Со Јана Коцевска, на тема менструална сиромаштија: Општеството нѐ учи дека е срамно да ни протече менструална крв на облеката

Добивај вести на Viber

  • - 77% од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена, што значи во просек месечно трошат 265,54 денари на производи за менструација. Оттаму, за една година жените и другите лица кои менструираат, според овие податоци, трошат во просек 3.186,48 денари на менструални производи. 
  • - Речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија (а половина од овие учеснички и повеќепати).
  • - Нашето општество ги „учи“ девојките дека е „срамота“ да имаат дамки од менструација на облеката или „да им протече“ – дури 67% одговориле дека овој став им бил наметнат со социјализацијата и воспитувањето.
  • - 41% се обидувале или сѐ уште се обидуваат да ги скријат влошките (или други производи поврзани со менструација) кога ги носат во тоалет или кога купуваат во продавница, затоа што е „срамота да се гледаат влошки“. Кај младите (18-19 години) овој процент е 54%

- стои во сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, „Менструална правда“, спроведена од Тиииит! Инк. 

Немањето пристап до хигиенски производи (влошки, тампони, чашки), немањето безбеден и санитарен простор каде што можат да ги користат овие производи и не можноста да го поминат достоинствено периодот на менструирање, без предрасуди, стигма и срам - ова не претставува само здравствен ризик за овие девојчиња и жени туку и потенцијално ги загрозува нивната животна благосостојба и опстанок, а е одраз на менструалната сиромаштија. 

Загрижувачка е состојбата со менструалната сиромаштија и менструална правда во земјава, пред сè поради стигмата и табуата кои сè уште се наметнуваат во општеството, вели Јана Коцевска од Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк. кое уште од 2011 година активно делува во областа на женските права, а го делат четири скопјанки, ентузијастички и „на мускули“, како што самите ќе кажат, реализирајќи активности кои во својот фокус ја имаат активната женска сфера, нејзината поддршка и промоција. 

Менструална сиромаштија е и недостатокот на информации и едукација, но затоа пак во земјава не недостасуваат стигмата, розовиот данок и високото рангирање на листата земји во кои владее менструална сиромаштија - а за сè ова зборуваме со Јана Коцевска.

Што покажа сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, на која позиција сме во поглед на менструална правда и менструална сиромаштија?

- Во оваа студија учествуваа жени и девоки, но и мажи и момчиња со цел да се увидат и ставовите не само искуствата. За таа цел секако беше отворена за сите родови идентитети, каде имавме одговори и од 15 транслица. Исто така овој прашалник беше одговорен од страна на лица кои припаѓаат на повеќе етнички заедници, не само македонската. Се покажа дека оваа студија беше навистина неопходна. Не само што ни докажа дека навистина постојат митови и фрапантни искуства на оние кои менструираат - примери за тоа дека се гради стигма поврзана со менструацијата, туку дополнително ни даде увид и во состојбата во државата поврзана со оваа физиолошка појава во однос на инфраструктурата. Се докажа дека темата за менструацијата сѐ уште е табу тема за која не се зборува отворено во училиштата, а во разни други ситуации тоа е тема заради која лицата се омаловажуваат и исмеваат. Неколку од клучните наоди што ги добивме од одговорите на граѓаните се дека половина од нив се чувствувале збунето, а добар дел од нив се чувствувале уплашено и засрамено, па дури и дека криеле дека ја добиле првата менструација. Потоа, скоро половина од одговорите се дека барем еден до два дена отсуствувале од училиште за време на циклусот, и дополнително половина од одговорите кажуваат дека оние кои менструираат чувствуваат силна или многу силна болка за време на менструацијата, со што освен за производи, се трошат и средства за лекарства. Ова исто така е причина и за отсуство од школо или од работа, за кое нивните колеги/соученици ретко имаат разбирање. Од бројните клучни наоди би спомнала само дека 90% сметаат дека во јавните тоалети - вклучувајќи ги и училиштата, нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструалната хигиена, додека пак 98% од испитаниците би поддржале намалување на даночната стапка од 18% колку што изнесува во моментот, на 5% или пак целосно иземање на данокот за овие производи. 

 Што е она што би го истакнале како особено загрижувачко во поглед на добиените резултати од студијата и дали општеството ја препознава менструалната сиромаштија?

