“ЈАС, ЈАС и само ЈАС”!
Уште на самиот почеток од 2023, во колумната “Пасивно-агресивно однесување” ви напоменав дека оваа година почесто ќе говориме за теми кои ќе значат не само будење, туку и зачувување на менталното здравје. За оние кои се скептици, терминот психосоматски болести означува физичка болест на телото, предизвикана од психата или умот (кој како милува да нарече). По себе знам дека кога ми се случува нешто што ми ја мачи душата, кога одам контра она што навистина го сакам или кога се присилувам да правам нешто што не сакам, ми се јавуваат страшни главоболки, стегање во грлото, болка во градите и стомакот. Отпрво, се вадев од памет и нормално дека помислував на најлошото се’додека со испитувања не беа исклучени сите болести. Потоа почнав да си го слушам телото и да станувам пријател со него, почитувајќи ги знаците кои ми ги даваше. Сфатив дека физички реагирав на се’ што ми предизвикуваше психичка болка или длабоко незадоволство, без оглед дали се работеше за мојот приватен или деловен живот. Оттогаш, силно верувам дека умот поболува и лечи, дека она што можеме сами на себе да си го сториме со мисла, не може никој отстрана да ни го стори.
За жал, пред темата за менталното здравје се’ уште има еден голем извичник. Не дека нема прогрес во говорењето за тоа колку е важно да сме психички во ред, но се’ уште постои една “срамежливост” јасно и гласно да се говори за психолошките состојби или посета на психолог/психијатар. После колумната за пасивно-агресивните луѓе, добив многу пораки, многу животни приказни. Некои од нив успешно надминати, некои актуелни. Во една од тие пораки, ја исчитав судбината на една жена која со двете деца (кои и ден-денес имаат трауми) живеела во пекол со човек-НАРЦИС.
Ок, сите ние за одредени работи и во одредени случаи се однесуваме нарцисоидно, мислејќи дека во конкретната ситуација само ние сме во право или дека само ние знаеме како треба или не треба. Некогаш е тоа инает, некогаш е самобендисаност. Но, што е тоа што прави да се разликува самобендисаноста (онаа која е вообичаена човечка карактеристика, се разбира во прифатливи размери) од дијагнозата НАРЦИС? И што е најважно: како да се поштедиме себе од лавиринтот наречен “обид да се живее со нарцис” или како да препознаеме со кого си имаме работа?
Да се разбереме уште на почеток...кога ги гледаме работите отстрана или кога читаме книги, колумни или разни натписи за одредени типови луѓе, се’ ни изгледа многу едноставно и просто. Некогаш дури и се дрзнуваме да помислиме или прокоментираме “е како бе не можеле да видат со кого си имаат работа?”, што е во најмала рака нефер, оти човек најмалку гледа и согледува тогаш кога е директно инволвиран во некој однос. Впрочем, секој пат кога имам помислено дека “ова мене нема шанси да ми се случи”, сум си ја нашла бељата или како што велат охриѓани “се’ шо су рекла, по врат су јала”. Сега, кога малку сум “пораснала” за да знам дека постојат милион животни ситуации во кои било кој од нас би можел да се најде, многу внимавам пред да си дозволам да имам мислење за било што. Кога сме веќе кај имањето мислење, уште од старт да знаете дека нарцисите не само што за секоја работа имаат мислење, туку според нив, само нивното мислење е исправно. Сите останати мислења се погрешни, несоодветни и глупави. И ова се однесува ама буквално за се’. Не постои ниту една работа за која човекот-нарцис ќе се посомнева во себе или ќе дозволи да биде коригиран. Неделава што измина исчитав многу статии токму за овој вид луѓе и (да бидам) искрена, ме зачуди што статистички е утврдено дека дури 75% од дијагностицираните нарциси се мажи. Главните карактеристики на нарцисоидните луѓе на кои налетав во сите осврти на психолозите, беа: неконтролираната потреба да им се восхитувате во секое време и за секоја работа, способноста да манипулираат со тоа што ќе го добијат она што го сакаат без оглед на тоа дали вам ви одговара или не, отсуството на емпатија што е сосем нормално со оглед на тоа дека кај нив е се’ сведено на “јас, јас и само јас”, самобендисаноста до степен што никогаш нема да се посомневаат дека можеби грешат за нешто, секоја критика кон нив е “крај на светот” иако тие самите обожуваат да критикуваат се’ и сешто, мора да се во центар на внимание по секоја цена дури и во случаи кога е тоа сосем излишно или несоодветно, за себе зборуваат во суперлативи како да се над сите (вклучувајќи ве и вас), имаат неверојатна глад за моќ, се издигнуваат над вас со тоа што ќе ве натераат да се сомневате во себе и уште низа варијации на тема “јас сум и ќе бидам подобар и поуспешен од сите вас”.
