектот Македонско Срце чука во 7/8 и музиката на Парамециум и 70% од музиката на Tavitjan Brothers. Вистински учам од него. Почнав да се занимавам со продукција и студио и направив неколку песни, За нас – Брејк (Заедно со Н.Перевски), а подоцна и Нокаут ја изведуваа, како и Трафика Мала која ја направивме заедно, потоа правев песна за Оливер Мандиќ, за Паула С од Атланта, аранжмани работев за Бреговиќ, Аки Рахимовски, Сергеј Четковиќ, Шола и многу други комерцијални изведувачи, научив и видов како е да се биде дел од таков вид на продукција. Сепак, 99% од времето творам авторска музика, фјужн и џез. Сега го завршувам албумот со  светски имиња, работев и музика за претстави, но најважно е секој ден да се вежба на инструментот“, раскажа музичарот.

Според него, божјите патишта се предизвикувачки и непредвидливи, а уметникот не треба да се занимава со бројки и со статистики , туку само со творење и со прогрес и љубов кон музиката.

„Сѐ друго е  можеби нереална перцепција на другите или врз себе. Навистина верувам во тоа. Треба секој артист да се соочи со фактот дека не можете да ја контролирате волјата на публиката, ниту можете да им кажете што да ценат и што да им се допадне, таквиот однос во себе си, а потоа истиот однос и со публиката може да ве донесе до непосакуван резултат и емоции. Духовната компонета е важна бидејќи сакаме да веруваме во доброто, сакаме да допринесеме секој на свој начин за нечие добро, за подобро утре, за наредната генерација, за нас самите, за нашето духовно здравје, за блиските. Најверојатно љубовта е таа сила која е пресудна и ја одржува мотивацијата  низ патот на уметникот“, раскажа Тавитјан кој вели дека освен прошетките во природа и читањето книги, најмногу ужива во читањето на Библијата.

Милица Џаровска