Како да не претерате со алкохолот и храната за време на празниците: Доктор Вукосав Трајковски со совети за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Новогодишните забави почнаа - период од годината кога најмногу пиеме, за да зажалиме следниот ден. За многумина божиќните и новогодишните празници, како и прославите се незамисливи без конзумирање алкохол, дури и во дозволената количина која не му штети на организмот. 

Сезоната на празници носи многу посебни карактеристики - од расположение до празнична трпеза. Се подготвуваме себеси, својот дом и посебно внимание посветуваме на нашето мени, што уште повеќе го отежнува почитувањето на основното животно правило во најширока смисла - умереност и рамнотежа во сè.

Здравица пред „полноќ“ и уште една чаша потоа, за наздравување на Новата година, се само дел од обичаите кои се практикуваат за време на празниците, особено кај помладата популација. 

Младите привлечени од понудата на бројни кафулиња и клубови кои нудат неограничено конзумирање на алкохолни пијалоци за симболична цена, често немаат граница, но немаат ни свест при конзумирањето алкохол и токму затоа се најбројни пациенти на кои им е дијагностицирано труење со алкохол секој 1 јануари. 

Празниците со себе носат и храна во изобилство, а има и разновидни алкохолни пијалоци. Сѐ изгледа многу примамливо, но понекогаш зад сето тоа се крие сериозен ризик по здравјето. Токму на тема празници, храна и алкохол, како да избегнеме катастрофални последици во периодот кој ни претстои, зборуваме со Вукосав Трајковски доктор по општа медицина вработен во ИМП Крива Паланка.

ЖМ: Празниците се идеално време за средби со семејството и пријателите, а во нашата традиција има богати и обилни оброци. Сепак, ваквото прејадување не е здраво, повеќето намирници кои ги консумираме лошо влијаат на нашиот организам, па дури може да доведат до катастрофални последици. Доктор  Трајковски во што точно грешиме и како сепак да се храниме здраво за време на новогодишните празници? 

- За време на новогодишните празници вообичаено подготвуваме големи количини разновидна храна, која уживаме да ја споделиме со поширокото семејство и пријатели. 

Избегнувајте полуподготвена храна со многу зачини, сосови и прекумерна количина алкохолни пијалаци. Консумирајте умерено месо и доколку е можно со помалку маснотии: пилешко или риба (скуша, лосос, туна, пастрмка). Тие се најдобрите сојузници за намалување на лошиот холестерол и одржување на маснотиите бидејќи содржат омега 3 масни киселини.  При готвењето користете масла со добар квалитет како што се маслиново, ленено, сончогледово или пченкарно. Овие масла содржат незаситени масти кои го намалуваат лошиот холестерол. Исто така, содржат природни антиоксиданти како витамин Е. Консумирајте јаткасти производи како што се ореви, бадеми, лешници, ф’стаци бидејќи тие му обезбедуваат на вашиот организам мононезаситени масти и антиоксиданти.  Изберете пијалоци без шеќер како што се вода, минерална вода, лесно газирани пијалоци без шеќер и природни свежо цедени овошни сокови. Важно е да останете добро хидрирани. Вечерајте лесна храна навечер и не прескокнувајте оброци, бидејќи тоа може да доведе до прејадување.  Заменете го мајонезот или сосевите со обезмастено млеко или посен мајонез. Евентуално можете да консумирате моцарела или друго не многу солено бело сирење. Не заборавајте на физичката активност. Иако се празници, сепак би можеле одвоите време за пешачење во парк, возење велосипед па и во домашни услови. Ова ќе ви помогне да ги согорите вишокот внесени калории. 

Здравата исхрана треба да биде навика, не само за време на празниците...


ЖМ: Празниците се голем предизвик за хедонистите и луѓе кои уживаат во храната, и тоа е во ред. На секој му треба малку опуштање и уживање, но клучот е да се биде умерен. Како да не се претера и како најлесно ќе му помогнеме на организмот? Дали можеби ако се поделат оброците и да се прави период од 3-4 часа меѓу оброк, полесно ќе се процесираат внесените намирници, што мислите? 

- Често ја покачуваме тежината за време на празниците, но ова не е неизбежно со неколку разумни навики, може да уживате во празниците и притоа да останете во форма. 

Користете помала чинија или почнете со помали порции. Направете пауза од неколку секунди и продолжете да јадете само ако сте навистина гладни, на овој начин нема да се прејадете и ќе уживате во омилените празнични јадења. Бидете физички активни во склоп на празничната рутина, семејни прошетки по вечерата или играње игри во парк, со физичка активност поставувате рамнотежа со неодоливите оброци. Пијте многу вода во текот на денот, кога ја одржувате хидрацијата, ги задоволувате потребите на телото. 

Сезонските пијалаци може да содржат многу шеќер и калории, изберете нискокалорични опции или поставете си строга граница за да не го зголемите калорискиот внес. Празничните јадења се неодоливи, меѓутоа водете сметка оброците да ви бидат богати со нутриенти, како што се интегрални житарки, зеленчук и протеин, на овој начин ќе уживате во неодоливите специјалитети без да претерувате. Празниците се време за поврзување и славење со најблиските, наместо храната да ви биде главен фокус, уживајте во разговорите и квалитетното време со семејството и со пријателите. Зборувајте повеќе и јадете помалку, на овој начин ќе изедете помалку и ќе уживате и во храната и во моментот. 

ЖМ: Многумина честопати се обидуваат емотивната празнина да ја надоместат со храната. Посебно во празничниот период храната знае да направи сериозни компликации, а ургентните центри се полнат со луѓе кои имаат разни проблеми, висок притисок...Што препорачувате Вие? 

