Инат

Добивај вести на Viber

Се сеќавам на првата свесност за постоење и последица од мое решение. Имав четири години, дедо ми беше на работа, вујко ми служеше војска во тој период, а јас бев оставена на чување кај баба ми. Викендот се вративме од кај тетка ми од Србија каде на мое инаетно тврдоглаво инсистирање настојував да ми се купи лулашка. Од оние дрвените што се коваат за дрво, се расклопуваат и реално најефтините.

Куќата беше дел од голем заеднички двор, каде дедо ми и неговиот брат делеа земја, нам ни припаѓаше помалиот дел, но дворот беше огромен и како семејство го користевме сите. Во моментот кога најтврдоглаво на свет решив дека мора сега и одма да се лулам, дома беше само другиот вујко, од братот на дедото. Во тој момент имаше околу дваесет и кусур години, а јас бев едно дебело напорно топче што по секоја цена мораше да ја проба лулашката. И се разбира вујко ми колку што умееше и беше спретен ја намести лулашката, ме намести мене и почна да ме лула. Баба ми во тој момент ја миеше кујната, се сеќавам дека носеше престилка кога истрча надвор. Јас запнав да ме лула се посилно и посилно, ама не, посилно па пак посилно… Паднав. Во мометот на падот во делот од секунда се сетив на разговорите со татко ми како ми вели Ивана секогаш кога ќе паѓаш испружи ги рацете напред за да паднеш на раце и да не си ја удриш главата. Јас ги испружив, но.. носев блузон со капуљача и вујко ми за да ме задржи успеа само да ја дофати капуљачата. Од притисок удрив директно со главата во цименто. Ми се отвори пола глава.

Точно се сеќавам дека ништо не ме болеше само видов крв. И ја видов реакцијата во лицата на вујко му, баба ми… Почнав да плачам само бидејќи знаев дека нешто не е во ред со мене. Се сеќавам како ме носат во локалната амбуланта со домашна крпа на главата, како ја видов најголемата болка во експресијата на баба ми заедно со нејзините пцовки и клетви кон проклетата лулашка. Се сеќавам на амбулантата како медицинската сестра вели Ау ова е сериозно ке мора на шиење во главна. Татко ми како доаѓа и ме носи во болница во некој долг ходник, чекаме да не примат. Докторот со седа коса кој се обидува да биде смирен и ми нуди мастики за да ме залаже бидејќи треба да ми ја чисти раната. И шиењето, туго шиењето. Ме зборуваа две недели после самиот настан за тоа шиење, четворица не можеа да ме додржат. Леле колку викав, мајкооо како некој да ме коле. Свесно дека сама си го барав, што се покажа како пракса понатаму во мојов живот, но овновски инает никогаш не признав дека јас сум виновна. Лежев во државна една недела. Најтешкиот дел ми беше тоа што прозорот ми гледаше према канцеларијата на мајка ми. Леле колку ја сакам таа жена. До ден денешен, имам 33 години во моментов кога го пишувам ова, и можам со полно срце да кажам дека таа жена е идеалот за мајка што секоја жена треба да го стреми. Заспивав секоја вечер на прозорецот од собата гледајќи кон нејзината канцеларија. Само на неа мислев и така ми беше полесно. Едвај чекав да дојде време за посети за да ме гушне. Сега се сеќавам на последниот ден во таа болница. Додека лежев не примав инекции само лекови, знам имаше една медицинска сестра со долга црна коса, секогаш со штикли и шминка, филмска појава како од Тетовирање излезена, беше задолжена за инекции.

Уф бе кога ќе ја видев ми се стемнуваше! Последната вечер ми го виде картонот и ми рече дека од утре и јас сум спремна за инекции!!! Лелееее па умрев!!! Немаше нешто од кое се плашам повеќе, инекции, пајаци и бубашваби! За да е иронијата најголема тетовирана сум како политикин забавник, пајаци комплетно игнорирам ама ми требаше време да ги надминам, а бубашваби смачкувам со огромна леснотија. Не спиев цела вечер, па од кај сега инекции, докторот вчера ми кажа дека се е добро, дека ќе можам да си одам дома. Следниот ден беше ден за посети, намонтирав солзи на стенд бај и автоматски штом ја видов мајка ми почнав да липам не можев ни да и докажам. Татко ми стоеше насмеан позади неа, а таа држеше голема кутија еурокрем во рака и плачеше затоа што, и тоа едвај успеа да ми го соопшти, дента ме пуштаа дома. Не сакав ни да се пресоблечам, само и се свртев на сестрата и и викнав ете гледаш ма, ти кажав дека не сум за инекции! За назад накај дома јас седев позади со главата кај неа во скут. Застанавме кај Ким, на пет минути, татко ми излезе од кола и се врати со една кеса. Кога прашав зошто застануваме мајка ми рече да купи татко ти нешто и ќе се врати одма. Две недели предходно, таму, во една продавница за играчки, имав видено една барбика принцеза. Јас немав барбики, бидејќи не можевме да си дозволиме. Имавме мал стан на приземје, бел стоеден, и скромен живот. На моменти и помалку од скромен, бидејќи моите не секогаш можеа да си дозволат да купат основни рабои од продавница, па така ќе купеа леб и маргарин за нив, а малку печеница и кашкавал за мене. За јас да не чувствувам дека нема. И влегува татко ми во кола и ми ја подава принцезата барбика! И ајде сега! Како се реагира во таков момент! Не беше заслужена, јас бев виновна што паднав, а тие не можеа реално да си ја дозволат!Не знам од што попрво да плачам, дали од среќа што ја имам или од вина на совест што не ја заслужувам! За кој ѓавол ми ја купи таа барбика! Се распаднав од внатре тогаш, и од среќа и од тага одеднаш. И си ветив дека ќе мора да ги заслужувам барбиките, вака не може, не е фер за тие луѓе да ми купуваат нешто што не го заслужувам.

До ден денес исто реагирам, плачев кога добив десетка на факултет зошто сметав дека не ја заслужувам. И убедена сум дека сум во право, премногу барам знам, барам правда за сите, ама ако нешто научив е дека во живототов ќе го добиеш она што го бараш и секој твој потег ќе остави последици, често трајни. Еве ме, шетам со лузна од веѓа до веѓа и не ја вадам. Нека стои, да ме потсетува дека за се што ќе одлучиш да направиш, ќе мора да си спремен да се носиш со последиците.

Јас сум Ивана Кнез. Ова е за сите вас инаетлии што по секоја цена терате по свое, вие ќе бидете нашата иднина.

Се читаме следната недела.