Ја раскажав мојата приказна, за жените кои преместиле планини: Бојана сними автобиографска песна

Добивај вести на Viber

На пејачката и водителка Бојана Скендеровски по пет години ѝ се случува нешто убаво на музички план. Бојана е многу среќна што ја сними „Круна“, за која вели дека е комплетно нејзина приказна. Песната, вели Бојана има и посвета.

„Круна“ за мене ја напиша Николче Мицевски, со кој можеби две ипол години се договаравме дека треба да направи песна за мене. Во меѓувреме станав мајка и имав милион обврски, сосема заборавив на песната. Еден ден Николче ми се јави и ми рече: Имам песна која е за тебе...Ја засакав од прво слушање, тоа дефинитивно беше мојата песна, текстот за мојата приказна во песната ѝ го доверивме на Сара Пројковска, која комплетно ме прочита, и мојата приказна што сакав да ја раскажам ја претвори во поезија. Пет години не сум издала нова песна, и навистина ја чекав вистинската. „Круна” им ја посветувам на жените кои во животот имале јасна цел, но имале и доволно сила и храброст да премостат планини за да ја носат круната на животот. Песната ја снимавме во студиото на Дејан Момировски“, ни раскажа Бојана.

Пејачката и водителка на емисијата „Улица Македонија“, пет години е во брак со Васко Скендеровски, и имаат две деца, Искра и Ѓорѓи.

„ Да имаш две малечки дечиња како моите со толку мала разлика, Искра која има 3 години и Ѓорѓи една ипол година , а притоа да имаш и своја кариера, а плус треба да бидеш и сопруга, да имаш време и за социјален живот, за мене е огромен животен предизвик. Не е лесно но сепак јас сакам да сум сестрана личност, и се трудам да постигнам сè. Пандемијата нè поремети комплетно, не ни остави простор да бираме многу многу, па затоа со Васко се трудиме на децата да им бидеме креативни, да им го менуваме секојдневието во домашни услови. Ги научивме сите детски песни, имам едно опасно долг репертоар од „Поточиња“, „СИ- ДО“ и „Златно славејче“, додаде Бојана за нејзиното секојдневие.

Пејачката вели дека таа и сопругот заедно со Искра и со Ѓорѓи ѝ се радуваат на Новата година, на Дедо Мраз, се молат да падне снег и да играат надвор со децата.

„Функционираме сплотено, понекогаш размислувам дека можеби на сметка на мојата лична професија сум мајка, но не жалам, има време за сè, овие години на моите малечки не може да ги замени ништо.“, рече Бојана за своето семејство.

„ Време за нас имаме дури кога ќе заспијат децата, а и тогаш правиме планови што треба следно да се направи за нив“, раскажа Бојана.

И покрај домашните обврски, таа вели дека со радост му се посветила на новиот спот, кој се снимал три дена, на три локации, и на него се потпишува „Скендеровски продукција“. Во видеото, Бојана носи костими од нејзината драга пријателка Ива Спасовска.

М.Џаровска