Интервјуа кои го променија светот: Лејди Ди ја призна љубовната афера, Моника Левински ја прекина тишината за скандалот

Додека целиот свет го очекува големото интервју на војводата и војвотката од Сасекс се присетуваме на најпознатите досега...

Светот со нетрпение очекува да емитува големо интервју на Си-Би-Ес, кое Меган Маркл и принцот Хари ѝ го дадоа на познатата водителка Опра Винфри.

Војвотката од Сасекс нема да биде првиот член на кралското семејство што ќе се отвори јавно, ниту пак ќе биде првата позната личност што ќе одржи експлозивен телевизиски разговор.

Најпознато е секако интервјуто што водителот Мартин Башир го направи со принцезата Дајана во 1995 година и беше емитувано девет месеци пред разводот со принцот Чарлс.

Принцезата тогаш ја опиша Камил Паркер Боулс како „трета личност“ во кралскиот брак, го призна своето неверство со воениот капетан Џејмс Хјуит, а зборуваше и за борба против булимијата и сомнежите за желбата на Чарлс да стане крал.


По интервјуто на Дајана, друго добро познато интервју на член од кралското семејство е интервјуто на принцот Ендру за Би-Би-Си од 2019 година, во кое тој зборуваше за неговото пријателство со осудениот педофил Џефри Епштајн.

Публиката и аналитичарите беа шокирани од интервјуто, а еден експерт за односи со јавност го спореди видеато со „набљудување на човек во жив песок“.

После тоа, принцот беше исмејуван на социјалните мрежи поради некои негови коментари - особено поради споменувањето на „Pizza Express“ и фактот дека тој не се поти. Но, најголемиот скандал следеше кога тој рече дека воопшто не жали за пријателството со Апштајн.


Интервјуто на холивудскиот актер Том Круз, кое тој ѝ го даде на Опра Винфри во 2005 година, остана запаметено и по скокот на нејзиниот кауч.

На зачудувачки начин, Круз ја покажа својата љубов кон тогашната девојка Кети Холмс.

„Никогаш претходно не сме виделе да се однесувате вака“, рече Опра, пред да ѝ каже на публиката: „Момчето замина“.


Мартин Башир направи уште едно одлично интервју во 2003 година, кога се префрли од BBC на ITV.

Осум месеци новинарот соработуваше со кралот на попот Мајкл Џексон во продукцијата на документарниот филм „Living Wih Micheal Jackson“, кој опфаќа незгодни теми, вклучувајќи го и стравот на кралот на попот од строгиот татко и неговата употреба на козметичка хирургија.


Новинарот Мајкл Паркинсон, човек кој интервјуираше илјадници познати личности, својот несреќен и неудобен разговор со холивудската sвезда Мег Рајан од 2003 година го опиша како еден од неговите најлоши.


Моника Левински како 22 - годишен приправник во Белата куќа, започна врска со тогашниот американски претседател Бил Клинтон.

„Немав сексуални односи со таа жена“, негираше Клинтон, пред јавно да се извини во 1998 година, признавајќи дека „згрешил“.

Следната година, Моника Левински го прекина молкот за меѓународниот скандал во долгоочекуваното интервју со новинарката Барбара Волтерс.