Јас против Ти
Am I not a Woman?
“And how came Jesus into the world? Through God who created him and the woman who bore him. Man, where was your part?”
“If women want any rights more than they’s got, why don’t they just take them, and not be talking about it”
Sojourner Truth 1797 / 1883
Таа е првата црна жена која ќе добие на суд против белец. Нејзиниот син ќе биде продаден во неисправни околности, ќе дознае дека е измачуван и злоупотребуван и ја започнува битката на една мајка за своето дете. Ќе собере пари за адвокат, ќе го извади случајот во очите на јавноста и ќе ја добие битката. Женски активист, ќе го помине животот во борба против робовладетелско општество и заштита на правата на жените.
Не сум феминист. Но…
Имам чувство дека статусот на жената денес е назаден. И имам чувство дека и ние играме улога во тоа уназадување. Не знам колку делуваме значајно на секојдневието со нашите одлуки. Немаме војни, барем не кај нас, немаме робовладетелски општества, барем не јавни. Правата ни се сведени на личен интелект и избор на животен стил. Бираме мажи кои не се носат со нивната машкост и имаат потреба да не злоупотребуваат на секаков можен начин, во секоја можна форма и со сите расположливи средства. Немаме храброст да им се спротиставиме, често сме заробени во круг на злоупотреба, психофизичко малтретирање, подлегнуваме на влијание од семејството, пријателите и непријателите. Во цело ова секојдневие на бескрајна болка, суштинската убавина на една жена, падна во сенка. Моќта на една амазонска воинка се сведе на донесување на одлуки што треба да се купи од пазар и што да се зготви. Гледам некој политички кампањи, каде и е на жената местото, во кујна и во кревет, без многу мислење, без мозок, поставени сме на пиедесталско рамниште со безрбетни организми. Кога го дозволивме ова. Историски, жената била главната сила која го зачувала општествениот систем во најважниот момент на современото општество, Втората Светска Војна. Ние ги превземавме фабриките, домаќинствата, ние ги растевме децата, го сочувувавме семејството и работевме дупло, за двајца, додека мажите беа тие кои решија дека светот треба да биде проголтан во оган. Вратено наназад, мажот ја носи војната дома, жената го враќа мирот. И ни се разви една плешка, стројна и широка, спремна да носи планина. Се измести женското ДНА, носи двоен стандрад, кревки срца како јадро од пајажинки носат воденичарски камења што мелат со секоја пролеана солза.
Во една битка на маѓепсан круг кој против кого и кој за кого, си ги изгубивме основните принципи и вредности како единки и се свртевме еден против друг. Жена против жена, маж против маж.
Од лична немоќ се доведовме до состојба на гнев и фрустрација и често се свртуваме кон другите жени. Уште повеќе ако таа некоја, се собрала на еден куп, па знае каде оди, демек. Таа ни смета. А уште па ако е своеглава, општествено убава и со успешна кариера, пис мацо! Сите лични гневови ги вадиме во нејзин двор, таа ни е крива што ние не можеме.
Не сум активист, не сум ништо друго освен една жена што се бори за својот сон машки. Може да ме етикетирате, осудувате или оправдувате, изборот е ваш. Едно знам, кога твојот живот е на прво место, кога се обидуваш да го добиеш она за кое секоја вечер сонуваш, стануваш активен член на здраво општество, составено од единки како тебе. Кога ќе почнеш да подржуваш, создаваш, позитивно да влијаеш на сите околу тебе, животот сам си се живее за тебе. Без депресии, без фрустрации, без туѓи карми. Кога ќе престане да ти пречи туѓиот успех, ќе го доживееш својот личен. И ќе видиш што значи бескрајна среќа на реализиран човек. Бори се за тоа што го сакаш, не потклекнувај, зошто да правиш нови непријатели, кога може да имаш нови пријатели. Пронајди го она што го сакаш и преврти го цел свет наопачки за да го добиеш тоа, создади го. Со љубов, од внатре, интуитивно ако не те учеле како, биди свое се пред се, за да можеш да бидеш нечиј цел свет понатаму.
Јас сум Ивана Кнез, не сакам матна вода и здодевни еднолични утра. Животиштево ни вреди повеќе од туѓите фрустрации.
Се читаме следната недела.