Кардиохирургот Јовев и сопругата Ана: Нè движи посебна синергија

Архитектката Ана Јовева е пријатна и креативна млада дама, со која можат да се водат долги и имагинативни муабети за сликарството, архитектурата, фотографијата, музиката, за глобалните трендови и локалните радости. Но, таа е и првата на која кардиохирургот проф. д-р. Сашко Јовев, раководител на тимот што ја изведе првата срцева трансплантација кај нас, и се јави во ноќта по историскиот зафат за да и соопшти: „Ана, новото срце чука!“.

Какво е значењето на сопругите на луѓето кои извршуваат стресни и одговорни задачи, се прашавме пред да ја сретнеме Ана, сопруга на проф. д-р Јовев, откако првата срцева трансплантација кај нас веќе е сместена во историјата на македонското здравство.

-Мојот сопруг подолго време се подготвуваше за ова, а јас како негова перманентна подршка, го очекував тоа, на некој начин. Но, кога ми кажа дека постои донор и пациент хоспитализиран на клиниката во крајно тешка состојба, знаев дека веќе нема назад. Првото чувство кое ме обзема беше екстремната одговорност која се исправи пред мојот сопруг и нашето семејство. Тој го изведе зафатот, ама сите посредно учествувавме. Не е баш дека ова ни беше прво чувство на сериозна одговорност, но беше нешто навистина посебно. Би сакала јавно да го изразам моето сочуство до семејството Диневи и да изразам почит за нивниот хуман гест – вели Ана.

Многу труд, знаење, ентузијазам и адреналин се вложени во овој историски зафат. „Вредеше“ е веројатно недоволно соодветен глагол за да се опише сè што доведе до успешна завршница на првата срцева трансплантација.

-Напротив, „вредеше“ е многу едноставен, а силен и непобитен глагол – хируршки прецизно коментира др. Јовев, кој поддршката на Ана во целиот овој процес ја опишува како „безрезервна, пожртвувана, мудра и силна“.

Како архитект, инжинер и дизајнер со повеќе менаџерски позиции зад себе во неколку земји, каде што Јовеви ги одвеле професионалните патишта, Ана има 20-ина години искуство во изградбата и уредувањето на повеќе јавни објекти на Блискиот Исток и во Европа. Живееле во Кувајт, Израел, Швајцарија, Германија... Сашко стекнал две специјализации за кардио и торакална хирургија, а Ана работела како консултант и експерт за изградба, пред сè, на болници.

-Имав среќа да работам во познати светски реномирани компании, како Alghanim International во соработка со корејската SAMOO Architects and Engineers во Кувајт и да бидам еден од тимот инженери за дизајн и изведба на супермодерни болници, искуство кое за жал, некако не можам да го искористам овде – раскажува Ана.

Ова искуство во странство некако природно ја продолжува нејзината професионална кариера започната, по дипломирањето на Архитектонскиот факултет и магистериумот на Американ колеџ, со изведбата на болницата „Ремедика“ во Скопје.

-Постојано се надополнувавме во нашите амбиции. Секогаш амбициите и успехот на Сашко беа поголема мотивација за мене, да го поддржам и неговите амбиции да ми бидат патоказ и мотив за реализација на моите професионални цели. Тоа беше посебна синергија. Таа енергија, ако еднаш ја доживеете и разберете како клуч за сите бариери, е единствено решение и водилка да се направи вистинското. Таа ме фокусираше да откријам што е важно и приоритетно во дадени моменти, креирајќи ја нашата иднина и цели. Низ нашиот живот имав јасни и чисти витални одлуки за кои верував дека ќе вродат со плод. Ние некако заедно растевме. И зафатот е само одговор на долгогодишниот пат кој го изодевме на секое ниво – раскажува Ана.

Денес Сашко и Ана се сопственици на респектирачки лични кариери и родители на 11-годишна ќерка. Нивната заедничка приказна е исткаена од љубов и поддршка, разбирање и толеранција. Каде се среќаваат архитектурата на Ана и кардихирургијата на Сашко?

-Во инвентивноста. Во потребата да си вљубен во нив. Во специфичноста и комплексноста. Во убавината. Во резултатот кој е видлив. Во трудот кој треба да се вложи. Во вештините и искуството. Во уметноста..., набројува Ана.

За разлика од неа, др. Јовев е поконцизен во својата споредба.

-Обете професии имаат хуман карактер. Се среќаваат во желбата за творење, во прецизноста и софистицираноста во изразот – вели тој.

А желбата за творење не е исцрпена само со архитектурата како професионален предизвик на Ана. Таа посветено се занимава и со фотографија. Со нејзиниот објектив регистрира архитектура, животни предизвици, патувачки искуства, а успешноста на оваа нејзина пасија е потврдена и со неколку меѓународни награди.

- Би ги издвоила наградата на ND Mmagazine, bronze star awards и Fine Art Photography Awards. Успеав да станам редовен член, а потоа и стандард  директор  на Photography Society of America worldwide за нашиот регион. И тоа е вид на награда – се смешка Ана.

Оваа убава приказна за важноста на поддршката и заедништвото, значајни исто толку колку и слободата во изборот на личните цели, ја завршуваме со трик-прашање за Ана. Дали со сопруг – кардиохирург, понекогаш стравува од скршено срце?  

-Се разбира не. Напротив, нашите срца се секогаш полни со љубов.

Трик-прашањето за др. Јовев гласи: како го прима наеднаш зголемениот интерес на јавноста за лекарската фела?

-Конечно се поправа една за нас историска неправда. Конечно заслуга добиваат оние кои треба да ја добијат.

Јасна Франговска