Сите ја знаеме приказната за Нарцис и за неговата вљубеност во сопствениот одраз во водата. Пазете, зборуваме за вљубеност во себе а не за сакање себе оти сакањето себе е поврзано со самопочитта која е многу важна за секој од нас. Да се сака човек себе си е една работа, но да биде вљубен во себе е веќе нешто што е опасно не само за неговата психа, туку и за оние кои му стануваат блиски во животот. И кога сме веќе кај интимноста, мислам дека секој од нас барем еднаш во животот имал емотивна средба (бродолом) со некој нарцис. Мене тоа ми се случи пред многу години, кога не ни знаев да дефинирам дека си имам работа со нарцис (ден-денес не сум на чисто дали беше само пасивна агресивност, нарцисоидност или некој хибрид). Она што ми се потврди кога правев паралела од сопственото искуство и читајќи што имаат психолозите да кажат на оваа тема, е дека нарцисите се неверојатно шармантни и привлекуваат со својата самоувереност. Човекот ме освои уште од првата средба иако бевме во поголемо друштво, со тоа што беше духовит и некако како целата атмосфера да зависеше од него. Не знам дали го знаете чувството кога некој ќе направи да се осетите дека е сосем ок да се препуштите? Е, мене ми се случи токму тоа. Целосно препуштање, оти ми беше комотно да здивнам од држење на конците во секој сегмент од мојот живот. Да, знам како звучи ова, ама па ќе ве потсетам на она погоре дека сите сме паметни отпосле. Нејсе, не траеше долго мојата занесеност оти сум чувствителна на наметнување на мислење, расположение и доминација. Расправиите беа долги и мачни, ме шеташе од чувство на вина дека расипувам нешто што може да е совршено (после сконтав дека совршено=по негово) до будење агресија (кога се фатив себе како урлам од немоќ да објаснам дека еден однос мора да се темели на меѓусебно почитување на различностите). На крајот, бев преморена од расправање, докажување, убедување. Ден-денес ми се крева коса на глава од она “ако ме сакаш, тогаш......”. Толку ми предизвикува таа реченица одвратност и револт, што не само што бегам ко ѓаол од крст кога некој ја кажува или се однесува така, туку и не паметам дека сум ја кажала дури и на шега.
Животот со нарцис секогаш почнува возвишено, а завршува со пекол. Возвишеноста е дека вие се вљубувате во човекот кој се чини дека е спремен за вас да го преврти светот и да ве заштити од сите непријатности. И додека се залажувате оти е тој е ТОЈ, совршениот маж со кој ќе остарите, нарцисот само си штиклира во главата кои цели се остварени. Дур трепнете, ќе ве направи зависни од него, ќе ви го окупира светот, ќе легнувате и станувате со помислата на него. И колку што вие ќе се опседнувате, толку тој ќе ужива во себе оти нели рековме....тој е вљубен во себе, а себе се гледа преку вас и вашата љубов кон него. И кога еден ден ќе сфатите дека живеете туѓ живот и дека сте во еден нездрав однос во кој се слуша само едната страна и се живее онака како што сака другиот, веќе сте подзаглавени. Потребно е многу сила, здрав разум и истрајност за да се излезе од маѓепсаниот круг, но не е неможно и не смеете да кренете раце од себе.
Во една статија дури налетав и на наслов “Како да се живее со НАРЦИС”. Не ја прочитав, не се ни потрудив да се информирам, ниту мислам дека би ставила таква опција во колумнава. Знам само едно и тоа од лично искуство. Здравјето не е за раздавање и расфрлање, ниту за пазарење со некој. Колку ќе не’ служи, некогаш зависи само и исклучиво од нас, а тоа подразбира грижа за себе, физичка и ментална. Ете, затоа денес нема да прочитате како да живеете со нарцис, туку само како да препознаете кога е време да си заминете и да се сочувате, оти вие сте единственото нешто што навистина поседувате.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
А на младост да ме прашаше некој
Каква љубов ќе сакав да живеам
Ќе треснев без мислење
Ама без ич умот да ми проработи
Оти сакам пеперутки во стомакот
Сакам срцето да ми прерипува
Да не можам еден залак да каснам
Без да ми се заглави касајот в грло
Од помислата за него шо в гради ќе ми стои
А и вода ко ќе пијам
Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа
На младост да ме прашаше некој
Шо е љубов и каква сакам да ја живеам
Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли
Ѓоамити ако не боли-не е љубов
Демек болката мерило и дразба за убост е
Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш
Та месечариш ко улав по цели ноќи
И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни
Толку појќе го сакаш и не можиш без него
Да ме прашаа на младост љубов шо е
Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си
Мир во срцето немаш
Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот
Ех, пусти години
Млада ко бев
Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа
Та како сега да е, пред очи ми се
Љубовта нивна досадна ми беше
Таа го вардеше ко мало дете
Де намести му ја вратоврската
Де челите светни му ги
Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки
И косата ќе му ја подместуваше
Ко за на бендис да ќе оди
Смирено и без нервоза, без возбуда
Туку со спокој кој мене здодевен ми беше
А тој пак
Тој па од дворот трендафил ќе набереше
И горе пред врата ќе и’ го остаеше
И двесте пати ручекот ќе го пофалеше
Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано
И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура
Знаеше кога пред порти да се курдиса
Со цигарата в рака и да ја чека
Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу
Млада ко бев
Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев
Мајтап си играв со нив
Со оние за чија љубов денес велам
Оти имаше корења до центарот на земјата
И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше
“Абе Марика
Ниту ти си за да заминиш без мене
Ниту пак јас за да останам без тебе”
И така беше
Таа не замина, ниту тој без неа остана
Туку нему ракот градите му ги изеде
А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади
До дента ко пишано и’ беше
И тогаш младоста ми умре
Ми умре идејата за љубовта шо ја имав
И ниту појќе болка во неа барав
Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат
Од тогаш во љубовта спокојот го барам
И чоек кој без мене нема да замини
Ниту пак јас без него ќе останам
Чоек без кој јас нема каде да имам да одам
А ниту нему без мене ќе му се останва
Ко нив, ко нивната реч, ко нивната љубов