Јордан Симонов: Сите сме како Алиса, пропаднати во апсурд и надреалност

Добивај вести на Viber

„Не ми паѓа тешко карантинот, јас и досега многу време поминував дома, ама признавам дека е едно кога тоа го правиш по свој избор, а друго е кога си принуден на тоа“.

Вака актерот Јордан Симонов го опишува својот домашен карантин, нарушуван само со прошетките на неговите кучиња.

-Имаме вечерен излез за прошетка на миленичињата секој ден од 20 до 20,30 и шетајќи така низ испустените улици на градот, си размислувам дека никогаш досега не сум присуствувал на ваква атмосфера во Скопје, на толку надреална и дистописка слика на градот. Тие прошетки низ празното Скопје и направија да размислувам за романот за деца и за возрасни „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Карол, кој се смета за некаква база на литературата на апсурдот и надреалноста. И ние сите, како Алиса, сме пропаднати во свет на некоја фантазија, надвор од логичноста - вели Јордан.

Избра да прочита цитат од романот „Алиса во земјата на чудата“, безвременско дело, преполно со значење и знаење.


Каков ќе биде постпандемискиот театар и дали земјата на чудата ќе остане на сцената или ќе излезе надвор од неа се прашања што сè почесто се мислат во ова време на изолација.

-Во моментов никој не го знае вистинскиот одговор. Но, верувам дека оваа принудна свртеност кон себеси, ова време на изолација, ќе направи да се преиспитаме какви сме и како живее(в)ме. Очекувам некои работи да ни се расчистат во главата. А, театарот? Кој знае, ме плашат овие ограничувања за собирање од 50 до 100 луѓе, кои веројатно подолго ќе траат. Можеби театарот повторно ќе стане уметност само за привилигираните, кој знае – вели Јордан.

Јасна Франговска

Јасмина Поповска: Го избрав „Декамерон“, сè што е човечко, не ни е туѓо