Јасмина Поповска: Го избрав „Декамерон“, сè што е човечко, не ни е туѓо
Социјално изолирана, според здравствените
препораки, а постојано конектирана со потребата за убавина, според личните
пориви, Јасмина Поповска, актерка на МНТ, живее во секојдневен театар – и дома.
Јапонската акита Ѕуница е секогаш подготвена да создаде претстава в куќи, а и
подготвувањето на палачинките кои сè уште ги чека синот Горазд сигурно ќе биде –
театрално во духот на „комедија дел арте“.
-Социјалната изолација создава во нас – социјална повреда. Да се биде исклучен од пријателите, колегите, членовите на семејството, другарите од училиште може да биде ужасно болно. Ние сме социјални суштества, имаме потреба за контакти и за припаѓање, а подолгата изолација може да остави драматични последици. Затоа, содржини кои можат да помогнат за јакнење и збогатување на духот се неопходни. Бидејќи поради превенција и самозаштита сите сме дома во социјална изолација и социјална дистанца од културно-забавните содржини во живо, тогаш да го сториме тоа – онлајн. Да правиме театар, вели Јасмина.
За Театар по дома, таа одбра да прочита дел од познатите раскази „Декамерон“ на Џовани Бокачо.
-Ова дело носи силна етичка порака, типично хуманистичка, затоа што се велича сè што е човечко. Познато е и под името „Човекова комедија“. Дејството на расказите, обединети во ова дело, се одвива за време на големата чума во Фиренца 1348 годинава, што асоцијативно ме поврза со чумата на 21 век - короната.
-На публиката и треба жив говор, гест,
музика, звук, спектакл. Затоа, театарот е неопходен во сите времиња, особено во
тешките. Неговата мисија и натаму ќе е јакнење на духовната сила и истакнување
на хуманоста како голема и вредна сила на човештвото – вели Јасмина.