Имаш право на високи критериуми!
Ретко кога се нафаќам да гледам серии, односно ги избегнувам до максимум оти немам усул. Не за друго, туку не сум раат дур не ги изгледам сите сезони и сите епизоди, умот ми е таму, деконцентрирана сум за се’ останато, навечер седам до ниедно време и после си имам мака да функционирам ко што треба. Така, манијачки сум ги изголтала Sex and the city (оти било срамота што не знаев која е Кери, а која е Саманта), па Friends (од сите нив, Џои ми е фаворит), па сега скоро беше кога ја изгледав Grey’s anatomy (се убив од плачење на романсата на Мередит и Дерек, мислам дека моите раскинувања не сум ги исплакала така како што ја отплакав неговата смрт), па The walking dead и оној згодниот Дерил. Проблемот ми е што од една страна ем сакам сите да ги изгледам наеднаш, ем да ми трае чувството на неизвесност штоопшто земено по сите правила е невозможно. Нејсе, пред некоја година ја фатив Bridgerton (ќе ми простите со имињава, ама поарно да ги имате во оригинал, отколку да утнам некаде) која ме освои со различноста и приказната. И сега скоро ја изгледав третата (и се надевам) последна сезона која е всушност и мотив за оваа колумна.
Да скратам, во третата сезона има сцена во која разговараат две пријателки во свои 50+ години. Како вовед...двете се вдовици, од кои едната имала прекрасен живот со починатиот сопруг и која уште пати заради неговата смрт иако поминало многу време, додека другата имала брак кој се засновал на меѓусебна корист (тој ја добива нејзината младост, а таа неговите пари). Првата, која била вљубена во својот сопруг после години и години самотија, повторно почнува да чувствува потреба да има маж покрај себе и тоа го кажува на својата пријателка притоа велејќи (со доза на вина и срам) дека има високи критериуми. На тоа, нејзината пријателка и’ одговара “имаш право на високи критериуми”.
ИМАШ ПРАВО НА ВИСОКИ КРИТЕРИУМИ!
Замислете го мојот шок од оваа вистина која е сведена во една реченица, а крие во себе не само мудрост, туку и рецепт за квалитетен живот. Замислете како тоа звучи во поднебје во кое сме по шема воспитувани да не пребаруваме (демек преку леб-погача), што во превод значи да се задоволиме со она што ни е понудено или веќе го имаме. Замислете ја моќта на една, единствена реченица која верувам дека во западниот свет е како доброутро и дека никој дур ја читал не се испопотресол ко мене.
Мислам дека само кај нас вредноста на човекот опаѓа како старее, наместо да биде обратно. Наместо да се почитува искуството со кое се збогатуваме, ние му се потсмеваме. Наместо патината со која секој од нас се стекнува со годините да е показател за зголемување на нашата вредност, кај нас е обратно. Девизата дека “си начукал 50 години и нема што да пребаруваш” е не само сурова, туку и нереална. Што значи ова? Дали правото на високи критериуми, па и очекувања, се резервирани за луѓе до одредена возраст?
Критериумите се градат низ животот и не само што се градат, туку и се менуваат. Ако на 20 или 30 годишна возраст ми било важно да е сличен на мене за да имаме исти интереси, сега ми е важно да имам спокој. Тогаш да го правевме овој муабет, ќе ви раскажував надолго и нашироко колку ми е неопходно да одиме заедно во театар, на промоции или концерти, да сакаме и двајцата книги, да имаме ист вкус за музика. Сега е малку поинаку во однос на моите критериуми. Сега, сеедно ми е дали ни се интересите исти или не (ептен само во музиката да не ми забегува накај турбо фолк, друго можам да истрпам). Многу работи можам сама, па и нема потреба да сме врзани ко црева. Можам сама на изложба, промоција, концерт, прошетка без да се чувствувам непријатно. На овие години, важно ми е да имам кому да верувам, да се поверам, да се чувствувам заштитено. И да, ми имаат суптилно кажано оти не е баш здраво и ок да сум сама толку долго време, дека треба да си најдам некој за да ми даде чаша вода ко ќе остарам и дека не треба да очекувам којзнае што, оти не сум баш во цветот на младоста. Пффффффф!
Да ми простите на францускиов, ама поголемо срање од тоа дека треба да се има некој за да ви даде вода и апој на старот, нема! За така, ќе си одам во дом за стари лица и ќе ме клукаат со вода и апчиња колку што треба (а и со другаркиве се договараме да си изнајмиме куќа на старост, во која ќе живееме сите заедно за да се пазиме една со друга....уште од сега се смееме на што ќе личи тоа).
Да се биде со некој не е математика, а особено не е проста математика. Имам критериуми и имам очекувања. И тоа големи. Многу ми е без врска кога луѓето говорат за некаква си возвишена љубов без очекувања. Не постои таква љубов и точка. Еднаш имам пишувано за ова и уште стојам на истот став. Ако ништо друго, очекувањата се дека некој ќе има почит кон вас и дека со почит ќе го негува тоа што му го давате од себе. Немам очекувања само ако не сум заинтересирана и ако не љубам. Да си запамтите дека ко ќе почне некој со филозофирање оти не треба да имате очекувања од него, тој човек не е за вас.