- Веќе издвоив добар дел од клучните наоди, но она што е навистина загрижувачко е тоа дека во Република Северна Македонија општеството нѐ учи дека е срамно да ни протече менструална крв на облеката и дека треба да ги криеме влошките и другите средства за менструална хигиена. 53% одговориле дека се чувствуваат нечисто додека имаат менструација, и навистина ваквиот одговор ни укажува многу за воспитувањето во рамки на семејството и во образованието. На прашањето дали некогаш слушнале за концептот за менструална сиромаштија, имавме одговорено дека тоа е дури 71% што говори за тоа дека не се презема ништо за да се зборува за оваа тема ниту во домовите во рамки на семејството, ниту на училиште.

Шкотска беше првата земја каде се изгласа Закон за бесплатни производи за менструална хигиена на сите јавни места и за сите жени и со тоа даде сигнал до светот дека истово може да се постигне доколку се има волја и мнозинство. Токму по публикацијата „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, на барање на советничка на град Скопје, се изгласа амандман за бесплатни менструални производи за средношколците од училиштата во надлежност на град Скопје. Ова се некои први чекори во тој поглед, но како ќе се имплентира, од што зависи и каква „клима“ воопшто владее кај нас по тоа прашање?

- Тоа е прашање на кое ќе го дознаеме одговорот откако ќе се имплементира мерката, но ние сме тука да го мониторираме целиот тој процес, секако доколку Град Скопје работи транспарентно во поглед на набавката на производите, нивната распределба. Сметаме дека треба навистина да се внимава со цел дистрибуцијата да се насочи таму каде што е најпотребна и дополнително да не создава непријатности во училишните средини. Сметаме дека паралелно со оваа мерка треба да се работи и на едукација и работа со стручните служби, за што всушност е важно да се воведе конечно сеопфатното сексуално образование во училиштата. Примерот со Шкотска е одличен, и сметам дека треба да ги следиме ваквите примери на добро практикување на политиките. 

Розовиот данок всушност игра голема улога во менструалната сиромаштија. Невиделивиот женски данок во земјава е 18%, во некои земји го нема воопшто, во други изнесува 5%, дали во иднина би можело да се применува тоа и кај нас? И кои се некои следни чекори, мерки кои треба да се преземат за подобрување на состојбата со менстуалната правда и сиромаштија? Како до менструална еднаквост?

- Сметам дека следниот чекор кој би било наједноставен да се преземе е намалување на даночната стапка од 18% на 5%, за што гледаме дека некои од политичките партии во земјата почнуваат и да се застапуваат. Во студијата е содржана и анализата на трошоци за справување со менструалната сиромаштија, со што се пресметува дека за една година би требало да се издвојат вкупно 205 милиони денари, или пак 0.08% од годишниот буџет на државата за да се обезбедат производи за менструална хигиена во основно и средно образование на ниво на државата - што не би претставувало проблем да се имплементира. Освен тоа, потребно е да се изградат нови и безбедни јавни тоалети, особено во училиштата. Мислам дека може лесно е да се започне со ова на краткорочен план, додека пак на долгорочен план треба да се работи на едукација и работа со стручните служби во училиштата.


Велите „Срамот е најголемиот сојузник на менструалната сиромаштија“ што поконкретно значи тоа, колку стигмата да се зборува на оваа тема влијае на менструалната сиромаштија? 

- Тоа што општеството нѐ учи дека менструацијата е срамна појава за која не се говори јавно, за која ретко се зборува отворено во домот и на училиште само се рефлектира на доживувањето на менструацијата како срам кај младите момчиња и девојчиња. Менструалната сиромаштија се однесува и на оскудните информации кои младите ги добиваат поврзани со оваа физиолошка појава и репродуктивноста. Тие се срамат и од зборот секс, полов орган, и слично. Таквиот срам велиме дека е сојузник на менструалната сиромаштија, бидејќи ја намалува можноста за отвореност и споделување на информации и проблеми со кои се соочуваат младите, а доколку за тоа не се говори јавно, отворено и често останува зад сцената, останува табу и за таквите теми се гради стигма. 

На што работи Тиииит! Инк. периодов?

- Во моментот работиме на програмата на десеттото - јубилејно издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО. Посветени сме и на други тековни активности на организациијата и на многу соработки со нашите долгогодишни соработници како ПичПрич и феминистичката платформа Медуза за што ќе дознаете многу скоро. Секако, сѐ уште сме активни во поглед на застапувачките активности поврзани со менструалната сиромаштија, иако проектот за спроведување на студијата заврши. Сметаме дека е потребно уште многу работа за да се елиминира менструалната сиромаштија.


*Љубица Иванова