Каролина испеа песна во чест на Масимо Савиќ- маестрален концерт со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски (ГАЛЕРИЈА)
„Езеро мое“ е песна која сите ја сакаме, но нејзината убавина сношти доби уште повеќе на тежина, откако ја испеа Каролина Гочева заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.
И уште многу други подзаборавени, а за некого досега неслушнати македонски поп-бисери.
Првиот од петте закажани концерти, „Песни за љубов и копнеж“, новиот и исклучително моќен проект на ова трио беше емотивно сеќавање на песните на Димитар Масевски, Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица и таткото на Дуке, Тодор Бојаџиев.
Дуке имал прекрасно и со богата музика исполнето детство, израснал слушајќи го татко му, големиот композитор како создава безвременски мелодии во нивниот дом, кои подоцна ги слушал на фестивалите. И токму воден од овие убави сеќавања, заедно со Каролина и врвниот кларинетист, долго време ги бирале овие песни. И направиле полн погодок.
Редок спој на чистот, моќен глас на Каролина, виртуозот Исмаил Лумановски, и Дуке на клавир, како некој што заслужува поклон што им дал нов живот на овие песни. Секоја од нив носи своја приказна.
-За песната „Ни на на“ како дете мислев дека е љубовна песна, но подоцна дознав дека Јане Коџабашија го напишал текстот за неговата мајка. Тој бил дел од децата бегалци од Егејска Македонија, тогаш ја загубил својата мајка, и во песната раскажал за неговото детство без неа“, раскажа Дуке.
Тој го нагласи неговото пријателство со семејството Масевски, а покојниот композитор бил негов голем поддржувач. Оттаму, прекрасната „Приспивна за реката“, или народски „Нан нуни нан, на бисерен бран“, заслужено го нашла местото на овој албум, а Каролина маестрално ја испеа.
Многу емотивна изведба на неговата авторска песна „Татко“ донесе Каролина, мал сегмент од многуте што ќе се памети, но и посветата за Масимо Савиќ.
-Непосредно пред да излеземе на сцена, нè пречека веста дека нè напуштил мојот пријател, пријател на „Авалон продукција“, големиот уметник, Масимо Савиќ. Тој требаше да настапи на оваа сцена за два месеци. Оваа песна му ја посветуваме нему, рече Каролина и ја испеа „На овој ден“.
Откри и дека е посбено врзана за, „За нас почнува живот“, од Даниела Панчетовиќ. Посебно место во срцето на Дуке има и „Не ме запирај“, исто така песна од Бојаџиев. А, сè започна од нивниот заеднички настап, на ова трио кое Бојаџиев го нарекува „дрим тим“, во 2016 година.
На концертот на Дуке во Скопје, Каролина ја испеа „Празно е без оваа љубов“, и постепено почнала да се создава идејата за оживување на овие песни. „Последна солза“ на пример, Масевски ја напишал во 1952 година, кога имал само 16 години, а е изведена во 1957, како прва македонска песна наменета за југословенската публика.
Концерот кој се следи без да трепнеш помина додека да трепнеш. Заврши со „Еден бакеж“ на бис, а почна со „Идила“, како симболична најава дека целатата вечер ќе биде идила.
Вечерва се вториот и третиот концерт во истата сала, а последните два во недела, од 20 и од 22.30 часот. Сите посетители на крајот го дибија новиот албум „Песни за љубов и копнеж“, ретко богатство насловено според песна на Дуке, која исто така беше изведена на концертот.
Милица Џаровска
Фото:Ѕвонко Плавевски
ГАЛЕРИЈА: