Кампувавме три дена на Шар Планина на -20 °C: Тетовчанката Ирина за екстремното искуство

Добивај вести на Viber

Љубовта кон планината и природата воедно дефинитивно не знае за граници... Тоа го докажува и планинарската двојка Ирина Дишовска и Лазо Миновски, кои направија еден голем подвиг- кампување на ветришта и виулици на снежната Шар Планина, на минусни температури кои се спуштија дури и 20 спепени под нулата, а беа „feels like -30“.

За ваквото екстремно искуство, ексклузивно за Женски Магазин, раскажува Ирина, по професија правник, но по пасија планинарка која исто така искачува и карпи, и се подготвува за некои посериозни Алпски или можеби и Хималајски врвови.

* Од кога се бавите со искачување?

Со искачување планини се бавам од мои 15 години, иако последниве 5 години сум најактивна. Јас сум родена и израсната во Тетово, па претпоставувам дека тоа природно доаѓа за ние кои сме родени во градот под Шара. Мој прв матичен планинарски клуб во кој бев зачленета е ПК „Љуботен“ од Тетово, но откако сменив адреса на живеење во Скопје, се зачленив во „I love hiking“ од Скопје.

* Дали е тоа аматерски или професионално?
- Многумина ме имаат прашано дали се бавам професионално со овој спорт, но јас сметам дека планинарењето не може да биде професија. Тоа е пасија, која станува секојдневие, и го менува начинот на живот. Професија може да биде платен спорт, како што е фудбалот или ракометот на пример.


* Од каде идејата за кампување на минусни температури додека вее снег на планина?
- Верувам дека сите планинари кои имаат амбиции да искачуваат високогорски врвови, имаат вакви или слични идеи и подвизи. Оваа идеја е директно поврзана со мојата замисла еден ден да се видам искачена на некој Хималајски врв. Според тоа, кампувањето на минусни температури треба да биде нешто со кое ќе морам да се сносам на Хималаите, и мора од некаде да се почне. Шар Планина во зима е совршен избор за вакви припреми.

* Немавте ли страв дека може да останете затрупани и отсечени?
- Хахах. Нема да ве лажам дека стравот не постои во нас. Се разбира дека на моменти размислувавме што би се случило доколку останеме затрупани, и на кој начин би се извлекле од една таква ситуација. Сепак, ние бевме комплетно опремени за овој зимски камп, до најситни детали. Едноставно не оставивме ништо на случајност.

* Што ви пружаше заштита?

- Веројатно најголема заштита пружа шаторот. За зимски кампинг најбитно е да се има добра опрема, а под тоа подразбирам шатор за кампување во зимски услови, кој нема да дозволи да се скине или да одлета од силните ветришта.

* Колку е ова безбедно што го правите со оглед на тоа дека минатата година имавме случај кога за жал двајца планинари починаа поради лоши временски услови?

- Уф, навистина трагичен настан кој ги обележа животите на сите планинари. Повторно ќе напоменам, за овој кампинг и јас и мојот партнер Лазо бевме во совршена психофизичка кондиција. Тоа е веројатно најважната работа пред тргнување. Во однос на безбедноста, морам да кажам дека клучно за еден ваков подвиг, освен психофизичката подготвеност е опремата. Со правилно и добро избрана опрема на планина, ризикот за несреќа се сведува на минимум. Во тој поглед, освен шатор за зимски услови, имавме со нас вреќи за спиење за температури до минус 50 степени целзиусови под нулата. На нас носевме експедициски зимски кондури, кои исто така гарантираат топла нога до минус 50 степени целзиусови. Јакни перјани и јакни горетекс - непропустлив материјал на ветер и вода/снег.

Ракавици, капи, наочари, чорапи, слоевита облека во која доминира мерино волна итн. Носиме лопати за копање на снегот каде што се поставува кампот (кои притоа се користат и за копање на снег при затрупување на некој планинар од лавина), цепини и дерези со кои искачувањето по замрзнат снег е лесно изводливо, и скоро е невозможно излизгување.

Освен овие работи, во мојот ранец секогаш, БЕЗ ИСКЛУЧОК носам неколку комада астро фолија (која тежи само 65г) и која помага за задржување на топлината на телото при невреме и минусни температури, грејачи за раце и нозе за еднократна употреба, како и опрема за прва помош - завои, фластери, стегачи, гелови против болка и слично. Верувам дека секој еден планинар со соодветна опрема, го задржува правото да искачува во зимски услови. Оние пак кои не носат правилна опрема во зима, за жал се оние кои најчесто премрзнуваат во зимски услови, и повеќе не пробуваат да се качат на едно такво време.

* Мотивација која Ве води низ животот?
- „Distance yourself a bit, you’ll realize a lot“. Дефинитивно на планините имаме простор и време да се дистанцираме од секојдневните гужви во градот, кои нескромно ќе кажам дека ме гушат, па на овој начин поинаку го согледувам и доживувам животот.

Д. Караташова Илиоска