ИСПЛАЧИ СЕ

Добивај вести на Viber

Кој што сака нека каже, ама плачењето е лек. Да може човек да си ја олесни душата, па да се изнарика, да се изнавика и да си даде оддишка за се’, е здравје. И не само ментално, туку и физичко здравје. Некако како да стана срамота да си дозволиме солзи. И ај што сме на мисла дали ќе ни се потсмеваат на плачењето, туку и како да сме ги резервирале солзите само за жените.

“Не цимоли, машко си”, “Не се лигави како девојче” се само дел од муабетите кои сум ги слушала кога машките деца ќе се расплачат. А дете ко дете, ќе се удри или едноставно ќе му дојде да си ја олесни душичката, па ќе пушти солза. Не знам дали се родителите свесни што прават кога ставаат умствена блокада на нивните чеда дека солзите се нешто од што треба да се срамат. И наместо да ги учиме од мали дека е срамота да се лаже, краде, да се повредуваат други луѓе или да се нанесуваат неправди, ние сме се фатиле за солзите ко слеп за стап.

Зошто емоциите станаа луксуз? И кој го прогласи тоа дека не не’ личи да ги покажуваме јавно, па макар биле и тага, фрустрација или бес? Фраерлук стана да глумиме лудило и да се правиме дека сме силни и тогаш кога не сме. Да не зборувам за тоа каков товар е тоа за секој од нас. Фасадата да ни е тип-топ, да не покажуваме дека сме незадоволни од страв што ќе речат другите. А што е најинтересно, на другите не баш дека им е гајле за нас. И водејќи грижа за тоа каков впечаток ќе оставиме пред “светот”, забораваме дека истиот тој свет го заборава нашето постоење во мигот кога ќе се разделиме при случајна средба. А додека нам ни останува напластеното црнило во срцата, најважно е дека сме оставиле слика оти сме добро. И да сме на чисто, никој од нас не е 100% добро и не е добро цело време. Сите си имаме моменти на “преку глава ми е”, кои се сосем нормални и кои се и добредојдени оти после нив и размислувањето зошто ни е така, обично правиме промени кои се добри за нас.

Долго време не плачев, не се ни сеќавам од кога си ја ставив сама на себе таа забрана да бидам “плачка”. Имав голема љубов кога заврши многу неславно, која ме преполови со здравје и од која и ден-денес имам последици. Имав љубов која повеќе наликуваше на мазохизам и нељубов и од која ми се ежи кожава кога ќе ми текне на тој период. Неспани ноќи, јадење сама себе, онаа јанѕа од која ниту можеш да се олабавиш, ниту ти се прави нешто. Единствено добро од тоа беа трите книги кои ги испишав во еден здив. И додека патев (демек) многу храбро, без “лигавење”, еден ден почувствував дека имам болки во грлото. Да не ви кажувам оти сите дијагнози кои ми минаа во умов беа разни видови канцер. Да, знам дека сум морбидна ама тоа е вистината. И додека едно по едно се исклучуваа сите вакви црни сценарија, другарка ми (која е воедно и психијатар) ме праша директно и без многу филување “ти плачеш некогаш?”. Шах-мат.

Отпрво мислев дека тоа е нејзиниот црн хумор, додека не сфатив дека нејзиното прашање беше многу сериозно. Згора на се’, таа точно знаеше низ што поминувам. Не беа ретки ноќите кога надолго и нашироко муабетевме за сите работи кои ми се случуваа. Беше сведок на моите емотивни крахови и болка, ме гледаше како си го јадам џигерот и знаеше дека е џабе што и да каже. Чудни сме ние луѓето, не се предаваме до последно иако сме свесни за исходот од некои работи. И колку и да звучи прекрасно тоа дека треба да учиме од туѓото искуство, додека не си осетиме на кожичката, не ни иде памет.

Нејсе, прашањето дали плачам (и зошто не) длабоко ме замислија. Бев оптеретена многу долго време дека МОРА да сум храбра. Зошто? Ама врска немам зошто. Пред кого? И на тоа не знам што да одговорам. Едноставно, како да очекував од самата себе дека се’ што ми се случува мора да го поминам како херој. Жими задников! Херојски ќе беше да си кажам дека претпев болка и страв, да се затворам дома и да бидам човек со слабости од кои нема да чувствувам страв.