Пред некое време имав многу убава комуникација со еден маж, со кој ни течеше муабетот ко подмачкан. Многу смеење, она допадливо надмудрување, башка ми беше многу симпатичен (го знаев од градот уште одамна, сме излегувале на исти места ама никогаш не сме имале можност да се запознаеме). Еден ден, ми вели дека супер ова што се кикотиме преку пишување, ама дека би било ок и да се видиме на кафе. Тие што ме познаваат, знаат колку сум тешка на договарање за кафе и гледање, особено ако е спротивен пол во прашање. Нејсе, решив да дадам шанса и едвај велам ДА кога (како шлаг на торта и цреша озгора) добивам едно “ама без очекувања”. На тоа прво се обидувам да ја истерам работата на смеење и велам “ах, значи да го приберам невестинскиот фустан”, за веднаш потоа (уста ме болела што не знае да премолчи) да му посочам оти сепак еден од нас е со очекувања, ама тоа не сум јас. Бидејќи беше сиот со прашалници, само накратко објаснив дека имал очекување да биде без очекувања. Нит кафе испивме, нит се видовме, нит се пишавме и не ме чуди што излезе така, ама ич. Ден-денес мислам за него дека е добар човек, дека е забавен и дека има во него многу допадливи нешта, ама.....без очекувања.
Имам 51 година и имам високи критериуми за се’, почнувајќи од тоа со кого се дружам, каде одам, кому го давам моето време и љубов.
Имам 51 година и имам право да имам критериуми и да не земам се’ што ќе ми се понуди, само затоа што сум на добар пат да завршам сама засекогаш.
Имам 51 година и доволно искуство за да знам дека повеќе ќе бидам несреќна и уплашена ако се форсирам да живеам шогоде, отколку да стојам зад своите критериуми. Имам 51 година и се имам изборено во животот да имам критериуми, но и очекувања и никој не може тоа да ми го одземе.
Сега ја учам ќерка ми дека не е срамота да се градат критериуми и дека треба не само да ги оформи, туку и да ги задржи, менува, надградува. И да, дека секој пат кога ќе дава дел од својата душа и срце некому (без оглед дали ќе е партнер или пријатели) треба да има очекување да добие за возврат она што го заслужува.
Имаме право на високи критериуми и на очекувања. Безусловната љубов чувајте ја само за себе и за своите потомци, бидејќи само таму вреди да се даде. Останатите, нека ја заслужат и нека докажат дека вредат доволно за да им ја сервирате.
Никогаш да не ја ставите љубовта кон другите пред љубовта кон себе и никогаш да не се чувствувате виновни или да имате срам заради тоа што сте избирливи. Тоа е ваше право и да си го искористите до максимум.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да си
најдиш чоек рамен на тебе
кој ќе ти ја љуби и сенката
кој и својата во твојата ќе ја гледа
и да те чува ко капка вода на рака
ко жеден чоек во пустина да те гледа
ко да си му зеница
ко да си нешто што не видел никојпат
таков чоек пиле да си најдиш
кој нема да ти се плаши оти ко другите не си
кој нема да ведни глава ко ќе викаш
кој тогаш глата ќе ти ја фати меѓу дланки
и ќе те замолчи со бакнеж
кој ќе ти биди изгрејсонце
а зајдисонцето рака в рака ќе го минувате
кој никогаш нема в постела грб да ти заврти
и со лоша мисла покрај тебе да заспие
таков пиле
таков да ми најдиш за себе
кој простум до тебе ќе стои ко ќе врни
и ко во животот молњи ќе ве навјасаат
кој ќе те покрие ко ми ти студи од болка
и кој ќе те нишка ко мало дете да си
кој твојата нежност ќе знај да ја види
и на твојот убав збор душата ќе му се топи
немој див чоек да земиш до себе
таквиот само ќе те умори и поболи
оти срцето твое ко памук е
и сиот јад ќе го збери
и телото ќе ми ти страда
и очите сјајот ќе ми ти го изгубат
убав чоек
рамен на себе да бараш
и колку и сама да си да не бираш шогоде
ниту да се пазариш за неговото внимание
да те остај своја да си
да те остај да пишиш оти тоа си
да не се плаши од твоите зборој на хартија
ниту од тоа дека силна знајш да бидиш
кој ќе ми те љуби и ко си со глата крената
и со нурната в земи ко не ти е арно
оти животов краток е
толку кус
шо на старост ќе ти се чини оти само си сонвал
оти ништо не било реално
зато времето да не си го губиш
ниту себе да се изгубиш во бркотници и објаснувања
кротко и мило да си го бараш она шо ти треба
она шо градината во умот ќе ти ја расцвета
а пилето во градите ќе ми ти го распеј
оти животот кус е
и горчлив знај да биди ко е чоек несреќен
и глата горе
тука е
оти секој чоек е напола сечен
и среќа е да си ја најди полојната
таа со која цел ќе е со која свој ќе е
слободен и среќен
слободен пиле…слободен и среќен