- Јас препорачувам да јадете во пријатно опкружување и добро џвакајте ја храната, така ќе му помогнете на системот за варење. Хидрирајте се правилно, внесувајте доволно течности и редовно пијте вода за да бидете хидрирани. Јадете редовни и балансирани оброци, важно е да имате три главни оброци во денот за да ги внесете сите хранливи состојки кои му се потребни на вашето тело и кои се потребни за здраво варење. Се препорачува да не легнувате до 30 минути по оброк, вашето тело мора да ја вари храната, а ако е во хоризонтална положба може да предизвика гастроезофагеален рефлукс. Лесна прошетка помага за подобро варење на храната. 

ЖМ: За многумина божиќните и новогодишните празници, како и прославите се незамисливи без конзумирање алкохол, дури и во дозволената количина која не му штети на организмот. Алкохолот исто така е голема главоболка за многу родители и буквално е отров за организмот. Посебно младите за време на празниците најчесто не внимаваат што и како консумираат. Што во случај ако се претера со алкохол? Единствен совет на многумина е внес на многу течности? Што предлагате Вие? 

- Новогодишните и божиќните празници се денови кои се исполнети со веселба, дружба, гласна музика и многу алкохол. Но, ако испиете премногу пијачки, можете да ја претворите вашата забавна вечер, во патување кон одделот за Токсикологија. Употреба на алкохол, особено во случаи кога се зема во големи количини за краток временски период, може да предизвика оштетување на нашиот организам, и покрај мислењето на многумина и фактот дека е легален - алкохолот е психоактивна супстанца, нејзиното прекумерно консумирање предизвикува негативни ефекти врз телото, не само долгорочно, туку и моментно: во зависност од возраста, полот и времето на внесување. Пијанството, или количината од 0,08% алкохол во крвта, доведува до тоа да поединецот се чувствува порелаксиран, поради што неговите рефлекси слабеат, во некои случаи ќе има ментално затемнување и во најлош случај - забавување на виталните функции. 

Голем дел од тинејџерите не се доволно информирани за последиците од неконтролираното консумирање на алхохол. Тие само знаат дека пиењето е забавно и дека сите го прават и веруваат дека тоа ја зголемува нивната популарност. 

ЖМ: Имате ли некои податоци, што вели статистиката за возрасните граници за време на празници, колку младите се најчесто најголеми консуматори кои бараат помош во Ургентните центри? 

- Податоците покажуваат дека во Македонија се пијат просечно по 6,43 литри годишно по глава на жител. Според оваа статистика, мажите во Македонија пијат 10,36 литри наспроти жените кои пијат 2,54 литри. Податоците од година до година се менливи, границата за возраст исто така менлива...младите најчесто се најголеми консуматори кои бараат помош при труење со алхохол, а возраста од 12 до 19 години е најчеста на клиниките на Ургентните центри. 

ЖМ: Младите често прибегнуваат кон еден посебен начин на консумирање алкохол, а тоа е брзото пиење на алкохолни пијалоци, т.н. „Binge drinking“ и пијат голема количина алкохол за многу кратко време. Се дефинира како желба да се постигне брзо пијанство. Колку ова е опасно за еден млад организам? 

- Понекогаш луѓето претеруваат со пиење алкохол и внесуваат толкава количина во организмот што тој повеќе не може да поднесе. Во тој момент алкохолизираната личност губи свест, а мамурлакот што го чека наредниот ден е многу полош од обична главоболка. Консумирањето големи количини алкохол во кратко време може да доведе до невротоксично ниво на алкохол во крвта, губењето свест поради консумирање алкохол е поврзано со двоен ризик од деменција, без оглед на целокупното консумирање алкохол. 


ЖМ: Колку е лошо да се пијат различни пијалоци на празен стомак? Навлегува ли многу брзо алкохолот во крвта? 

- Ако пиете алкохол на празен стомак, тогаш тој побрзо се апсорбира во крвта и ќе почнете да имате проблеми со јасно размислување и координација на движењата. Ако стомакот ви е празен, тоа се случува побрзо. Но, ако стомакот ви е полн со храна, алкохолот влегува во вашиот крвоток побавно и безбедно. 

ЖМ: Кои се најчестите симптоми на труење со алкохол, а кои се последиците ? 

- Најчести симптоми со труење на алхохол се: Гадење, повраќње, грчеви и болки во стомак, треска, и слабост. Како да си помогнете ? Одморете го желудникот, не јадете неколку часа, пијте многу вода, јадете лесна храна, избегнувајте одредена храна и супстанции додека не се чустувате подобро, добро одморете се, и не користите лекови.... 

ЖМ: Која група на луѓе мора да биде највнимателна при внесот на алкохол?

- Алкохолот сам по себе прави доволно штета. Пациенти со дијабетес...алхохолот може брзо да го подигне нивото на шеќер во крвта, па затоа не се препорачува за дијабетичари. Луѓето со прекумерна тежина, ако сте во процес на слабеење, можеби е во ваш најдобар интерес да избегнувате алхохол, бидејќи има многу калории и речиси и да нема хранлива вредност. Луѓе со синдром на нервозно дебело, луѓето со проблеми со црниот дроб, веројатно е јасно дека алкохолот е штетен за црниот дроб. Луѓе кои имаат проблем со „киселини“ ако страдате од „киселини“, тргнете го алхохолот од списокот на пијалоци што смеете да ги консумирате. Без разлика дали припаѓате на некоја од претходно споменатите групи на луѓе, многу е важно умерено да консумирате алкохол и да се грижите за вашето здравје. 


Ирена Ставрова