Како го запознав вистинскиот Дедо Мраз?
Предновогодишниот и предпразничниот период е можеби еден од најубавите во текот на целата година (ОК и годишните одмори). Уште како деца сите добивавме поклончиња и пакетчиња од нашите најблиски и се радувавме на средбата со најсаканиот дедо на светот, Дедо Мраз. Драги мои, јас се’ уште се чувствувам како дете во овој период, кога се радувам на секој украс во продавниците, на секоја елка, секоја декорација ми буди насмевка на моето лице. И колку и да веруваме или не во Дедо Мраз , детето во нас сака да се почувствува магично и како дел од бајка. Оваа година имав можност да го запознаам вистинскиот Дедо Мраз од Лапонија кој допатува од Финска во Будимпешта да се дружи со децата, но и со нас повозрасните кои се’ уште вака или онака веруваме во магијата на празниците.
Голема редица од луѓе токму во центарот на градот, на плоштадот Воросмарти, чека за да се фотографира со најсаканиот дедо на светот. Се разбира и јас :)
Лапонија во Финска е домот на еден од најпознатите ликови во светот, земјата на зимските бајки, земја на авантура и несекојдневна забава, матичното место на Дедо Мраз, ирвасите, глечерите и номадските племиња Сами. Иако не е држава, зазема простор кој го сочинуваат 4 држави, односно, се наоѓа на северниот дел на Финска.
Ликот на Дедо Мраз потекнува од холандскиот лик Синтерклас, кој е дел од хагиографските приказни, во кои се раскажува за Свети Никола, историска личност која дели подароци. Дедо Мраз се опишува како дебел, насмеан човек, со бела брада и мустаќи, кој носи црвено палто и панталони со бели краеви, црн колан и чизми. Оваа слика за Дедо Мраз станала популарна во 19 век, во Канада и Америка, како резултат на значајното влијание на карикатуристот Томас Наст. Ликот на Дедо Мраз бил претставуван на радио, телевизија, во песните, детските книги и во филмовите. Развивањето на ликот на Дедо Мраз во Северна Америка во 19. и 20. век влијаело врз модерната перцепција во Европа за Татко Божиќ, Синтерклас и Свети Никола.
Според традицијата која датира од 1820 година, Дедо Мраз живее на Северниот Пол, со голем број магични џуџиња и осум или девет ирваси кои летаат. Од 20. век, Дедо Мраз почнува да прави список на деца од целиот свет, кој го дели на две групи. Во едната се послушните на кои им носи играчки и слатки, а во другата оние непослушните кои ги „дарува“ со јаглен на Бадник. Сето ова тој го постигнува со помош од неговите џуџиња, кои во својата работилница ги изработуваат играчките и со помош на ирвасите кои ја влечат неговата санка.
Северноамериканските традиции поврзани со Дедо Мраз потекнуваат од голем број на божиќни обичаи од различни држави. Некои ритуали, како на пример посетувањето на Дедо Мраз во стоковните куќи, се случуваат денови пред Божик, додека, пак, други ритуали, како што е приготвувањето закуска за Дедо Мраз, се врши само на Бадниковата вечер. Поставувањето на чорапи, во кои Дедо Мраз остава подароци е многу стар обичај, кој се’ уште се практикува. Постојат и современи изуми, како на пример, интернет страница (NORAD), на која во време на божиќниот период може да се следи летањето на Дедо Мраз со санка низ небото.
Како и секој кој се ракуваше и фотографираше со Дедо Мраз и јас му ја шепнав мојата желба. А што си посакав за 2019? Останува да ви откријам со почетокот на следната година. Дотогаш ви подарувам на сите една искрена прегратка со уште поискрени желби! Отворете ги вашите срца, нека секој ден биде исполнет со насмевки и љубов. Помагајте каде и колку што можете. Волонтирајте, направете го овој свет секој ден подобро место за живеење затоа шти се’ тргнува од нас. Дарувајте среќа и ќе ви се врати дупло како бумеранг. Ве гушкам драги мои читатели и читателки :), се дружиме и следната година со уште поинтересни патувачки мигови.
Неда Маретиќ