Каде исчезна моето дете?
Додека нервозно буричкам под креветот на ќерка ми обидувајќи се да ги извлечам стутканите гаќички, чорапи, книги пенкала, кутија цигари (!?), во главата ми навираат прашања. Што се случува? Каде згрешив? Каде исчезна моето мало девојче?
Во главата како на филм ми навираат слики.
Се пристеувам на возбудата кога прв пат го здогледав ситното лиценце во родилиштето кое од секунда во секунда ги менуваше гримасите - како некаква зипувана верзија на сите човечки емоции, на малото човече што седеше во кадата со скијачки наочари и кое и зиме и лете носеше некаква смешна капа на главата (отсекогаш била чудак)...
... Се гледам себе си како го држам одзади седиштето на розовото точаче и задишано трчам по неа, додека таа безгрижно го врти педалите, и ја читам омилената сликовница пред спиење, се кикотам додека како мало рипче ми се мушнува меѓу нозете на море и изронува десет метри подалеку за да ме преплаши.
Што правиш мамо? - ме прескува познат глас.
Од четвороножна позиција преоѓам со погледот од Док Мартенс чевлите, преку црните доколенки и мрежастите хулахопки до мини здолништето, црната кожна јакна, ланчето со мртовечка глава и нашминакото лице и раштрканите прцлиња. Господи! Лик од Манга стрип!
Тебе те барам! - (врескам во себе)
Каде си досега? Што е ова под креветов? Пушиш? Хукни ми!...... Си пиела?!
Старата раштимувана рецитација се одбива од нејзиниот тврд поглед кој не го препознавам.
Не е таа. Не е истата. Како да надошол силен тајфун кој ја испревртел наопаку и ми ја вратил во некаква апдејтирана верзија што не ја разбирам и не знам да ја ракувам.
Каде исчезна моето девојче?
Не можам да ја гушнам и бакнам кога ќе ми текне. Има периоди на молк и повлекување кои ме плашат и периоди кога разговараме и се смееме за нешатата што ѝ се случуваат. Динамиката е неправилна и никогаш не знам кога ќе наидат облаци лутина, гнев и повлекување.
- Мамо...сите од моја генерација пијат и пушат. Марихуана се дува и во школо на одмор меѓу часовите. Што се чудиш? Дрога има насекаде колку сакаш. Ме караш зошто сум запалила цигара или сум имала дечко а Маја си фати и дечко и девојка! Што ќе кажеш на тоа, а?
Ѕемнам од збунетост и уплав.
Како се најдов на волку лизгав итерен? Старото добро време во кое зедно гугавме, си гледавме цртани филмчиња со пуканки и по цел ден се гушкавме е завршено одамна, а не сум ни забележила.
Во главата ми одѕвонуваат ужасните медиумските написи од регионов кои ме стресуваат: „Децата добиваат смартфони уште во прво одделение и без нив не одат никаде ни во веце ни во кујна“; „Тинејџерка пуши марихуана, ги снима двоите пријатели додека имаат секс и гласно коментира“; „17 отсто тинејџери користат лекови за стрес, и несоница“
Кога малку прочепкав, открив дека остантиот дел од светот бележи сосема поинаков тренд: Од САД и Холандија па до Јужна Кореја тинејџерите помалку пушат и пијат и помалку користат опојни дроги и алкохол. Исто така со овие пороци почнуваат многу подоцна споредбено со времето пред неколку години. Сега повеќе се грижат за своето здравје и изглед - пишува „Економист“.
Кај нас овој тренд се чувствува сосема малку и тоа повеќе кај момчињата отколку кај девојчињата поради промената на родовите улоги.
- Традиционалниот модел дека девјчињата требаа да ќутат и да бидат покорни, сосема е напуштен. Сосема се променети општествени вредности, а ролмодели им се ликови како Карлеуша или Карадшијанови - велат психолозите.
Ги губиме ли децата во Инстаграм вртлогот на предимензионарите усни, задници, кои прават самите да се чувствуваат малечки и невредни?
Како да се дојде до здравото ткиво во нив ако се постојано преклопени од некоја напумпана и лажна слика за реалноста и туѓите животи?
Биди Одри Хепберн во времето на Кардашијанови! Жими мајка! Никој не сака да биде Одри. Ако сакаш лајкови мора да си напумпан - во усните, задникот, портмонето. Барем виртуелно.
Ја погледнувам повторно - кревко тело, куси изгризани нокти, косата непеглана и разбушавена, обувките - груби и машки. Збунета е и исплашена повеќе од мене.
- Што бараш мамо?
- Ништо. Најдов!
Станувам и силно ја гушкам се' додека не и го размачкам ајлајнерот на мојата престилка.
Вилина Косица