Ирена Спировска водителка во Турција: Македонскиот фолклор и традицијата се негуваат во Измир
Шармот, убавината и професионалноста, Ирена Спировска ги покажа и во Турција. Таа беше водителка на првиот „Македонски фестивал“ кој се одржа во Измир, Турција, на иницијатива на збратимените општини Чашка од Македонија и општината Чили од Измир.
На настанот учество зедоа повеќе културно уметнички друштва од земјава:„Фолклорна низа “ од Струмица, ,„Маврово-Ростуша“, „Тодор Јанев“ од Чашка, „ Мајовци“ од Дебар и вокалната група „Јаболчиште“.
На сцената се претставија и естрадните уметници Благоја Грујовски,Елена Петреска,Адријана Алачки и инструменталистот Стефче Стојковски.
Водител на програмата на македонски јазик беше Ирена Спировска.
- Настанот го водев со турски колега, кој го интерпретираше текстот на турски јазик.Многубројната публика составена главно од Македонците кои живеат во Измир во еден глас со пејачите од Македонија ги пееја македонските песни и играа македонско оро.Целта на фестивалот е да се негува македонскиот фолклор,традицијата и пријателските релации помеѓу турскиот и македонскиот народ,а желба на организаторот, општината Чили, е фестивалот да се одржува секоја година и да прерасне во традиција – ни откри Спировска.
С.А.Н