Сфатив дека во сите критични моменти од мојот живот, јас не сум способна да плачам. Не сум плачела на смрт, ниту од радост, ниту кога се разболе татко ми, ниту кога мајка ми имаше операција со неизвесен исход. Не плачев оти ќе си ставев брана на грлото (кое после го чувствував како да имам грутка во него) и бев силна за сите околу мене, освен за себе. Сфатив дека гревот кој си го имам сторено кон себе е толку голем што сум си го саботирала здравјето за некаква си божемна појава на жена која може да истрпи СЕ’.

Може ли некој да истрпи СЕ’?

Може ли да сме толку и до толку силни за да немаме барем вентил во вид на солзи?

Може ли некогаш да си признаеме дека слабостите од кои како да се посрамотуваме пред другите, се единствениот начин да останеме со здрав разум?

Криење на емоциите води кон депресија, а депресијата знае да заврши и многу лошо. Да, сите имаме периоди кога не ни е до ништо, но загрижувачки е веќе кога се губи волјата за живот и способноста да се истурка денот. Кога станав свесна дека со прикривањето на слабостите правам нешто што може да ме чини и живот, ќорсокак. Како се плаче побогу?! Толку време помина, што не ни знаев кој ми е тригерот за плачење. И да, колку и да звучи смешно некогаш е музика или филм. Кај мене така почна. Кога си дозволив на свесно ниво да се соочам со тоа дека тагата ми била огромна и дека стравот оти ќе загубам родител бил убитачен, почнав полека да се ослободувам. Сега, сега веќе не ми е грижа каков впечаток оставам. Кога ќе ми дојде, рикам ко магарица и после имам чувство дека сум симнала цела планина од плеќиве. Кога ќерка ми плаче, велам дека тоа е здрав начин да ги искаже емоциите, без оглед дали се од тага или среќа. Сега веќе знам дека солзите се прочистувачи на душата и срцето и дека олеснувањето после нив, е катарза.

Не глумете силни, не глумете заради другите. Не се ставајте во ситуација да не можете да голтнете залак или да се напиете вода без да мислите оти ќе се задавите. Храброст е да можете да си дозволите да ви олесни, дали со викање или со плачење, сеедно. Храброст е да си признаете дека сте чувствителни, впрочем, светот оди по ѓаволите смао заради отсуството на човечност. Плачете...и ви сакам секогаш да плачете повеќе од среќа отколку од тага.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

 Јас па и неќам силна да сум

Ниту да ми е душава ко бунар

Та фрлај се’ внатре демек бери

Оти и бунарот крај има

Полни, полни и ќе прелее

Исто ко и чоечката душа

Та после си отишол чоекот

Ама арен беше со здравјето

Шо така наеднаш горнион го земал?!

Е не бил!

Само молчел и во себе збирал

Голтал и се давел во чемер

И се с’клетисувал за ова и за она

Дур не му пукнало срцето

И болести го навјасале

Неќам

Еве јас да се прашувам

Сосем поинаква би била

Би пуштала солзи за секоја болка

Би ја исплакала секоја неправда

Море би се удајла во сопствениот плач

За се’ што сум одмолчила

И за се’ за што сум се насмевнала

А ми идело да вриштам

И не

Појќе не мислам оти е сила

Очите суви со децении да ти бидат

Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега

И не

Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст

Оти чоек треба да вика

Ама до небо да се слуша ко не му е арно

Да се изнавика и изнапцуе

И ништо во себе да не држи

Да плукне и на силата

Да плукне на божемното достоинство

Врескај!

Врескај колку гласот те држи

Дур не ти попукаат гласните жици

Дур не засипниш та до деној после збор да не прогоориш

Ама врескај ко мака ти е

Ко те боли душата

Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го спрема

Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви на пареа

Викај чоек!

Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите

И ич гајле да не бериш

Тие и онака те озборуваат за нешто

Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе

За да не изрти во болест

Да не ти метастазира до умот

Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си отиде”

Оти најбрзо си одат тие кои молчат

И кои тагата во себе ја чуваат

Во срцето

Во душата

Во телото

Во тој музеј на тага